Алдо Климан

Една од страшните несреќи што глобалистичкото лудило ги донесе и во Македонија, и со чиј деструктивен, а од хуманистички и духовен аспект и смртоносен вирус, за жал, трагично се инфицираа редица македонски (сега апсолутно трагикомични глобалистички) интелектуалци  – тоа е дека Македонија им е многу мала, дека и Европа им е многу мала, па дека дури им е мал и целиот свет, а оти тие се веќе такви остварени незаобиколни светски големини што можат да си дозволат самозаљубено, од високо, надуено, ex cathedra, да зборуваат најординарни глупости, да морализираат и да развиваат свои сопствени и импортирани ступидни социо-политички тези и теории, не потпирајќи ги врз ништо, освен врз своите поместени фантазии и длабоката идеолошко-политичка индоктринираност, како да кажуваат најголеми, неодминливи и научно непобитни цивилизациски вистини.

Но не треба посебно да се докажува дека големината на егзистенцијалниот и национален простор воопшто не е важна за во него сѐ да биде навистина и големо и вредно. На секој чекор низ светот и низ севкупната историја на човечката цивилизација имаме безброј примери што го потврдуваат тоа, и како факт, и како правило. Така е и со Македонија. И токму оттаму доаѓа и сета онаа вековна бесна острвеност од сите страни за да ни го одземат тоа мало парче земја, но и огромното, оригинално богатство создадено од еден мал, вдахновен и тивок народ.

Затоа, колку и да е голем и непрегледен егзистенцијалниот простор, со сите негови опојни, најсуптилни, преубави, слоевити и инспиративни разнообразности, за оној си кутар, изгубен човек на кој неговата лична ментална и морална клаустрофобија не му дозволуваат да ја согледа и да ја доживее имаментната, космичка големина дури и на малите, прекрасни национални и духовни светови, вистински цивилизациски бисери, како што е впрочем и чудесниот мал-голем свет на нашиот древен и единствен македонски народ, и на целиот наш мултиетнички микрокосмос што се вика Македонија – на таков човек едноставно му нема помош, и за него би биле тесни, мали и клаустрофобични и сите бескрајни галаксии што нѐ опкружуваат, а пак „малите светови” како македонскиот, според нив, секако би требало ”прогресивно” и неповратно да се ”глобализираат” (читај: уништат) до ишчезнување.

Сево ова го читаме и го ишчитуваме во таканареченото ”мегаинтервју” на Венко Андоновски под наслов ”Не сме се поместиле ни чекор од 9 век наваму во морална смисла”, што од црногорскиот онлајн-весник ”Вијести” го пренесе ”Нова Македонија”. Не знам зошто баш ”мегаинтервју”, но и тоа е веројатно затоа што во светскиот јавен живот на мега-глобалистите сѐ треба да биде ”МЕГА”, не дај Боже мало, или пак само најобично ”интервју”. Но дури и да не е во прашање такво импресивно ”мегаинтервју”, тој текст секако ќе остане трајно запомнет само како нешто крајно минорно, како своевиден сукус на бедата на филозофијата на Венко Андоновски, кој конечно на скалата на моралните вредности од 1 до 10, цврсто се позиционира на 0, веднаш до Ферид Мухиќ и до Људмил Спасов.

Цврстото уверување и став на Андоновски дека ”не сме се поместиле ни чекор од 9 век наваму во морална смисла”, што тој, без каков и да е аргумент за такво тврдење, ниту пак со предлог како ние Македонците во морална смисла би требало да изгледаме денес, и што очигледно сака да го воспостави како ”парадигма” за целиот македонски народ, тој слободно и неограничено може да си го применува врз себеси и врз своите истомисленици, меѓу кои многумина како него си се „насликани” во велепредавничкиот заевски „платен список”, и бедно му слугуваат на Заев, на тој најнеморален македонски изданок во историјата, кој со својот „супер морален” криминален поткуп од 168.000 евра сеуште пред целиот свет се врти на YouTube, а воопшто и да не зборуваме за сите негови надреални велепредавнички насилства и гнасотии што „супер морално” ги изврши над македонскиот народ и над Република Македонија. Значи, ако Андоновски мислел на себе си, на Заев и на целата таа братија морални истомисленици, тогаш е сосема во право кога вели: ”не сме се поместиле ни чекор од 9 век наваму во морална смисла”, зашто црното зло на неморалноста и поткупот е и многу, многу постаро од далечниот 9 век, па, се разбира, и од најдалечните предбиблиски времиња.

