Петар Поп Арсов

Влада за национален спас не може да се прави со министри и ликови од влада за национална пропаст! Да бидеме прецизни, со ликови од актуелнава влада! Прво тоа да го расчистиме! Оние кои што довеле до пропаст, не можат да бидат спасот за оваа земја во некоја нова влада, каква и да биде таа!

Довербата на владата, која што пред десетина дена беше изгласана на мускули, ја покажа целата беда, површност и измамнички начин на функционирање на сите досегашни влади на Заев. Функционирање врз база на создавање привид дека политичката состојба е стабилна, државата се движи во посакуваната насока, а состојбата со сите тековни предизвици е под целосна контрола.

Но, тоа е само привид! Фатаморгана! Илузија на стабилност која траеше само ден или два.

Собранието не функционира! Заглавени се повеќе закони кои треба, но и оние кои не треба да бидат донесени. Кворум нема! Владиното мнозинство преку ноќ се стопи под налетот на политичките еквилибристики и суровата реалност на сеприсутниот Ковид 19. Едни најавуваат самостојно делување, други веќе ја напуштиле заедничката пратеничка група на владејачкото мнозинство, трети внатрешно се пресметуваат, а пратениците погодените од Ковид 19 ја немаат можноста да придонесат во собраниските активности преку реализирањето на онаа луда идеја за online работа на Парламентот.

И ете го спасоносниот предлог! Од кој друг ако не од премиерот?! Широка коалиција, предложи Заев! Влада за национален спас!

Спас?! Од кого? Од кого треба да се спасуваме?

Веројатно од оние кои што максимално ја понижија сопствената земја и ја доведоа во подредена положба пред други земји. Спас од еден министер за здравство кој безобразно ја лаже целокупната македонска јавност за набавката на вакцини и веќе заборавената медицинска опрема која беше најголемиот проблем на почетокот на пандемијата?! Спас од министер кој ја претвори сопствената земја во еден од лидерите по смртност во светот?! Спас од министер и премиер кои се живи фатени и објавени во јавноста во нивниот обид за коруптивна набавка на вакцини од Кина?! Спас од здравствен систем во кој родилки остануваат без здрави органи?!

Дали е потребен спас од министерката за одбрана чија што армија е оценета за една од најслабите во светот, ако не и најслаба. Згора на тоа НАТО членка. „Пресреќен“ е НАТО со таква армија на сопствената членка.

Можеби е потребен спас од „владиниот иновативен“ начин на набавка на системи кои самите ги иновирале, спровеле постапка за набавка и си ги платиле самите на себе. Рашковски и Заев повторно и повторно во главните улоги. Можеби од ова Заев бара спас. Од самиот себе и постојаните повторувања на коруптивни скандали од едни исти луѓе од неговото опкружување.

Се спомнува и некаков шверц на тутун од блиски луѓе на еден карикатурален министер кој веќе еднаш беше „изметен со метлата на Заев“ поради неговата неспособност и коруптивни афинитети. Можеби и од тоа ни треба спас?

Зарем ќе треба да се спасуваме од „квалитетното и навремено“ управување со Ковид кризата која ја исклучи државата од финансиската помош на ЕУ. „Квалитетно управување“?! Не можам да замислам дека Димитров им верува на сопствените зборови кои самиот ги кажа? Каде е оној „слободоумен демократ“ кој не се либеше да упати критика на сопствените колеги и шефови во моментите кога сметаше дека погрешно постапуваат?! Слободоумни демократи виреат во услови на демократско опкружување. Во хибридни режими и диктатура, даваат изјави како онаа, неговата последна!

Можеби помошта од ЕУ немаше да биде чамец или гума за наше спасување, но секоја подадена рака, макар и обична сламка за спасување, ќе претставува добредојдена помош за спас на овој народ од неспособноста на сопствената влада.

Дали Заев мислеше на спас од самиот себе и спас од погоре споменатите ликови, кога го пушти пробниот балон за Влада на национален спас?

Секако дека не!

Тој и неговите се „добрите дечки“! „Лошите“ се од спротивната страна!

Шокантен беше неговиот предлог за широка коалиција со кастинг кој што тој самиот би го правел. „Овој може, оној не може!“. Би правел коалиција со ВМРО, но со кадри по негов избор. Кадри кои можеби ги држи за …, пардон, под уцена и игра на единствената карта за спас на неговиот режим, разнебитувањето на опозицијата. Тој да ги избира министрите, а ВМРО да му ги даде пратениците за да ја „спаси“ Македонија.

Генијалец!

Влада за национален спас, да!

Потребна и е на Македонија! Не заради самата влада, туку заради спасување на народот и државата. Но, влада со премиер и министри кои доведоа до национална пропаст, благо речено, е апсурд! Луѓето кои се дел од проблемот не можат да бидат дел од неговото решение! Излитена фраза, но за жал тоа е вистината.

ВМРО мора да изрази подготвеност за учество и придонес во влада која ќе има задача да ја спаси државата од пропаст, особено во услови на ваков однос на политичките сили како што владеат во моментов. Но, не по цена на амнестирање на криминалите, корупцијата и неспособноста на актуелната владина гарнитура во случај на заедничко учество со истите министерски ликови. Актуелново раководство на ВМРО во никој случај не смее да прифати ризик да учествува во влада во која само ќе го вложи името на сопствената партија и во која, освен споделена одговорност за неспособност и неуспеси, нема да произлезе никаква друга додадена вредност. Влада преку која ќе нанесе огромна штета, како на државата така и на самата себе како партија која го претставува македонскиот народ.

Впрочем, примерот со техничката влада за спроведување на изборите во 2020 година е доволно искуство кое треба да послужи при носењето на правилните одлуки. Учество во влада, без да се земат сите полуги на раководење и одговорност во ресорите во кои ќе се учествува, ќе биде само една обична реприза на она што го гледавме пред изборите во 2020 година. Гледавме како пред носот на министрите се одвиваше поткуп на гласачи, додека тие беа затворени во сопствените кабинети. Гледавме пресконференции за лична промоција после кои цел ресор беше оставен на цедило, а подржувачите и гласачите на политиките на опозицијата оставени на милост и немилост на хибридниот режим и неговите криминални методи на владеење. Гледавме целосна неактивност и отсуство на реакција во услови на партиски вработувања во предизборниот период. Гледавме „фејсбук вратоломии“ од посети по подрачни единици, сликички од „министерски“ тимови по кабинети, од кои подоцна некои останаа и без работа. Останаа без работа благодарение на ноншалантниот пристап, од една страна и бруталниот однос на власта, од друга страна.

Таква авантура на ВМРО во моментов не му е потребна. Не и е потребна ниту на Македонија.

На Македоија и треба вистинска Влада за национален спас! Влада со нови луѓе! Луѓе со капацитет и интегритет кои што ќе се фатат во костец со проблемите и ќе пристапат кон нивно темелно решавање. Влада која ќе има политичка стабилност да се справи со предизвиците кои што ги наметнува Бугарија и која што ќе го продолжи евроинтегративниот процес на државата на достоен и прифатлив начин за македонските граѓани. Влада која ќе создаде услови за вистинска демократска борба и демократски избори. Влада која што ќе овозможи непречено спроведување на правото и правдата во државата.

Како?

Добро прашање!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.