Петар Поп Арсов

Србија и Косово склучија договор! Конечно добра вест од нашите северни соседи. Следеше канонада од реакции која што изобилуваше со коментари кои одеа од крајност во крајност, во зависност од „кујната“ од која што доаѓаат и во зависност од политичките интереси на нивните творци. Имаше коментари од типот: „потписниците не знаеле што потпишале“, „Вучиќ недостоинствено бил седнат пред Трамп“, „Србија херојски одбила признавање на Косово“, „српската страна добила сè на сметка на косовската… и обратно“, „договорот е добар“, „договорот е лош“, „договорот не е договор“. Дури видовме и зајадлива споредба со антологиската сцена од филмот „Ниски страсти“, објавена на социјалните мрежи во режија на официјалната претставничка на руското МНР, Марија Захарова. Подоцна стигна вест дека лично Путин му се извинил на Вучиќ за непримерната објава.

Без разлика на сè, договорот е постигнат. Неговата неспорна историска димензија срамежливо се наѕира зад инфлацијата на други „сериозни“ вести поврзани со случувањата кај нас дома, во регионот и пошироко во светот. Спорот над сите спорови, конфликтот над сите конфликти, прашањето од кое што започнаа сите несогласувања и поделби во поранешна Југославија, а кое што го афектираше поширокиот регион, како и инволвираше интересот на речиси сиот релевантен политички свет на планетава, конечно се движи кон својата финална разрешница.

Што содржи Договорот?

На прв поглед договорот изгледа како онаа народната „Се тресеше гората, се роди глушец“. Делува некако политички минорно меѓусебното признавање на дипломите, или меѓусебната согласност за зајакнување на патното и железничкото поврзување, зголемување на надзорот над патниците во авио сообраќајот или пак декриминилизацијата на хомосексуалноста. Јавноста како да очекуваше повеќе. Контрадикторно делува фактот што во истиот договор се говори за ставање во функција на меѓусебниот граничен премин „Медаре“, а истовремено договорните страни се обврзуваат да пристапат кон т.н „мини Шенген зоната“. Некако нема логика кога се говори за „Шенген“ и отворени граници, истовремено да се говори и за гранични премини. Но, нема врска, важно е да има разбирање. Тоа се само оние епизоди од договорот кои претставуваат реален чекор напред во суштинското поврзување меѓу двете земји и појдовна основа за остатокот од содржина на овој документ.

Тоа се тие основни компоненти кои надополнети со самиот чин на неговото потпишување, им го исцртаа место на геополитичката шаховска табла на двете земји. Но само место! Како шаховски полиња. Црно и бело. Со јасно определени контури без право на движење која што привилегија ја имаат исклучиво шаховските фигури! Косово и Србија, во случајов не се фигури. Вистинските фигури кои во моментов се позиционираа на балканските полиња се сосема други. Договорот јасно ги визуелизира оние кои што извлекоа најголем бенефит од неговата содржина, Америка и Израел, или да бидеме до крај прецизни, администрацијата на претседателот Трамп и Израел.

Зошто баш овие земји, зошто баш Трамп?

Србија и Косово се обврзуваат да ја забранат 5G мрежата која ја испорачува непроверен продавач, читај Кина. Онаму каде што веќе е присутна, се обврзуваат да ја деинсталираат. Овде не се работи за трајна забрана на 5G мрежата. Се работи за оневозможување на кинеското навлегување и доминација на Балканот во оваа област, се до моментот кога нејзината 5G технолошка супериорност не биде анулирана. Тогаш, се разбира, ќе биде инсталирана американската 5G или која и да е на неа соодветна технологија.

Двете земји се обврзуваат на меѓусебна размена на информации и заедничка соработка во рамки на американските безбедносни системи за надзор и информации. Во денешно време информацијата значи сè, а контролата над информацијата подразбира и контрола над она второто, „сè“. Можеби круна на договорот е заедничката обврска што ја превземаат двете земји за дефинирање на Хезболах како терористичка организација, кое што фактички претставува услов за меѓусебно признавање на Косово и Израел. На овој начин, Косово би се приклучило кон малата група земји со доминантно муслиманско население кои ја признале државата Израел. Она што за сите нас во регионот е исклучително важно е фактот што со чинот на меѓусебното признавањето со Израел, Косово станува држава во која мнозинството граѓани најпрвин се албанци, па дури потоа муслимани. Косово станува земја во која сeкуларизмот добива на значење, а одредбите од договорот со Србија претставуваат значаен чекор во поновата историја со кој се зајакнува секуларната димензија во поранешната српска покраина.

