Весна Јаневска

Во Ниш, заедно со три члена од моето семејство, стигнав во 15 часот, откако утрото неколку мои пријатели ми препорачаа веднаш да тргнам и ме убедија дека секако ќе се вакцинирам. Дури и ми понудија неколку опции за регистрација. Пред спортската сала во Ниш имаше два реда, едниот пократок, другиот подолг.

Инстиктивно се приклучивме на пократкиот и изгубивме петнаесетина минути распрашувајќи се во гужвата и коментирајќи меѓу себе што треба да се стори и каже. Секако, потоа разбравме и се приклучивме на подолгиот ред, каде што и требаше. Чекавме во редот, но не беше страшно, чекаш лек, слушаш познат говор, гледаш познати лица, разменуваш вообичаени прашања: Кога стигнавте, како поминавте по пат, колку чекате? Зад нас во рок од половина час пристигнаа уште стотина луѓе.

Во салата пуштаа пет луѓе на секои 3 минути. На секој час група сестри излегуваше од салата, седнуваше на клупите во наша близина, ќе испиеја по едно кафе и се враќаа на работа.

Во меѓувреме други работеа. Разбрав дека гужвата се направила затоа што сме стигнале во многу поголем број од очекуваното и тие нарачале дополнително количество вакцини од Белград, кои стигнале во рок од 3 часа. Постојано поминуваше полицаец, смирен, насмеан, ни нудеше формулари и ни ветуваше дека ниту еден нема да остане невакциниран и дека тие ќе работат и цела ноќ ако треба. Со тек на време гужвата се подрасчисти, се направи ред и почна одржување на дистанцата.

Влеговме во салата, редарите, докторите, сестрите, млади луѓе, претпоставувам волонтери, сите од љубезни пољубезни. Во просторијата се наоѓаат шест маси на кои седат по двајца доктори и по двајца други, кои ги пополнуваат формуларите во компјутер. Додека докторот најљубезно ти ги поставува неопходните прашања, човекот кој работи на компјутерот завршил и ти печати формулар со баркод. Стран јазик, непознати луѓе. Одеднаш ме обзема тешка тага, потоа темнина и на крај празнина. Ми се плаче. Се чувствувам како питач кој чека мислостина.

Нивната љубезност дополнително ја зголемува тежината. Се заблагодарувам, а ми одговараат дека за лек не се вика благодарам. Ми доаѓа да викам на цел глас. Врескам и пискам во себе, срамота е јавно. Не ми е добро иако веќе сум вакцинирана и треба да се чуствувам растеретена и задоволна, бидејќи ја завршив работата заради која дојдов. Привилегирана сум, а многу мои сограѓани нема да ја имаат истата можност.

Се тешам со тоа што и овој јазик ми е познат, а и луѓето ги чувствувам блиски. Сепак ќе умрев чекајќи вакцини дома, во мојата татковина, само барем малку да ви верував, ама не ви верувам.
Внатре, надвор барам со поглед кутија за донации. Барем некако да се оддолжам. Нема. Срам, срам, ме изеде срам.

Најдлабоко му се заблагодарувам на српскиот народ што ми ја чуваат безбедноста и правото на живот, што всушност треба да ми го обезбеди мојата Влада и мојот Претседател во мојата земја. Правото на живот е неприкосновено, а оние кои треба да ми го гарантираат, секојдневно ми го загрозуваат. Не, не затоа што тие го измислија вирусот, туку затоа што не успеаја организирано да се борат против него.

Утредента читам по социјалните мрежи, цитирам: „Што ги величате, знаете ли колку луѓе вратија вчера?“ Не вратија ни еден единствен, а и да вратија. За што ни се должни бесплатно да не вакцинираат? Данок ним им плаќаме, во Србија или овде за неспособниве да ги трошат на дресирање магариња и купување сопствен изум со наши пари? „Само диктатор можел да спроведе онаква организација“. Не се работи за дозволата на српската Влада и Претседател, се работи за луѓето кои ја спроведуваа акцијата, за докторите, сестрите, редарите, полицијата, за нивната свест станува збор.

