Петар Поп-Арсов

Сите сме слушнале за „Ефектот на пеперутката“, или како што вели творецот на овој концепт, метеорологот Едвард Лоренц, „Ако пеперутката затрепери со своите крилја во Бразил, ќе предизвика торнадо во Тексас“. Концептот на ефектот на пеперутката се применува не само за предвидување на временските услови, туку и во бизнисот, економијата, поп културата, како метафора итн. Поентата на овој концепт е дека малите настани можат да предизвикаат големи последици. Какви би биле последиците предизвикани од големите настани, може да замислиме.

Сиријаи нејзините „големи руски пеперутки“ затреперија за „МИГ“ (дваесет и некој),во обид да го поврататградот Идлиб од џихадистичките групи и бунтовничките фракции.Загинаа најмалку 33 турски војници. Турција возврати со одмазднички напади во саботата.

Вистински хаос!

Турција ги отвори вратите кон Европа! Мигрантите тргнаа! Турскиот претседател Ердоган изјави дека 18.000 мигранти ги преминале турските граници во Европа.Се очекува да биде достигната бројка од 25.000 до 30.000 во наредните денови.„Турција веќе не можеше да се справи со масата луѓе што бегаат од граѓанската војна во Сирија“, ќе додаде Ердоган.

Грција блокираше илјадници мигранти на сопствените граници во обид да спречи нивен влез од Турција.Грчките власти употребија солзавец во обид да ја  растерат толпата мигранти.

Кон Бугарија нема поголем наплив на мигранти, но бодликавата жица и дополнителните полициски сили се веќе на своите места, со цел на дело да ја покажат декларираната нулта толеранција за секој обид за нелегален влез.

Канцеларот Курц ја најави можноста за затворање на австриските граници. Австрија е поготвена да испрати сопствени сили на првата линија на ЕУ, односно на границите на Грција и Бугарија со Турција. „Но, доколку наворешните граници на ЕУ бидат пробиени, тогаш Австрија ќе ги заштити сопствените граници“, ќе додаде Курц.

Во Унгарија ништо ново! Орбан само ќе ја зајакне и така веќе подготвената и поставена „одбранбена формација“, која силно беше критикувана од европските партнери и борците за човекови права во 2016 година.

Од Полска се слушаат најрадикалните закани кон секој кој што ќе се обиде нелегално да влезе во оваа земја,дека може да биде уапсен или застрелан.

Германија молчи! Преокупирана со битката за наследникот на Меркел и лидерството на германскиот десен центар, некако доцни со конкретен став по ова прашање. Токму Меркел беше онаа „најпријателски“ настроената кон мигрантите кои ја преплавија Европа пред некоја година. Како ќе биде после неа, ќе видиме?!

Италија мака мачи со корона вирусот, а информациите за„дефицит на заштитни маски“ во оваа земја,ја качија нивната цена и до 1000 евра за парче. Макрон никако да се одлободи од „суфицитот на жолти елеци“,кои секогаш се подготвени да истрчаат на Champs-Élysées.

Официјален Брисел и бирократијата на ЕУ се сомневаат во вистинитоста на информациите поврзани со новиот бран на мигранти. „Би сакал да истакнам дека немаше официјално соопштение од турската страна за какви било промени во нивната политика за баратели на азил, бегалци или мигранти“, ќе рече портпаролот на извршната власт на ЕУ, на брифингот во петокот на 28 февруари. Таква е ЕУ, таков е Брисел! Работи од понеделник до петок! Потоа е викенд, време за одмор! Тие ја преспаа цела 2015 година, додека мигрантите и бегалците непречено транзитираа преку балканската рута.Е сега, тоа што ќе преспијат еден викенд, ништо страшно?!

Пленковиќ, во двојно својство, како хрватски премиер и како претседавач со ЕУ, е во прилично незгодна позиција. Додека соседите го зајакнуваат или најавуваат затворањето на границите, тој мора да балансира помеѓу „викенд ставот“ на официјален Брисел и молчењето на европските влади со „либерален“ став, од една страна, и оние другите, кои јасно истакнаа дека нема да дозволат влез на мигранти во сопствените земји, од друга страна. Верувам дека хрватскиот премиер силно би сакал да го заземе своето природно место, рамо до рамо со своите соседи и земјите од „Вишеградската група“, отворено штитејќи ги интересеите на сопствената земја од опасноста Хрватска да се претвори во најзападната точка на походот на мигрантите кон запад.

Тоа е! Домино ефект од хаосот во Сирија!

Бурата од трепетот на „пеперутките“ на Блискиот Исток доаѓа кон Европа. Во теоријата на хаосот, ефектот на пеперутката претставува чувствителна зависност од почетните услови во кои и мала промена на едно место на детерминистички нелинеарен систем може да резултира со големи промени на други места. Сложена дефиниција, зарем не?! Кој ќе биде погоден од бурата, останува да видиме.

Каде е тука Македонија? Каде сме ние? Што треба да направиме?

Потребно е сериозно да пристапиме кон ова прашање. Темелно да се подготвиме и да ги мобилизираме сите сопствени капацитети. Избори, корона вирус и сите останати секојдневни проблеми не смеат да бидат изговор за евентуалната наша инертност. Ова се прашања од државен интерес и несмее да постои партиска или било каква друга поделеност во мобилизацијата за подготвено справување со проблемот што надоаѓа. Креирањето на единствена државна стратегија и политика,претставува првиот чекор што треба да биде превземен.

Во 2016 година успешно се справивме со предизвикот наречен бегалци и мигранти. Беше тензично, напнато, тешко, со многу полиција на јужната граница. Имавме и несебична поддршка од оние членки на ЕУ, кои штитејќи ја нашата граница, ги штитеа сопствените. Затоа, потребно е да ја ставиме на располагање нашата помош, поддршка и соработка кон соседите на Македонија и ако е потребно да ги браниме сопствените граници уште во „одринско“, таму кај што најавија дека ќе бидат распоредени безбедносните структурии на други ЕУ членки. Земјата се брани од далеку, онака како што го прават сите сериозни држави.

Што не очекува во спротивно?

Ако поминат мигрантите во Грција и Бугарија, ќе поминат и кај нас! Овој пат не сум сигурен дека одбранбената линија на ЕУ ќе биде ставена на Богородица. Не сум сигурен дека ЕУ во моментов ќе успее да изгради единствен став кој би ставил под контрола мигрантски бран од поголеми размери. Можеби дипломатските и останатите активности, на релација Брисел-Анкара, ќе резултираат со одреденео решение, но факт е дека во моментов земјите членки на ЕУ се снаоѓаат која како што знае и умее. Затоа Борисов во понеделник е во Анкара.

Мораме да се заштитиме од опасноста Македонија и земјите од Западен Балкан да се претворат во единственото нешто западно до кое ќе допре овој мигрантски бран.

Затоа, ќе повторам уште еднаш, неопходна е целосна координираност на сите македонски институции и силно изразена политичка волја на сите релевантни политички чинители. Веројатно ќе добиеме и по некоја тужба за повреда на човековите права пред судот во Стразбур. Но, во услови на злоупотреба на маката на мигрантите и нивните човечки судбини во глобално-политички пресметки, отсуството на заеднички став на членките на ЕУ, нивната фокусираност над сопствените проблеми, како и корона вирусот како круна на се,македонските власти се обврзани да ги превземат сите мерки и да ги заштитат животите на македонските граѓани.

Само добро организирани можеме успешно да се справиме со последиците и од „најсилниот трепет на пеперутката“.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.