Но кога станува збор за македонскиот народ, развивајќи се низ историјата онака и онолку колку што се развивале и колку што дозволувале вкупните општествено-политички, економски и други околности во различни историски периоди, тој секогаш, и во минатото се одликувал, а и денес се одликува со највисоки морални стојности и достоинство, за што најдобро сведочи пребогатото македонско културно-историско и духовно наследство, втемелено токму врз тие и такви морални и етички вредности, и како такво признаено во целиот цивилизиран свет.

А тоа што најголемиот дел од македонскиот народ едноставно не сака да ги прифати и да ги живее оние „некаде надвор” скроени морални норми што со сите сили ги наметнуваат безобѕирните глобалистички центри на моќ, тоа не значи, како што негативно-пропагандно тврди нашиот мега-моралист, дека македонскиот народ во морална смисла „заглавил” во 9 век, туку токму спротивното, дека токму најздравата морална и етичка јатка во македонскиот народ е сеуште мошне жива, компактна, оти однатре силно зрачи и му дава жесток отпор на црниот ново-средновековен, ново-феудален и ново-фашистички морал што настојува како калливо морално лизгалиште да се втурне, да се лизне врз нас, да преплави и да затрупа сѐ што нема исти цивилизациски, хуманистички и интересни исходишта.

Секој морал, се разбира, има свои пет минутки, па така, еве, сега течат и петте минутки на моралот на Венко Андоновски, чиј тренд во глобалистичкиот предаторски свет, на кој тој очигледно му припаѓа со сето срце и душа, е моментално „во мода”, а тој е несомнено „мега-помоден” интелектуалец, и тоа во морална смисла, замислете, многу далеку од 9 век.

Но на ова место следува нешто уште поимпресивно, Мега-Гран-Финалето на „мегаинтервјуто” на Андоновски, т.е. трите тотално разголени, бедни, пропагандистички, антимакедонски тези, до последната буква научени или препишани од програмите и платформите на најцрните македонски непријатели, многу посликовити и многу посугестивни од она негово помодно испеглано глобалистичко морално палтенце за кое зборувавме погоре, во кое тој пред нас надуено се перчеше и се поткреваше на прсти како пред огледало.

Еве ги тие „чуда” од мега-мудрости.

Андоновски, теза бр. 1: Таканаречената ”антиквизација” на македонската национална свест и покрај сите пропагандни напори на претходната влада (особено со подигање на спомениците на секој чекор) не успеа. И понатаму преовладува мислењето дека Македонците се Словени.

Андоновски, теза бр. 2: Но сѐ повеке се јавува свеста дека дури и тој неоспорен словенски корен на Македонците не е пресуден за пристоен живот во македонската држава. Сѐ повеке приврзаници има политиката, која е свртена кон запад и интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ. Особено младите луѓе веруваат во таа опција и не се посебно оптоварени со националниот идентитет.

Андоновски, теза бр. 3: Тоа е сосема во духот на она што денешните филозофи и политиколози го тврдат: глобализацијата полека ќе ги избрише локалните и мали култури и семиосфери, така што национализмот, па дури и патриотизмот, ќе прејдат во заден план. Ми се допаѓало тоа мене или не, македонската држава оди во тој правец, како и остатокот од светот.