Е сега, мерете која е разликата меѓу свеста на тој што вели дека само диктатор може такво нешто да спроведе до онаа на луѓето кои во еден единствен ден вакцинираа 2 500 Македонци. И каква свест имаат оние кои велат дека во Србија дозволиле вакцинација на странци затоа што рокот на вакцината истекувал. Со тоа ми прават инсинуација дека го примам српското ѓубре? Каква ароганција и безобразлуг од неспособни, празноглави, замислени величини. Можеа да ја фрлат луѓето, можеа на други да ја понудат. А да беше во Македонија вакцината при крај на рокот, немаше да вакцинирате со неа? Срамота. Еден кажува, па друг повторува.

Не, не е срамота, бизарно е, особено кога 15 000 Македонци со саати стоеа цел викенд во ред и чекаа спас. Бизарно е и што министерот за здравство тврди дека тоа не е срам, туку солидарност. Да за нив е солидарност и гордост, а за нас е срам. Срамно е и што верувате дека сите кои стојат зад вас ви помагаат и ви даваат сила и моќ, не, тие само себе се бламираат.
Уште побизарно е во време на таква криза за вакцини во Македонија да слушнам дека потпретседателот на Владата наместо да бара вакцини тргнал во Шпанија да бара признавање на Косово.

Во Шпанија признавање на Косово! Далеку од умот. Да се подготвеше барем еден ден за посета во Шпанија ќе знаеше дека Шпанија ги има Баскија и Каталонија. Можеби и знае, но го искористи патот за да ги манипулира Албанците на Балканот за пописот во Македонија. Пак го лажат својот народ. Не само што е предавство кон државата која ја застапува, туку барањето упатено кон Шпанија укажува на чиста политичка манипулација, само и само за лична корист. Ги повикуваат иселениците да се регистрираат и ги лажат дека тоа е составен дел од пописот и планираат потоа некакви смешни бројки да користат за стекнување на некакви права? Што направивте од сопствениот народ?
Ги купувате луѓето во Арачиново со пола милион евра? Толку ли ви вредат? А, нарко босовите, а лабораториите, а оружјето? Ги научивте дека можат без никакво знаење и компетенции да бидат вработени во администрацијата, да примаат плата и да седат дома или во Швајцарија, да не почитуваат закон. Тоа ли го сакате, тоа ли ви е целта?

Не ве интересира ли што сите умираат од КОВИД-19, и што вирусот не прави расна, верска, полова или етничка разлика? Зошто не набавивте вакцини? Зошто мавтате со рацете во вид на двоглав орел, а не им го заштитите животот? Додека вие мавтатае со рацете и глумите грижа за граѓаните, некој друг реално се погрижи за нив.

Слушам откако стигнале вакцини во минимален број и кај нас, ќе почнете со вакцинација на луѓето над 77 години, слично како во високоразвиените земји, а после тоа откако ќе стигнеле вакцините од Кина, Бог знае кога, ќе ги вакцинирате луѓето од критичната државна инфраструктура.

Министре, Комисијо за заразни болести, Владо, ние не сме држава од ЕУ, иако вие можеби поверувавате во вашите лаги и сега само копирате тоа што е пригодно за нив! За критичната државна инфраструктура сум сосема согласна. Да верував дека имате волја и можете да размислите, ќе ви препорачав, без да ми се лутат возрасните, прво и првенствено да ги вакцинирате луѓето од критичната државна инфраструктура во која треба да ги додате и наставничките.

Размислете дали прво треба да го заштитите работоспособното население, за да ни ја придвижи економијата, па потоа сите други! Во овој момент наместо да размислувате за групите за вакцинација, вие се препукувате меѓу себе кој е крив за недостаток на вакцини. Бизарно!

Бизарно е и што бугарскиот Претседател ветува смешно количество на вакцини, после она што се случи во Србија, во исто време кога неговиот пратеник, неофашист и тоа во ЕУ парламентот, ни се заканува дека ќе сме имале страшен крај и тврди дека Македонија е Бугарија, а Бугарија над сите.

Нè плаши со страшен крај?

Нè плаши дека ќе нѐ окупира, дека ќе ни го земе идентитетот и корените?
Веќе ништо не ме плаши и не давам, не ви давам ни педа од мојата библиска земја и не ви ги давам моите корени и гробот на татко ми, ни иднината на моите внуци!
Никому, а особено не на неофашисти!

П.С. Не дека со сила не можете да ми ги земете, ама ќе се родат други и ќе ги вратат, ќе ги вратат на тие на кои што им припаѓаат!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.