Со години наназад слушаме за т.н. „зелена трансверзала“. Сведоци сме на новиот имиџ и начин на облекување на значителен дел од нашите сограѓани, како и граѓани од регионот, заклучно со највпечатливата Босна и Херцеговина, под влијание на „модни трендови“ на исламскиот фундаментализам. Речиси секојдневно добиваме се поголема доза на децибели од гласот на свештените лица преку се посилното озвучување на верските објекти и минарињата. Живееме во годината кога најголемата православен црковен храм, Аја Софија, од музеј повторно беше претворена во џамија. Живееме во време кога со свои очи гледаме како нашиот најсилен сојузник, Турција на Кемал Ататурк, прави обиди да се трансформира во Турција на султанот Сулјеман Величествениот или онаа од времето на Мурат први.

Затоа, договорот меѓу Србија и Косово има историско значење и сите шеги, потсмевање или мајтапење со „ароганцијата“ на Трамп или „понизноста“ на Вучиќ, претставуваат само проголтан мамец на извонредното дефокусирање од суштинската компонента на овој договор, поставувањето на тешки фигури на балканските шаховски полиња.

Србија има обврска да ја премести сопствената амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Тоа е уште еден аргумент во прилог на факторизирањето на Трамп во однос на косовското прашање. Србија ќе стане една од ретките земји која покрај САД, под раководство на администрацијата на Трамп, ја преместила амбасадата во Ерусалим. Се стекна впечаток дека официјален Брисел се најде некако затечен од последната точка од договорот. Токму политички Брисел прв ги лиферуваше вестите дека потписниците не знаеле што потпишуваат, со што стави дамка на содржината на договорот. Се разбира дека Србија била под притисок во Вашингтон, но било и Косово, а финалната содржина на договорот е продукт на компромис од интерес на двете страни. Изјавите и пишманењето на Дачиќ во врска со преместувањето, односно непреместувањето на амбасадата во Ерусалим, претставуваат само пресметана игра на српскиот врв за амортизирање на реакциите од Брисел, како и оставање на подотворена врата во пресрет на американските избори во случај на евентуална промена во Белата куќа. За секој случај, од Вашингтон веднаш му порачаа „такнуто макнуто“ и дека нема отстапување од потпишаното. Сега за сега, во пресметката Вашингтон-Брисел предноста е на страната на Трамп, а и неговиот пријател Путин како да нема ништо против, па дури и љубезно се извини.

Подготовка за договорот. Избори во регионот.

Што му претходеше на овој договор? Што сè се случуваше во пресрет на овој договор и во функција на подготовка на стабилна политичка клима, како подлога за неговото потпишување?

Претходеше сериозна подготовка на целиот регион, особено на двете засегнати земји, како и оној дел од непосредното нивно соседство. Најпрвин, во октомври минатата година во Косово се случија избори. Политичките превирања кои што следеа, резултираа со доаѓањето на власт на актуелниот премиер Хоти. Во јуни оваа година, владата на Хоти го укина начинот на оданочување на српските производи, што претставуваше камен на сопнување меѓу двете земји. На тој начин, Косово ја трасираше својата делница од патот на меѓусебното поврзување. Српската страна од патот беше трасирана со чудните избори во Србија, на кои Вучиќ освои огромно мнозинство добивајќи силен ветер во грб и политичка поддршка за завршување на започнатиот процес.

Во меѓувреме, во Македонија се случија предвремени избори со неколку претходни одложувања и натегања на тема дали и кога да се одржат во услови на корона епидемија. Се случија како што се случија, со резултати како што ги имаме, со избрана старо-нова влада. Во суштина, беше избегнат можниот вакум простор кој би претставувал евентуална опасност од посериозно дестабилизирање на државата во случај на колапс на преговорите меѓу Србија и Косово.

