Петар Поп-Арсов

Венеција, град на каналите, на гондолите, град на венецијанските маски и комедијата дел арте. Лулка на културата, уметноста и трговијата. Венеција, седиште на правните стандарди и вредности, место на оддржување на состаноците на Венецијанската комисија.

Веќе долго време Венецијанската комисија е присутна на информативните и дебатни емисии на македонските медиуми. Се водат полемики, дебати, се пишуваат текстови, колумни, анализи. Долго време го очекувме толку најавуваното мислење на ова тело на Советот на Европа, мислењето во однос на Законот за јазици. И конечно се случи, го имаме.

Вицепремиерот беше бранителот на позициите на македонската Влада пред врвните експерти од областа на правото, кои што ја сочинуваат Венецијанската комисија. Го видовме во работнa атмосфера во Scuola Grande di San Giovanni Evangelista, но и во опуштено издание на Piazza San Marco, на фотографија објавена лично од него. Убава фотографија, со гулаб на рамо, веројатно направена пред разгледување на точката посветена на Законот за јазици.

Но, што се случи потоа со нашиот самоуверен вицепремиер, непосредно по усвојувањето на мислењето на Венецијанската комисија во однос на Законот за јазици? На прес конференцијата во Скопје изгледаше како небаре да е директно исфрлен од венецијанската плима која што ги предизвика неодамнешните поплави во овој град? Што го вознемири толку за да дава изјави од типот дека ќе сме се врателе во 2001 и индиректно да се заканува?! Затоа ли гулабот од фотографијата беше без маслинова гранка во клунот?

Не му беше ли јасно што го чека во Венеција? Заборави ли дека заминува да брани неуставно донесен закон, донесен со просто мнозинство, закон за кој и студентите од прва година на правните факултети знаат дека е потребно двотретинско мнозинство?! Зар не можеше да се сети дека ќе брани закон објавен во Службен весник без потпис на Претседателот на државата, закон кој што претставуваше платформа, и тоа тиранска, за формирање на актуелната влада?

Можеби нашиот вицепремиер бил изненаден, но секој познавач на начинот на функционирање на институциите на Советот на Европа, вклучително и на Венецијанската комисија, однапред знаеше каков ќе биде исходот.

Не е изненадување што Венецијанската комисија заклучи дека Законот за јазици ги надминува европските стандарди и оди предалеку во наметнувањето на нереални правни обврски на јавните институции во Македонија. Ова особено се однесува на употребата на албанскиот јазик во судските постапки, за чија што целосна примена ќе бидат потребни години и години на подготовка за целосно да профункционира Законот. Комисијата јасно укажува дека значително ќе се забави функционирањето на целиот судски систем, со што ќе се доведе во опасност и сериозно ќе се наруши правото на фер судење загарантирано со Европската конвенција за човекови права. За разлика од стандардите содржани во Повелбата за регионални и малцински јазици, Комисијата укажува на фактот дека употребата на албанскиот јазик не се ограничува на тоа да само страните во судска постапка можат да побараат негова употреба, туку истото можат да го сторат и судии, обвинители и адвокати.

Можеме ли да замислиме какви несогледиви последици по функционирањето на македонското судство ќе имаат овие одредби од Законот. На пример, независно од која националност се страните и останатите учесници (судии, обвинители адвокати итн.) во постапка (може да се сите од македонска националност), доколку една од страните процени дека го губи судскиот процес, со дополнително ангажирање на адвокат од албанска националност може да побара превод на сите документи од судскиот предмет. Целта би била да се добие во време и одолговлекување на процесот до бесконечност. Ако истото го сторат сите кои што ценат дека ги губат предметите, а тоа се половината од сите учесноици во судските постапки, неминовно ќе дојде до блокада и целосен колапс на судскиот систем во Република Македонија. Тоа сака да ни го каже Венецијанската комисија.