Коментар на тезата бр. 1: Егзалтирано користејќи ги во целост политичкиот речнички арсенал и теминологијата на најголемите непријатели на македонскиот народ, кои безочно му се нафрлија од сите страни и со сите сретства, со апсолутно идентичен тон на големогрчката, големобуарската, големалбанската и сета онаа меѓународна политика што беше и е најдиректно инволвирана во уништувањето на Република Македонија, Андоновски речиси триумфално (во стилот: нели ви реков?!) констатира дека не успеално будењето на македонската национална свест, така што и натаму преовладува (но кај кого, Венко?!) мислењето дека Македонците се Словени. Така, според него, таа борба за поттикнување и будење на загозената македонска национална самобитност и свест со сите расположливи сретства едноставно била сосема бесполезна и бесмислена. Значи, според мега-теоријата на Андоновски, требало веднаш да се постапи „рационално” и македонската политика – за да не губиме време – итно да стане квислиншка и велепредавничка како политиката на Заев и во рок додека речеш „кекс” да ја растури државата, а Македонците да речат „добро, ние сме Словени”.

Андоновски, како и секој македонски граѓанин, многу добро знае дека Грците, до гуша потонати во длабоките историски лаги и мистификации, никогаш нема да нѐ наречат тоа што сме – Македонци, исто како и Бугарите за кои сме Бугари, затоа што тоа се единствените релевантни концепти на нивните бедни и примитивни освојувачки политики кон Македонија. Но Андоновски смета, со оглед на тоа што тие и натаму ќе бидат упорни и настојчиви во својот варварски грабеж на нашата историја и на нашето национално име, дека воопшто и немало смисла да им се дава отпор и да се поткрева националната свест на македонскиот народ. Супер филозофија! Па таа херпес-логика не важи ни за најзафрлените и најзаостанати племиња на земјината топка денес, кои до последниот здив и до последното копје и камен ќе се борат за својот опстанок, а не пак за македонскиот народ кој ги мина сите најтешки и крвави столетни искушенија во создавањето на својата национална држава Република Македонија, што не ја создаде на тој начин што ги слушаше агресивните антимакедонски пропаганди и лаги на Грците, Бугарите, Албанците, Србите, на некој си Венко Андоновски, или било кој друг, туку затоа што го слушаше тоа што му велеа срцето и умот, и неговото неподелено чувство на македонска народносна припадност.

Ако современите меѓународни политички прилики и новите моќни пропагандни алати и освојувачки методи најдиректно и безочно ти ги загрозуваат самобитноста, татковината, идентитетот, па што има поприродно од тоа да реагираш, да ја разбудуваш свеста на својот народ на секој можен начин и да го подготвуваш на отпор и борба со сите можни расположливи сретства? Но, ете, според рационалниот мега-глобалист Андоновски, тоа било сосема погрешно и непотребно, требало да се постапи „лапидарно” – смртта на македонскиот народ да се прифати и да се прогласи веднаш, и фигуративно, цела Македонија, со сите нејзини споменици, и стари и нови, да се преора со булдожери, да се избетонира со една огромна, рамна, глобалистичка сива бетонска плоча без историја, без име, без идентитет, без какви и да е национални емоции и тотално без смисла.

Коментар на тезата бр. 2: Овие мега-ступидни размислувања на Андоновски нѐ водат кон следнава негова теза дека, како што вели, сѐ повеке се јавувала свеста оти дури и тој неоспорен словенски корен на Македонците не е пресуден за пристоен живот во македонската држава. Сѐ повеќе приврзаници, тврди тој, има политиката, која е свртена кон запад и интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ. Особено младите луѓе веруваат во таа опција и не се посебно оптоварени со националниот идентитет.

Прво и основно прашање е врз кои и какви научни истражувања, статистики, аналитики и анкети Андоновски ги употребува апсолутно произволните квази-статистички синтагми „сѐ повеќе ова, и сѐ повеќе она”, освен ако не се буквално препишани и аплицирани од класифицираните документи на странските разузнавачки служби што врлуваа и сеуште врлуваат низ Македонија. Имено, со оглед на тоа што, според неговата квази-социолошка инсинуација, „сѐ повеке” се јавувала свеста дека ни словенскиот корен на Македонците не им е доволен за пристоен живот, тогаш произлегува дека единствената среќа за нив би била да си најдат некаков „друг национален корен”. Е такви „корења” што ни се нудат околу нас има колку што сакаш: за Бугарите сме Бугари, а Грците дури великодушно велат: да ја пуштиме таа народна маса „во северната земја” во иднината да си го пронајде својот идентитет, секој човек според сопствената волја.

