Го слушам „националниот академик” Таки Фити како кажува македонско-бугарски комисиски глупости за Гоце Делчев. Но добро, во таа НАНУ-академија, очигледно, покрај ретките чесни, достоинствени и заслужни интелектуалци, има и цела збирштина такви лојални „мислители” како него, кои длабоко веруваат дека, врз крилјата на политичкото лакејство, велепредавништвото и најприземниот кариеристички неморал што ги промовира агресивната дивјачка „цивилизација на заевизмот”, можат, и по највисоката титула до која лично се искачиле, а тоа е корумпиран НАНУ-академик, да се напредува уште понатаму, до небото.

Онака од високо, и НАНУ-академски надуено, на трагата на заевското растрошно „добрососедство”, Таки Фити, божем концилијантно, ни проповеда дека не било важно дали Гоце Делчев бил Македонец или Бугарин, туку било важно за која цел се борел. Така и на НАНУ-академикот Таки Фити лично воопшто не му е важно дали тој самиот по националност е Македонец, Влав, Бугарин, Грк или Албанец, туку му е важна само целта за која се бори. А, еве, беспрекорно совесно и прецизно се бори токму за овој ужас до кој македонскиот народ и Република Македонија ја донесоа таквите велепредавнички, заевски, големоалбански, големобугарски и големогрчки, големоевропски и големонатовски мислители и борци – до оваа страшна трагедија, беда и невидени внатрешни и меѓународни понижувања што ги проживуваме во последниве неколку пеколни години.

Господине НАНУ-академик Фити, секое дете во градинките ја знае разликата помеѓу крушите и јаболката, а вам сето тоа очигледно ви е измешано, ѓутуре, заматено и страшно ве збунува.

Така постои и апсолутна разлика помеѓу нечија националност/народност, од една, и целите за кои тој се бори, од друга страна. Можам за тоа да ви наведам стотици конкретни илустративни примери, но земете го само случајот на писателот Ернест Хемингвеј. Како и безброј други луѓе од разни националности, и тој, со заедничка антифашистичка цел, учествувал во Шпанската граѓанска војна, а сепак по националност не бил Шпанец, туку Американец, а таков си останал и до крајот на животот. Но можеме да ги наведеме и примерите од нашата непосредна историја. Блиските соборци на Гоце Делчев – Христо Чернопеев и Пеју Јаворов, се бореа за истите цели како и Македонецот Гоце, за национално и социјално ослободување на македонскиот народ и за создавање независна македонска држава, а по националност биле Бугари, и такви, се разбира, си останале до крајот на животот… Значи, идеолошко-политичките и социјални идеи и цели, господине НАНУ-Фити, немаат никаква врска со нечија националност. Но за разлика од гореспомнатите, кај Гоце Делчев не постои таква биполарност, што вие, завиткана во тенка политикантска магличка, ја пропуштате на мала врата: големиот македонски син Гоце Делчев бил Македонец и се борел за македонски национални цели.

Навистина е голем срам што, како и вашето истомислечко велепредавничко друштвенце, го јадете чесниот македонски бел леб, зашто за тоа треба да се има и бел образ. Но тоа вам и така и така ви е сосема сеедно. Важно е што дотуркавте до онаа највисока академска титула од наднасловот на оваа колумна. Сепак, господине НАНУ-Фити, што и да правите, колку и да му танцувате, колку и да му се вовлекувате на лажниот космополитски пророк, архипредавникот Заев, „повисоко” од тоа до кај што дотуркавте веќе не можете да напредувате; оттаму, од таа вртолумна височина на „биполарен” национален академик, постои само еден пат: нагло да се потоне удолу, да се тресне како патлиџан на асфалт! – но вие, ете, си ја избравте и си ја фативте токму таа и таква научна и морална насока.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.