Петар Поп Арсов

Денес бираме влада. Требаше да биде реформска, стабилна, подготвена да се справи со сите кризи кои што неминовно следат. Требаше да биде влада на национален спас. Влада поддржана од доволно мнозинство кое ќе стави крај на сите отстапки, изнудени компромиси, квазиреформи и постојаното распродавање на националните интереси. Влада која ќе има повеќе од доволна политичка поткрепа со цел да се справи со сите девијации, криминали и руиниран систем на вредности во македонското општество. Влада која нема да зависи од неколку пратеници, добро конектирани со македонското политичко подземје, кои ќе бидат факторот кој одлучува во секоја прилика. Влада која ќе има сила да расчисти со канцерот во македонската политичка и севкупно општествена сцена и конечно ќе го тргне моќното и добро организирано политичко-мафијашко подземје од грбот на македонскиот граѓанин.

Политичко-мафијашко подземје? Кои се па сега тие? Од каде оваа формулација? Нели имаме помитички партии, СДСМ, ВМРО, ДУИ, Алијанса-Алтернатива, Левица,  БЕСА, итн.?! Овие прашања сами по себе говорат дека сме навикнати да живееме во таква општествена „екосредина“ во која веќе сосема нормално егзистираме во присуството на перманентна контаминација со политичките ПМ-10 честички. Немаме потреба ниту од маски, ниту од ракавици, ниту од дезинфекција, ниту пак од ментална дистанца со загадувачите на македонското општество.

Имаме имунитет! Имунитет, стекнат низ годините на постојана борба на македонскиот организам со разно разни агресивни и помалку агресивни патогени општествени појави. Имаме имунитет на стадото! Со акцент на стадото, за жал!

Не е случајно тоа што сосема мирно и како нешто нормално ги прифаќаме сите модификации на нашата држава кои, како што тргнала работата, ќе отидат до најсофистицираните генетски модификации на идентитетот на македонскиот организам. И сето тоа без никаква реакција, никаква вистинска реакција од актуелната македонска политичка елита, независно дали припаѓа на десницата, левицата или на некои трети. Се некако слабо, млитаво, демек конструктивно, процедурално, деловнички, експертски, тротинетски.

Ќе избереме влада! Каква влада? Влада на национална пропаст?!

Ќе избереме влада која ќе се бори за пратеник повеќе, и тоа од спротивниот табор. Таборот за кој граѓаните јасно и недвосмислено го дадоа својот глас со надеж и очекување дека ова зло ќе си замине. Ќе имаме влада која ќе бара, притиска, уценува, заплашува токму во спротивниот табор, кој благодарение на математичката непрецизност дозволи да му се одлеат и дисперзираат околу седумдесет илјади опозициони гласови, останувајќи десетина пратиника во минус. Ќе избереме влада која уште од првиот ден ќе се обидува да купи, поткупи, корумпира таму кај што најмалку смее тоа да го прави, во законодавниот дом. Не случајно ГРЕКО, телото на Советот на Европа за справување со корупција, спроведува цел циклус на евалуација посветен токму на корупцијата на највисокото ниво во политиката, законодавната власт. Залудни ќе станат сите досегашни укажувања и забелешки кои доаѓаа на македонска адреса од оваа организација. Толку околу почитувањето на европските стандарди и вредности од страна на оваа политичка гарнитура. Тука почнува и завршува гласно најавуваната борба против криминалот и корупцијата.

Ќе избереме премиер кој и предходно се колнеше во правдата и правдината. Се колнеше во Специјалното јавно обвинителство, во борбата против криминалот и корупцијата, се колнеше во решителноста за зачувувањето на името на државата. Ќе избереме премиер кој ветуваше живот за сите и плата од петстотини евра. Ќе избереме премиер кој се прослави со своите гафови, дома и надвор. Ќе избереме премиер во чиј мандат се создадоа услови за пропаѓање на една македонска банка, премиер кој ја урниса македонската економија и енормно ја задолжи државата. Ќе избереме премиер чиј хибриден режим не почитува ниту закон, ниту устав, ниту домашни, ниту меѓународни правни норми и стандарди.

Ќе избереме вицепремиер за евроинтеграции кој ќе треба да го обезбеди долго очекуваниот почеток на преговори со ЕУ. Ако судиме според начинот и отстапките кои што беа направени при нашето зачленување во НАТО, речиси сигурно е дека мајсторот за компромиси на штета на сопствениот народ, ќе направи се за да ја постигне и оваа цел со распродавање на македонските национални вредности. Овој пат на удар ќе биде македонскиот јазик.

Што да се каже за актуелната и идна министерка за одбрана? Зар треба нешто да се каже? Синоним за контаминираната македонска политичка реалност. Нешто како „осмиот патник“ во македонскиот организам, за кој современата наука сè уште не пронашла лек. Мораме постојано да го носиме и со него егзистираме благодарение на стекнатиот личен и групен имунитет.

За останатите кандидати за министри нема потреба да се троши ниту простор за пишување ниту време за читање. Паразитската концепција на оваа политичка гарнитура многу бргу ќе ги даде ефектите од сопственото функционирање. Задолжувањето, постојаното трошење и разграбување на она што со години е создавано, проследено со целосно отсуство на реализација на проекти од витален интерес на државата, најубаво ја доловува онаа паразитска карактеристика на старо-новата влада. Но, овој пат не сум убеден дека имунитетот на стадото ќе биде доволно силен и да го заштити македонскиот организам од разорното дејство на владата на национална пропаст. Некој некого ќе укине! И тоа за кратко време. Владата народот или народот владата?! До сега секогаш беше она второто!

Испуштен е моментот да се избере влада поддржана од широка коалиција. Влада која ќе ја стабилизира Македонија на краток и среден рок. Испуштен е моментот за создавање на мнозинство кое ќе овозможи простор за реформи во сите сегменти од македонското општество и непречено расчистување и дератизација на политичко-мафијашкото подземје. Испуштен е моментот на фаќање приклучок со светските текови на прилагодување на новата реалност. Новата реалност, во која потпирањето врз сопствените сили е карактеристика на современото функционирање на секоја држава, како основа за сојуз и соработка со сличните на себе. Испуштен е моментот за избавување на земјата од надолниот тренд во секоја област и нејзино доведување во позиција да биде макар малку слична со земјите од ЕУ. Остануваме заковани на балканското дно со тенденција за дефинитивно враќање кон менталната свест од времето кога Македонецот се чувствуваше како „македонче“. Тоа се вредностите кои ни ги наметнува оваа влада. Тоа е таа матрица на инфериорност, потчинетост и подреденост  која постои во нивните глави, како единствена можна опција за егзистирање на македонскиот народ.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.