Но Андоновски е многу попрецизен по однос на изборот на „новиот корен”. Употребувајќи ја повторно својата плитка, произволна квази-статистичка, квази-аналитичка и квази-научна исфантазирана формула „сѐ повеке”, тој вели дека има сѐ повеке првзаници на политиката која е свртена кон запад и интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ. Тука глупоста доаѓа до своите крајни граници, зашто „свртеноста кон запад”, или „свртеноста кон исток”, не значи воедно и дека е нужно да се бара „нов корен” кој не би бил словенски и македонски. Па тогаш сите оние народи што се „свртени кон запад” би требале да си ги променат своите национални корени и да прифатат ново заедничко име нпр. ”Западен народ” или „НАТО народ”. На тој начин сите ние, и Грците, и Бугарите, и Албанците, и Македонците, и сите други „свртени кон запад” консензуално би се слеале во една непрегледна хомогена маса на тој „Западен или НАТО народ”, а тоа тогаш би била најздрава основа за општа среќа и пристоен живот во тој  супер организиран западен ГУЛАГ, во таа заедничка „Западна или НАТО држава”.

И тоа не е сѐ. Уште една блескотна пропагандистичка, произволна квази-статистичка, квази-аналитичка и квази-научна исфантазирана формулација, преземена од туѓинските класифицирани антимакедонски документи ја ”краси” оваа теза бр. 2 на Андоновски. Тој вели: „Особено младите луѓе веруваат во таа опција (Западен народ, НАТО народ – б.м), и не се посебно оптоварени со националниот идентитет. Би го замолил господин Андоновски, доколку тоа не му претставува голем проблем, јавно да ги презентира тие „научни факти” со кои располага по однос на тоа дека во Македонија „младите луѓе… не се посебно оптоварени со националниот идентитет”. Национален идентитет, господне Андоновски, претставува нешто сосема нормално и апсолутно иманентно на секое нормално човечко суштество, а претставува „оптоварување”, како што вие тоа го наречувате, само за оние со сосема испрани души и мозоци, за оние зомбирани псевдо-луѓе што, за жал, сеуште како вонземјани се маткаат меѓу нас, во нашата нормална човечка заедница, каква што постои и каква што, од исток до запад и од север до југ на земјината топка, е општопозната во историјата од најстарите почетоци на нашата цивилизација па сѐ до денес.

Коментар на тезата бр. 3: Развивајќи го и натаму тоа надреално ништителско лудило дека младите, како што вели Андоновски, не се „оптоваруваат со националниот идентитет”, тој решително, и пак без да цитира некого или нешто, без каков и да е опиплив научен или статистички податок и аргумент, наведува дека „тоа е сосема во духот на она што денешните филозофи и политиколози го тврдат: глобализацијата полека ќе ги избрише локалните и мали култури и семиосфери, така што национализмот, па дури и патриотизмот, ќе прејдат во заден план” – „Македонската држава”, вели Андоновски, „оди во тој правец, како и остатокот од светот”.

