Васко Шутаров

Завршија јулскиве, десетти парламентарни избори. Беа тоа и први, т.н. корона избори. Круна на политичка виоленција во време на пандемија. На високото плато од заболени и починати, на европското дно од трагично лоши здравствени политики. И врвен политички театар на апсурдот. Под маски за еднократна употреба, на подредени столчиња како за трајно замолчување. Исо добро познати креатори на нашата судбина, за повеќекратна употреба. Меѓу чеканот од актуелната црна чума и наковалната од долготрајната македонска бела чума. Се скоцка мозаикот на нашата сегашна судбина. Стокмен си и тиво него ?Сега, после сиов фестивал од лаги, безобразни лаги и статистика?

И обиди се и пронајди се себеси во ваквиот мозаик! Вака разбиени, просто атомизирани, отуѓени еден од друг,здраво социјално дистанцирани, идеални за редизајнирање во инженеринготна најновиот македонски мозаик. Ако можеш пронајди ја и Македонија? Раздробена и изместена, во која, секој секому и понатаму ќе му р’жи.Ми требаш -и јас тебе, не! Те сакам-и јас тебе, не! И здраво избогум, Македонијо?

Мозаикот е стокмен. И со чинење и со нечинење,  го заслуживме токму ваков. И не само од камчиња кои забот од времето тешко ќе ги одлепува. Како во Стоби, како воПлаошник или Хераклеја. Туку и од лесни лего-коцки, кои и најмало невреме ќе ги разместува. И редизајнира, според потребите на денот. И контекстот, на регионот, се разбира.И според потребите на оние, за кои ова беа тешки избори. За лесен живот.

Пирова победа. После која утрото нема да е помудро од ноќта

И кој победипосле вреливе, јулски изборни денови и ноќи? После битката, низ која самопандемскатачума за само неколку месеци ни однесе најмногу жртви од осамостојувањето на државата, до денес. И донесе, барем до денешниов ден, илјадници жртви колку цел еден град, од форматот на еден Ресен, на пример.Генералите денес ќе ги пребројуваат жртвите и ќе мудруваат над „победата”. Нормално, после претходно испукани огнени рафали и одиграно победничко оро. Со фрлени маски во вис, после програмски одиграниот политички театар на апсурдот.  Го видовте ли веќе главниот Пир„Македонски”, на победничкиот трон?Со наочариза вид, за да ја одмудрува поубедливо победата? Скоро девет месеци после трогателната оставка, која ја внесе државата во општ хаос. Дали да ја рекомпонира истата, сè уште владејачка структура? Можеби со розевите победнички наочари и не изгледа сè така пропаднато и сиво?Да пробаме прво, „тие кобајаги сакаат, а ние кобајаги несакаме”? Лето е, фали малку лесна мелодрама,драмолетка на наш начин?Уште малку купување време, пред невремево од здравствени и економски неприлики. За почеток.

А веќе утреи гневните и праведните гласачи и негласачи, на купче ќе се чудат, кој сè ќе одлучува за нивната заедничка и секоја подинечна судбина во државата. Подзаборавија, на онаа мудрост, дека „секогаш лошите политичари се избрани токму поради добрите граѓани што решиле да останат дома”.Но, и едните и другите и третите, неспорно дека наместо епски победи, им оставијана избраните политичари една епски сложена порака-енигма. Енигма, што допрва ќе треба да се одгатнува. Политиката, впрочем е Сфинга, која бара одговор на сите нерешени загатки. Сфинга, која патем, сласно ги голта оние што не се способни да се снајдат, со малку посложена, но минуциозно прецизно скроена политичка загатка, како нашава денешна.

Што ќе си надробиш, тоа ќе си сркаш!

Единствена добра вест, што после изборите ни се случи е таа, дека изборите завршија. Беа убедливо најтоксични во новата македонска изборна пракса. И единствената добра весте дека денес сме поштедени од отровите на една крајно негативна и со гнев и анимозитет преполна кампања. Во која оската и фокусот од дебатата, елегантно се префрлија од крајно лошите здравствени, економски и воопшто домашни и надворешни поразителни владејачки политики, на веќе излитените флоскули за тоа, кој повеќе е за ЕУ и НАТО! Како кога на мали деца, за обично лижавче или сладолед им се подметнува прашањето, „кој повеќе сакаш, мама или тато”? Вака затворени и изолирани од цел регион, од Европа и светот, се дрзнаа и ја фрлија јадицата во плитка вода како за гласачи, повторно вратени во прво одделение.? Перфидно и подло делејќи ги граѓаните и нивните политички избори, со фикцијата за постојани делби, “дали сте за интеграција или за изолација”. Политичари што со своите лоши политики токму во овие долги летни денови и ноќе, нè затворија во домашниот експрес-лонец, на тивко и на подолго. Во тој лонец за топење, во кој и не по своја волја се најде секој македонскиот гласач. Мантрата „Тато Нато носи, Мама ЕУ меси” и на овие избори беше за жал, задолжителен опиум за народот. Патем, каде не успеа мантрата и опиумот, таму со „европски методи” и цел арсенал од средства за поткуп, притисоци и уцени да избоксуваат ова што денес го нарекуваат, убедлива Пирова победа. Над кого? На што? И со кого? А од граѓаните си добија една многу проста и строга поука-тоа што си надробивте, тоа да си го сркате до крај! Покрај енигмата, за која и не само Сфингата од политиката, си го очекува решението.