Дали повикот на Венецијанската комисија Законот да биде преиспитан во консултација со сите засегнати страни, и тоа не по скратена постапка, беше причината нашиот вицепремиер да изгледа како да е исфрлен од плима после бродолом? Можеби причина беа прецизно дадените препораки да се напуштат одредбите од Законот во врска со двојазичноста во судските постапки и да се одложи извршувањето на огромните парични казни, се додека не се измени Законот со цел да се обезбеди правна сигурност.

Венецијанската комисија се обидува да го привлече вниманието на македонските власти на фактот дека одредени закони што треба да се усогласат со Законот за јазиците треба да бидат донесени со двотретинско мнозинство, додека Законот за јазици самиот беше донесен со просто мнозинство. Парадокс, а демек на нашиве власти тоа не им е јасно!

Ова особено се однесува на закони од областа на правосудството, како што се Законот за кривична постапка, Законот за парнична постапка, Законот за вонсудска постапка, Законот за управни спорови, Законот за општата управна постапка, Законот за јавно обвинителство и сл. кои содржат голем број одредби во однос на употребата на јазиците што треба да се усогласат со Законот за јазици. Давањето супериорност на Законот за јазици во однос на споменатите закони би наметнала потреба од нивно менување, односно нивно усвојување со просто мнозинство, со што ќе дојде до директно кршење на членовите 98 и 106 од Уставот, кои предвидуваат потреба од двотретинско мнозинство за нивно усвојување. Така вели Уставот, така заклучува Венецијанската комисија.

Дали индиректната порака што ја праќа Венецијанската комисија за тоа дека Законот е неуставен, иако таа нема надлежност да завземе таков став, упатувајќи на Уставниот суд да се произнесе со свое мислење, беше капката што го прели морето во Венеција и го потопи нашиот вицепремиер?!

А што има Уставниот суд да мисли во однос на ова прашање? Закон за кој е потребно двотретинско мнозинство, а е донесен со просто, колку и да е содржински добар, е неуставен априори. Овој закон не е добар ниту од формален ниту од содржински аспект ниту пак создава услови за сожителство и меѓусебно почитување. Поинаква одлука од Уставниот суд неможе да се очекува. Така вели Венецијанската комисија за оние што знаат да читаат!

Затоа, клучот и решението на целиот проблем е во рацете на Уставниот суд, од причина што е тешко за очекување Собранието да ја санира направената штета. Потребата од бадинтерово мнозинство и политичките комбинаторики во владејачката коалиција, за кои пишував во една друга анализа, ќе претставуваат сериозен проблем за имплементирање на препораките на Венецијанската комисија.

Уставниот суд е последната инстанца која треба храбро да пресече и дефинитивно да ја спушти завесата на оваа комедија дел арте, наречена Закон за јазици. Уставниот суд е институцијата која треба да ги симне венецијанските маски од лицата на македонскиот премиер и владините министри и да ја спаси Македонија од целосна блокада на судскиот систем. Со тоа државата ќе се спаси од безброј тужби пред судот во Стразбур, како и од обврската од задолжителна имплементација на истото она што денес го имаме во форма на препорака од Венецијанската комисија.

Уставниот суд е последниот субјект од нашиот правно-политички систем кој треба да ги седне на иста маса сите релевантни стручни и политички чинители во државата и да се донесе закон кој навистина ќе ги унапреди јазичните права на сите малцински заедници, ќе го постигне толку посакуваниот баланс со што ќе ги превенира сите опасности надвиснати над судскиот систем и органите на државната управа.

Сериозноста на проблемот е дотолку поголема од причина што овие констатации им се добро познати на министрите за правда и за надворешни работи, а верувам и на останатите кои што го сочинуваат јадрото околу премиерот, вклучително и самиот премиер. Нивната инертност и непостапување согласно препораките на Венецијанската комисија ќе ги детерминира, не само како соучесници, туку како директни предизвикувачи на блокадата и колапсот на македонскиот судски и административен систем која што ќе следи благодарение на Законот за јазици.

Еден ден маските ќе мора конечно да паднат!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.