Во исто време се одвиваше и приказната во Црна Гора, каде што суверениот владетел Ѓукановиќ веројатно ќе биде симнат од тронот, после 30 години владеење. Ќе биде симнат од српската компонента на црногорската политичка сцена, поддржана од никој друг, туку види чудо, од албанската компонента. Која ли е силата и политичкиот интерес кој треба да ги спои овие две компоненти за да биде развластен Ѓукановиќ, човекот кој што го призна Косово и човекот кој што имаше сериозен респект кон политичките интереси на албанското малцинство во Црна Гора?! Се разбира дека се работи за повисок интерес кој што ги опфаќа сите варијанти на регионалната „партија шах“.

Кон сето ова мора ги додадеме случувањата околу македонските евроинтеграции. Македонија се наоѓа под сериозен притисок од Бугарија за решавање на одредени спорни прашања, поврзани со историски личности и ословувањето на македонскиот јазик, со цел да го добие фамозниот почеток на преговори. Последниве неколку дена слушаме изјави и отворени закани од бугарски официјални претставници дека без прифаќање на нивниот диктат нема да можеме да ги започнеме преговорите. Информациите говорат дека Бугарија, како никогаш досега,  е исклучително активна во рамки на институциите на ЕУ подготвувајќи терен за доведување на Македонија пред свршен чин. Од интервјуто на премиерот Заев, дадено во четвртокот пред македонските новинари, се стекна впечаток дека тој е подготвен за секакви можни отстапки, само и само да ја реализира зацртаната агенда поради која е доведен на власт. Белото знаме уредно го носи во внатрешниот џеб од својот костум, подготвен да го истакне веднаш кога ќе процени дека е дојден моментот за тоа. Продолжувањето на македонските евроинтеграции ќе доживее дополнително покачување на цената, кое што треба сериозно да ја замисли опозицијата и паралено со протестите за покачената цена на струјата да се позанимава со покачувањето на цената на македонските евроинтеграции. Не дека на тој начин треба да го блокира процесот, туку да влијае на неговиот тек и да ги поддржи оние структури од македонска страна кои учествуваат во преговорите и кои сеуште имаат желба за одбрана на македонските национални интереси. Ако му остават само на Заев, белото знаме му е испеглано и здиплено во џебот, спремно за употреба.

За сега, единствена непозната во македонскиот фајл е позицијата на Бојко Борисов. Човекот снимен со оружје, злато и купчиња пари во својата спална соба, дефинитивно не претставува репрезентативен партнер на политичката елита на Европската Унија. Дали ќе падне, поради кои причини и кои интереси, е прашање кое заслужува поширока анализа?! За нас во моментов е важно каков ќе биде ефектот од неговото останување или заминување од власт, во пресрет на се поочигледното стегање на обрачот, или ако повеќе сакаме, стегање на рамката во која ќе се одвиваат македонските преговори. Доколку се случи за нас непосакуваното сценарио, во кое јазикот во рамките на ЕУ нема да биде дефиниран како македонски, а договорот околу Гоце Делчев се доживее како наша капитулација, тогаш ќе ја доживееме судбината на Црна Гора, која со евентуално новата власт полека ќе се претвора во втората српска држава. Каква физиономија ќе добиеме ние, останува да видиме?! Втора бугарска или трета албанска, односно трета српска држава, во голема мера зависи и од самите нас. Повторно би рекол, ако му оставиме само на Заев, ќе бидеме сè, освен македонска држава и држава на Македонците.

Затоа, слободно можеме да заклучиме дека договорот меѓу Белград и Приштина има историско значење. Историско значење со основна цел за стабилизација на целокупниот регион. Дали во рамки на таквата стабилизација Македонија ќе успее соодветно да се позиционира и нема повторно да претставува монета за поткусурување како по Балканските војни, во голема мера повторно ќе зависи и од самите нас, како и од оние што ги избравме да не водат?! Ќе успее ли Македонија да го преживее овој гамбит на шаховската табла и како едно од црно-белите балкански полиња, покрај кон таблата на „малиот Шенген“, конечно ќе биде приклучена и кон таблата на „големиот Шенген“, но не само како обично поле, туку како фигура со сопствена физиономија и идентитет?!

Следуваат одговори!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.