Сенките над Балканот! Дури мечките играат во комшии

Ми текнуваи на серијата „Сенките над Балканот”, дури низ мисли исчезнуваат конфузните часови после затворањето на изборниот ринг. Серија, во која ликовите се „здраво уфилмувани” дека стануваат битни актери во правењето ред и поредок, во борбата за право и правда. Типична балканска факторизација на нештата. Од типот, „за влијанието на нашите баби, во светската студентска револуција”, на пример. И таа порака овојпат ја испорачаа граѓаните, кон сопствените политички власти и кон креаторите на поширокиот политички контекст, во кој се одвиваа и овие избори. Дефакторизацијата и комлетното негирање на изборниот глас на претходните избори, комплетната дефакторизација посебно на македонскиот глас во спроведувањето на понижувачките политики по македонското национално достоинство, девалвирањето и изигрувањето на сите сериозни граѓански акции, резултираа со уште поголема резигнираност и летаргичност на голем процент одгласачкото тело. Болното сознание дека креатори на новата македонска историја не се и политичари избрани од мнозинството граѓани, го одредија актуелниов скор на таблата, на новата македонска реалност. Во која се допреа и пронајдоа за момент, врвот од сеопштото разочарувањето и дното од неуспеси на  севкупните досегашни владини политики. И останаа како маѓепсани од тој момент на вистина и препознавање. Маѓепсанатата квадратура од македонскиот круг, преточена во денешниот мозаик, со неколку непознати и многу извесности.

А мечките како во магичен танц,во меѓувреме заиграа во соседството. Од причини, скоро идентични со нашите. И удрена е многу силно, првата билијардска топка. Од Белград, преку Атина и Софија. На балканскава зелена билијардска маса, карамболот не прескокнал никој.Никогаш. Дали причините ќе бидатисти или слични? Продолжените рестрикивни ограничувања на правата и слободитe после предизборново оргијашко ослободување на мерките за заштита,дали порадисомнежите за криминални афери за време надолготокарантинско седење дома, дали поради брзото освестувањето дека вистинска авантура е да се даде поправна шанса на некој што веќе покажал дека нема капацитет да води држава, со европско поимање на правото и борбата против криминалот и корупцијата, ќе видиме за многу брзо. Можевме ли во овој регионален контекст, да изиграме помудро, посложно и поитро за нас самите и нашите државни и национални интереси? Можевме и моравме, ова ни беше уште една пропуштена, солидна шанса. Пред да заигра мечката и во нашиот двор.

Македонија. Една  никогаш довршена љубовна приказна…

А за оние, вистинските губитници и на овие избори, оние непоправливи возљубеници во Македонија како своја единствена татковина. Родно место, каде решиле и по секоја цена да ги остварат своите правдини и слободи. Кои патем и со милион прегледи за едно деноноќие на песната“Налеј, Налеј”, не успеаја да ги паднат или хакираат каналите каде се појави прекрасниот спот од незавршенатасерија „Македонија”. Нивната неповторлива љубовна приказна, наречена Македонија, не завршува овде.И наспроти сите негирања, повредувања и газења, ќе биде тоа, уште посилнаи потрајна љубовна приказна. Идеалите,за среќа не потпаѓаат и не се подложни на математички калкулации, ни пред, ни во постизборен инженеринг.

А, Поетот со профетски дух, и деновиве постојано се цитира (и не бадијала), „оти само еднаш татковината се освојува однадвор, а потоа секогаш се освојува само одвнатре”. Е токму таквите, никој и никогаш нема да може да ги стокми по ниедна друга,туѓа мерка. И за таквите секогаш ќе биде : Ми требаш! И ти мене, да!  И,  те сакам! И јас тебе, да! За таквите и кога некоја битка е изгубена, никогаш збогум на вечната борба за Македонија, нема да и кажат! Вечна да е! Подеднаквоевропска и подеднавонаша, Македонија!

П.С. Внимавајте и чувајте го здравјето во меѓувреме!  Ќе си требаме сите, живи и здрави! И тоа, за брзо! Жива е Македонија!!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.