Значи, според „филозофот” и „политиколог” Андоновски, глобализацијата е единствениот можен пат на човештвото. И нема друго! Тоа е крај на сите цивилизациски избори! Глобализацијата едноставно е неповератен процес и во многу догледно време ќе ги избрише сите мали народи и култури, а македонскиот народ, ете, се најде прв на пописот за уништување, така што наскоро ништо друго на светот, ниту едно „народче” веќе нема да постои, освен таа нова орвеловска, фашистичка хипер-неолиберална и хиберглоболизирана ”Западна или НАТО држава” во која ќе живее новиот, обединет ”Западен или НАТО народ”, па затоа, сите вие народи во светот, веднаш знајте дека никаков национализам или патриотизам, а особено македонскиот, воопшто нема смисла. Се разбира, останува отворено прашањето зошто, токму во моментот на тој, според авторот, незапирлив генијален светски процес на „бришење на народите“, нашите соседи, Бугарите, Грците и Албанците се удавија во супер големопатриотизам, големонационализам и големошовинизам, и сето тоа на сметка на македонскиот народ и на Република Македонија. Кај нив, очигледно, за Андоновски тие „процеси” се сосема во ред и во духот на, кај него опеаната глобализација, зашто тој во своето „мегаинтервју” за нив и за нивните патриотизми, национализми, шовинизми и идиотизми немаше потреба да најде место за ниту едно зборче, барем за некаква споредба.

Со оглед на погоре реченото, оваа фашистоидна фундаменталистичка глобалистичка трета теза на Андоновски, која очигледно е и типичен „интелектуален” репрезент и урнек на оној дел од македонската интелигенција која, за жал, зафатена од тешката заевска шарена морска болест, остана сосема изгубена без компас, без сикстант и без ориентација среде заевското велепредавничко безизлезно мртво море, најдобро ги објаснува сите причини на страшните тектонски поместувања, пореметувања и уривачки процеси што ги доживеаја македонскиот народ и Република Македонија во последниве неколку години од доаѓањето на новата квислиншка, велепредавничка и големоалбанска власт на Зоран Заев.

Морам сепак да признам дека поразително вчудовидува тоа неизмерно, длабоко слепило и црна средновековна заблуденост и збудаленост на еден „прозападен” писател, кој пишува на „западен јазик”, претставник на „Западниот и НАТО народ” во „Западната и НАТО држава”, кој не е во состојба да го види и да го доживее бескрајното прекрасно поле на илјадници национални и субнационални и културни цутови што цутат ширум светот и воопшто не им е гајле за глобалистичкото лудило кое сега така радикално бргу се ближи кон својот неминоивен крах и крај. Па дури и да продолжи таа смртна, антихуманистичка неолибералистичка и глобалистичка бесна хајка против сите видови човечки слободи, а на прво место против слободата на право на суверено постоење на секој божји народ, па така и на македонскиот, вие, господин Андоновски, мора да знаете дека не се сите како вас, веднаш и без задршка „филозофски” и „политиколошки” да „ги симнуваат гаќите” и да им се предаваат на напалените неолиберални глобалисти.

Не, Венко, постои еден значаен поим, еден од најпознатите и најславни зборови во историјата на човештвото, а се вика БОРБА! БОРБА! Борба за својот народ, борба за својот национален идентитет, борба за својот јазик, борба за своето свето име и за својата држава. Па така постои и БОРБА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ЗА СВОЈАТА ЗЛАТНА СЛОБОДА И ЗА СВОЕТО СЛАВНО ИМЕ!

А дали треба да се плашиме од неолибералните насилни велеглобалисти, од нивните црни стелтови, дронови и крстаречки ракети?! Па зарем не е нормално да се плашиме од секое страотно, безобѕирно, антицивилизациско, варварско, разурнувачко, геноцидно насилство од каде и да доаѓа, што впрочем секојдневно го гледаме токму од истите тие ваши и од вас воспеани глобалистички сили? Но тоа што нивните закани се страшни и апсолутно реални не значи дека нема на тоа и такво лудило да му даваме најжесток можен отпор до последниот човек и до последниот здив.

Штета, Венко, штета за потрошеното „мегаинтервју”; ако покажевте само малку повеќе пристојност, понизност и почит кон својот народ можеби од тоа интервју и ќе испаднеше нешто, но, за жал, оваа тотална бљак-пропаганда на гнилите, полумртви глобалистички и антинационални идеали беше многу појака од секоја ваша граѓанска умереност и литерарна префинетост, па ете, и несакајќи, до крај си ја симнавте својата шарена интелектуална, заевска, моралистичка маска. А под неа – ништо.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.