Наум Стоилковски

Поддржувањето на сè што е добро за државата и македонскиот народ е став којшто само во очите на владиниот тим за креирање на вистина преку пласирање на лажни вести може да биде протолкувано како одрекување од идеологот на македонската борба Гоце Делчев или прифаќање на иредентистички ставови за културната, јазичната и за историската македонска посебност.

По сите анационални, амакедонски изјави и говори на државни функционери, како од претседател на држава, по понизното поклонување на македонски премиер пред македонски личности како бугарски, по сите државни настапи каде Македонија и Македонците се прикажани како крадци на туѓа историја и традиција, на луѓе без корен, „главен проблем“ на Балканскиот Полуостров, по сета распродажба на македонските национални интереси, владиното министерство за вистина бесрамно се втурнаа во креирање на лажни вести и ставање на неизговорени зборови во устата на опозицијата.

Колку и да се сака сега пред избори, колку и власта да изискува лажна атмосфера на „споделена одговорност“ за девастацијата на македонското општество и се’ она што неа ја сочинува, традицијата, културата, историјата и посебноста, тоа е невозможно. Најмалку со лажните вести креирани од власта. Едноставно затоа што не е вистина.

Владините орди на веќе препознатлив начин реагираат по наредба да не се штеди на ништо, на никого, најмалку на личниот интегритет или на националните интереси. Тоа се случи на локалните избори, се преживеа на претседателските избори, се виде за време на компромитирање на граѓанските собири против промената на Уставот, се притиска за злоупотреба на институции, полицајки „се удираа“ во пајак- служба, се отвораа корупциски досиеја без основа само и само за оцрнување на името на опозицискиот „противник“ пред избори, за потоа да нема ниту извинување.

Актуелниот мотив, средбите на конгресот на ЕПП, е само последен показател дека власта е генераторот на лажни вести против опозицијата. А ако не газат врз честа и достоинството на опозицијата и оние кои размислуваат како нив, неверувајќи во лагите за блескање, тогаш креираат лажна слика за власта. Власта е изворот од каде се штелуваше интервју на премиерот објавено преку државната агенција иако видеото остана непресечен доказ за вистината. Владините спинери касапеа говор од официјален настап на премиерот каде тој тврди дека холокаустот е „еврејска традиција“. Се бришеа навредите од премиерот фатен во криминал и корупција кои што тој ги упатуваше кон цели заедници и новинарската фела. Се туркаа под тепих изјавите дека „трети сили“ ги плаќале навивачките групи за политичко влијание.

А ако и нешто им излезе од контрола во јавноста, тогаш се тужат новинари, се повикуваат во полициски станици, се дисфалификуваат довчерашни соборци, се влетува во медиуми. Се притвораат опозициски функционери, се вршат претреси на нивни автомобили.

Сега е повторно предизборие, ама разликата е што сега овие пиарџиски орди се соочени со свесноста поткрепена со анкетите за можен вистински изборен дебакл. Владиниот сектор за лажните вести и креирана вистина е пуштен на најјако. И сега се пуштаат најголемите лаги, се слушаат зборови кои не се кажани, се изведуваат заклучоци кои немаат основа. И тоа е и главната работа на половина влада, спинување лаги за покривање на криминалот и корупцијата во која е вмрежена другата половина од власта.

Но, сокривањето на криминалот и корупцијата повеќе не се дозатскрива само со лагите за „Блескање“. Истите орди си поигруваа со поговорката „вистината е како шило“, ама сега сокриени во подрумот многу шилци им ја дупат кожата. Во оваа втора и последна фаза од животот на цело едно министерство за креирање вистина преку лажни вести, главна задача ќе биде сеење отровни лаги и всадување што поголема омраза меѓу луѓето. Па веќе почнаа поткрепите на фантазмите за „сечењата грмушки“ и глорификации на „соништа за убиства“.

Македонската демократија за жал и по 30 години се’ уште е кревка. И се додека ваквите лажни вести, креирани и изведени наслови, ваквите спинови доминираат во медиумите, класични и „модерни“, само заради политички мотивираната зависност и финансиска потчинетост, нема да се направи ни најмал исчекор кон иднината.

За среќа тој кој што ја спонзорира(ше) ордата лажговци во подрумот на владата ќе замине за 40-ина дена во македонската мрачна историја, а доживотно, „Додека дише“ ќе го следат изјавите „да не ја обесчестиме, обезличиме“, за „Жичката“, за „дедовината“… Ќе замине со етикета на „Го донеле Заев да го смени името, Ајде Мајкатаа“!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.