Михајло Маневски

Господине Мурати,

Повод да Ви се обратам е вашето интервју за новинската агенција МИА. Најпрвин Ви го честитам изборот за претседател на Уставниот суд и Ви посакувам успешна работа и враќање на достоинството на Судот. Моето обраќање до Вас не е од лична природа, туку ви се обраќам како преставник на судот во кој сте поминале 7 години како судсија, а во наредните години ќе ја вршите претседателската функција.

Во Вашето интервју ги дефинирате целите што треба да се остварат во нередниот период и првите чекори што ќе ги преземете, како што се:

– разгледување на седница на Судот на предметите што подолго не се разгледани, и
– особено на предметите што се од највисоко општествено значење, а не се во мал број!

Зошто подолго време не се разгледани предмети од највисоко општествено значење

Тоа што посебно многу загрижува, господине Мурати, е Вашата изјава дека има предмети од највисоко општествено значење и уште додавате дека “тие предмети не се во мал број”, кои подолго време не се разгледани!!! Фрапантно признание. Тоа значи потврда дека Судот има голем број предмети со највисоко општествено значење кои не се решени. Вие го признавте тоа што долго време јавноста се прашува зошто најзначајните предмети со највисоко општествено значење не се решаваат во Судот? Ќе наведдам само некои предмети:

1. Зошто Уставниот суд цели 4 години не ја разгледа иницијативата за оценка на уставноста на Законот за гонење на сторители на кривилчни дела кои произлегуваат од незаконското прислушување на телефонски разговори (СЈО)? Зошто претседателот на Судот и после толку години предметот не го стави на дневен ред на седница на Судот?

Кој го овластил Уставниот суд да не одлучува по иницијативата и предметот да го чува во фиока? Уставниот суд има обврска во предвидените рокови во Деловникот за работа да спроведе предходната постапка и предметот од страна на задолжениот судија Претседателот на судот да го стави на дневен ред за одлучување. Наспроти мислењата на научната и стручна јавност дека тој Закон нема никаква уставна основа, Судот остана нем наблудувач и ништо не презеде цели 4 години?

Со Законот за СЈО флагрантно се прекршени темелните вредности за владеење на правото од членот 8 од Уставот. Цели 4 години се говори дека нема уставна или законска одредба за основање специјално СЈО и за именување на јавен овнинител предлог на четири политички партии? Тоа е апсурд на апсурдите и Судот тоа го знае, но ништо не презеде. да го заштити уставниот систем.

Сега ги гледаме последиците од тоа криминално, рекетарско, непостистичко финансиско дувло наречено СЈО. Се грабале пари во милионски износи со рекетирање на голем број бизнисмени уценувани со неовластено прислушувани телефонски разговори. Се создала рекетарска банда која ја опљачкала државата со над 1 милион евра за разни додатоци и бонуси. Се создаде монструм за селективно гонење во служба на власта на Зоран Заев, да владее со страв и терор.

Верувам дека ќе беа спречени големи последици доколку Уставниот суд навреме ја извршеше својата обврска и одлучеше по поднесената иницијатива. Но Судот долго време ништо не стори. Зошто? Ако ништо друго, барем пред јавноста да ги изнесеше разлозите поради кои досега не одлучи по предметот.

Работата уште не е завршена и Судот е должен да одлучи по предметот. Неможе обвинетата ”специјална обвинителка” Катица Јанева од притворската ќелија да одлучува и да распоредува предмети на СЈО. Законот за СЈО уште е во сила (пет години). Еден закон неможе да згасне на ваков начин, како да не постоел.

Зошто Уставниот суд не реагираше на ова незаконитост? Каква правна состојба се создава со молчење на Судот и со непримена на закон? Тоа не е во функција на владеење на правото. Алчноста на Катица Јанева, која ја потврди обвинителката Вилма Русковска, ги става под основан сомнеж сите обвиненија на СЈО. Никој неможе да биде суден врз основа на обвинение подпишано од обвинетата специјална обвинителка и врз основа на страотно модификицирани и компромитирани материјали. Сите овбиненија на СЈО треба да се повлечат, бидејки грубо се кршат основните човекови права.

2. Зошто Уставниот суд веќе скоро 2 години не ја разгледа иницијативата и не одлучи за оценка на уставноста и законитоста на Указот за прогласување и на Законот за употреба на јазиците?

