Петар Поп Арсов

Тиранија на малите одлуки?!

Што е тоа?

Тоа е феномен истражуван од американскиот економист Алфред Кан, кој во истоимениот есеј од 1966 година ги дефинира контурите на оваа појава.
Тиранија на малите одлуки всушност е ситуација во која голем број одлуки, кои индивидуално се мали и незначителни, како според големината така и според временската перспектива, со текот на времето кумулативно резултираат во големи промени, престуктурирања и редефинирања. Промени кои ниту се оптимални, ниту посакувани за пошироката заедница. Тоа е ситуација кога низа мали, навидум рационални поединечни одлуки можат негативно да го променат контекстот на следните одлуки, дури и до таа точка каде посакуваните алтернативи се неповратно уништени.

Истражувањата на овој феномен првично бил фокусиран на неговите ефекти врз пазарната економија, но подоцна се прошируваат и на други области, пред се на деградацијата на животната средина, здравството и политиката.

Како скроено за нас!

Закон со европско знаменце?!

Што е тоа?

Тоа е закон кој го усвојува Македонското Собрание со кој се врши усогласување на македонското законодавство со правото на Европската унија!

Обврската за хармонизација на законодавството на Република Македонија со правото на ЕУ е содржана во членот 68 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Деловникот на Собранието на Република Македонија, донесен во јули 2008 година, во членот 135 предвидува дека содржината на секој предлог закон со кој се врши усогласување со правото на ЕУ треба да содржи коресподентна табела со податоци за изворните акти на Европската унија со полн назив, број и датум како и Изјава за усогласеност. Односно треба да содржи информација со кои регулативи, директиви или конкретни препораки кои се однесуваат директно на Македонија се врши таквата хармонизација на законодавството. Ваквите предлог закони кога ќе влезат во собраниска процедура се означуваат со знамето на Европската унија, таканареченото „европско знаменце“, како знак што ги разликува од останатите закони. Целта на ваквото означување е да се забрза постапката на нивното усвоујување и да се превенира опасноста од филибастеринг или друг вид на процедурални опструкции.

Во јули, таа 2008 година, случајно бев член на Македонското Собрание кое што го усвои одредбите од Деловникот, вклучително и членот 135. Во истиот собраниски состав, од 2008 до 2011 година, случајно бев и претседател на Комисијата за европски прашања, матичното собраниско тело кое што се занимаваше со законите со „европско знаменце“. Исто како што тоа е и денес.

Но, со една „мала“ разлика?!

Во тоа време, време кога беа усвоени најголемиот број на македонски закони со кои се усогласуваше македонското законодавство со правото на ЕУ, ниту еден закон не беше донесен без соодветна коресподентна табела и изјава за усогласеност, онака како што е предвидено во членот 135 од Деловникот. Усогласување на правото може да се стори исклучиво со почитување на правото, почнувајќи од „правото“ по кое треба да функционира институцијата која е „закон во државата“, Македонското Собрание.

Што имаме денес?

Денес имаме хаос во правниот поредок на државата, почнувајќи од институцијата која што треба да е извор на таквиот поредок. Каков извор, таков поредок. Веќе подолг период сме сведоци на кршење на членот 135 од собранискиот деловник и злоупотреба на знамето на ЕУ како симбол кој треба да укажува на реформи, хармонизација и владеење на правото. Сведоци сме на низа „мали одлуки“, затскриени зад малечкото европско знаменце, кои збирно земени трајно ја менуваат и редефинираат државата во која живееме, спротивно на волјата на мнозинството граѓани.

Во моментов го имаме Законот за државјанство за кој не може да се фати ниту ред ниту крај која е вистинската намера на предлагачите на овој закон?! Владата првин даде негативно мислење за донесување на ваквиот закон, за сега, не само што прифати да биде предлагач на истиот, туку се понуди да го стави знамето на ЕУ на предложениот текст. Навистина не се знае кој е зацртаниот краен исход и зошто е потребата од „европското знаменце“ со цел да се ослободи процедурата од непријатна дебата која би можела да ги демаскира вистинските и скриени намери на Владата. Ќе биде ли овој закон комплетиран со неопходната коресподентна табела и изјава за усогласеност со правото на ЕУ и на кои акти на законодавството на ЕУ ќе се повикува?

Се надевам не на оние „европски акти“ според кои изјавата за „бугарското потекло“ на сопствените претци е доволна за стекнување на европско „гражданство“ преку бугарскиот пасош. Трите сведока за стекнување на македонско државјанство асоцираат на оваа „европска вредност“! Зарем ова нема да ни биде проблем во идните преговори со ЕУ, кога и да се случат?!

Се споменуваат уште неколку закони кои во моментов ја брануваат јавноста и се во некаков вид на постапка на која, исто така, не може да и се фати ни ред ни крај. Влегуваат па излегуваат од собраниска процедура. Повторно се враќаат. Отпрвин без, потоа со европско знаменце. Тоа се закони кои немаат никаква врска со хармонизацијата на македонското со европското законодавство.

Законот за еколошка такса, кој има за цел да воведе дополнителни давачки на граѓаните кон државата преку зголемување на цената на горивата, ќе не „хармонизира“ со правото на ЕУ.

Европското знаменце е формула за замолчување на опозицијата и негово лесно усвојување за експресно удирање по џебот на граѓаните.

Законот за Агенција за разузнавање, исто така е „европски“! Зошто еден ваков закон има потреба да биде ставен во забрзана постапка преку злоупотреба на симболот на ЕУ? Зарем не беа доволни скандалите со т.н. бомби, кои ја тресеа македонската држава, за да се извлече поука дека оваа област на разузнавање, контраразузнавање, кодошење и цинкарење треба да се решава на начин кој што ќе биде исклучително внимателен и со максимално исцрпување на сите ресурси за создавање на политички консензус.

Претходно видовме обид за „лепење“ на европското знаменце на Законот за учебници кој имаше некаква нејасна цел за воведување на дигитални учебници преку елиминација на класичните учебници?! И овој закон доживеа повлекување на кое му претходеа неколку обиди за козметичко доуредување со цел истиот да биде прошверцуван во „европска“ процедура.

Замислете, Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции беше во процедура со европско знаменце. Зарем е потребен дополнителен коментар?!

Дури и името на државата беше сменето со европско знаменце!

Има уште многу закони кои целосно го девалвираат знамето на ЕУ како симбол на усогласување на македонското со европското законодавство. Нивното набројување како поединечни одлуки донесени од Владата и Собранието на Република Македонија е невозможно да се направи во текст на една колумна. Тие се само збир на индивидуални одлуки на македонските власти, навидум со ограничен импакт во општеството, но кои кумулативно земено целосно го сменија ликот на државата во која живееме. Тоа е тој збир на владини одлуки, независно што како такви воопшто не се мали, ја заокружуват сликата за постоењето на феноменот тиранија на малите одлуки во македонската држава. Тоа е таа тиранија која што нè доведе до точка каде посакуваните алтернативи се неповратно уништени и која што чекор по чекор, закон по закон, отстапка по отстапка ја деградираше економијата, здравството, образованието, правото, политиката и животната средина, кумулирајќи трајни промени.

Тиранија која воопшто нема да запре тука и која допрва ќе ги собира плодовите на своето разорно дејство. Разорно дејство со кое што ќе се соочиме токму на нашиот пат кон ЕУ и токму заради ЕУ. Тиранија, која злоупотебувајќи ја нашата стратешка цел и нејзините симболи, го претвори принципот на владеењето на правото во принцип на тиранија на малите одлуки… со европско знаменце.

СТОП ЗА ТИРАНИЈАТА!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.