Скоро две години нема никакво известување и реакција на Судот по поднесената иницијатива за овој неуставен закон кој е објавен со Указ без подпис од Претседателот на Република Македонија. Зошто Уставниот суд спротивно Деловникот за работа толку долго време не одлучува по предметот? Според членот 23 став 1 од Деловникот за работа на Судот, по завршување на претходната постапка, а најдоцна во рок од три месеци од денот кога предметот е даден во работа, се поднесува реферат за седница или Судот се известува за текот на постапката.

Зошто се урнисува угледот на Судот. Дали судиите во тој суд барем малку не се чувствуваат нелагодно кога денес се објавени препораките на Венецијанската комисија, во кои се наведуваат големи уставни повреди со тој Закон. Значи, Венецијанската комисија успеа да одговори на низа прашања за содржината на овој закон и нивната спротивност со Уставот, а Уставниот суд не направи ништо!. Тоа е недозволено гоподине Мурати. Ќе чекате ли уште да одлучите по поднесената иницијатива за овој неуставен Закон и сега кога веќе се објавени препораките на Венецијанската комисија?

Кога, ако не во овој случај, согласно членот 27 од Деловникот, Уставниот суд по повод на барањето и по наоѓање на судот ќе изречеше времена мерка да се запре со извршување на Законот додека не се одлучи по поднесената иницијатива, имајки во предвид дека со примената на еден тотално неуставен закон можат да настанат несогледливи штетни последици?

Одлуките на Уставниот суд имаат незаменливо значење за владеење на правото и нагласена превентивна положба да се спречи кршење на Уставот. Зошто Уставниот суд со години не постапува по поднесената иницијатива за осценка на уставноста на еден тоталнио неуставен Указ за прогласување и на Законот за употреба на јазиците?

Овој предмет од највисоко општествено значење недопуштено и противуставно е да има ваков третман. Уставниот суд со навремените одлуки и мерки е должен да ги превенира состојбите во општеството за владеење на правото и за стабилноста на правниот систем. Но, поради таквиот однос на Уставниот суд, дури и денес и после препораките на Венецијанската комисија се охрабруваат поединци со деструктивни реакции и закани. Потпретседателот на Владата Бујар Османи (инспекторот) со невидена ароганција на апсолутист се заканува дека законот не смее да се чепне, дека ќе се врати состојбата од 2001 година… Неговите закани не се компативилни со етиката на неговата лекарска професија.

Досега во практиката никаде немало случај да не се почитувани препораките на Венецијанската комисија, која како советодавно тело на Советот на Европа е составена од врвни европски правници и експерти. Од тие препораки неможе да се прифати тоа што некому одговара, а да се заканува со насислство за примена на тоа што не му одговара во тие препораки на Комисијата.

3. Уставниот суд остана нем наблудувач на референдумот од 30 септември 2018 година за промена на името на Република Македонија со незаконско трозначно референдумско прашање. И покрај тоа што на референдумот не е донесена Одлука, бидејки на гласање не излегоа повеќе од 50% од избирачите. Без да се почитува вољата на граѓаните се пристапи кон донесување на окртроисани уставни амандмани за промена на името на државата и за бришење на македонските атрибути. Заборави ли Уставниот суд дека се носеа пратеници директно од притвор за да гласаат. Тоа ли е владеење на правото и уставна демоктратија на ова власт на СДСМ на Зоран Заев да се владее со сила и со грубо кршење на Уставот.

Господине Мурати,

Се надевам дека Вашите први чекори да се зафатите со разгледување на предметите што се од највисоко општествено значење ќе ги реализирате и ќе ја известите јавноста колкав е тој “не мал број” такви предмети, зошто стојат нерешени толку долго време и кој ќе понесе одговорност за тоа.

Уставниот суд не е политички огран да спроведува дневна политика на партиите на власт. Судот и судиите на Уставниот суд се должни да го штитат Уставот и да се грижат за уставноста и законитоста на законите и другите општи акти. Ако не се кадарни тоа да го сторат, чесно е да си дадат оставка. Тие не се надвор од системот на одговорност за неизвршување на службената должност. Нивната одговорност е многу поголема. Нека се присетат на окружниот судија од САД, кој со своја одлука спречи извршување на декрет на Претседателот на САД.

Наспроти тоа, Уставниот суд на Македонија од политички, а не правни причини со години не ги решава предметите со највисоко општествено значење со цел да и угоди на политиката, а не на владеење на правото. Со ваков однос во работата не се враќа достоинството на Судот.

Граѓаните на Македонија ќе бидат жртви на флагрантни кршења на Уставот, законите и човековите права се додека Уставниот суд не ги отфрли канџите на политиката со која е заробен. Заробен Уставен суд нема никаква подршка од граѓаните и таков суд никому не му е потребен.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.