Марјан Ристески

Со распуштањето на собранието конечно заврши една лоша, можеби и најлоша епизода – повест во историјата на независна Македонија, која нè потсети дека важи она историското – Македонија и Македонците секогаш страдале од свои!

Се повторува генетската мутираност на одредени Македонци да бидат пакосџии на сопствениот народ, и тој ген – таквите си го пренесуваат од колено на колено, од генерација на генерација!

Несомнено, Македонија секогаш имала патриоти кои застанувале на браникот на татковината и често несебично го давале и сопствениот живот за неа.

Но, за жал, историјата секогаш имала и темна страна, односно такви кои за грст пари и лични интереси, за пуста власт биле спремни да направат сè, да го разнебитуваат и распродаваат националното, понизно прифаќајќи да бидат дворски слуги на туѓи интереси, но и да бидат заслепувани од материјалното богатство и уживањето, наместо да му служат на својот народ и својата Македонија!

Ваквите лоши примери за жал ги имало многу низ историјата. Во различно време, одработувале за различни налогодавачи! Во време кога како Македонци сме немале сопствена држава и во време кога туѓа чизма ја газела оваа напатена грутка земја, тие често биле полоши и од окупаторите. Резултатот бил страшен: многу Македонци биле предавани, семејствата измачувани, други обесхрабрувани. Многу херои заради нив завршувале во темни зандани на по 101 година, а голем дел од нив и прерано загинале – токму заради одработувачите!

За да биде јадежот и болката уште поголема, во Македонија постои непишано правило, секогаш, позади секој загинат херој да стои и името на оној од чиј што збор загинал, име кое што никогаш не останало сокриено, туку секогаш останувало во темните сеќавања на македонскиот народ.

И како дежаву, еве повторно – сега кога во 21-ви век се оствари нашиот вековен сон и имаме самостојна држава, само што помисливме дека таа мрачна историја е минато и дека сите се радуваат на фактот дека сега Македонија е самостојна, дека е држава која треба сите да ја чуваат, да ја градат и развиваат, дека заедничката цел е сета енергија да се насочи кон тоа народот да се обедини кон сите предизвици кои ни претстојат, Македонија повторно го доживува истото проклетие.

И повторно Македонија доживува „повампирување“ на геноцидност врз сопствениот народ. Спакувано и завиткано под призмата и превезот на „живот“, тој се претвори во понижување и обезличување. Посегнаа по нашиот идентитет, креираа слика на единствен народ кој сам си ја брише историјата, народ кој сам насилно си го менува името и народ кој треба секогаш да праша други за сопствениот идентитет и сопствените човекови права! За да биде комплетно повторување на историјата, оние кои се побунија ги направија да бидат најпрогонуваните и се обидоа да ги претстават за најомразени во сопствената држава.

Во сета геноцидност го прегазуваа и Уставот и Законите, ги злоупотребија институциите, го излажаа и го испокрадоа народот.  Така го почнаа својот незаслужен мандат во Парламентот, така и го завршија, до последен здив, со изгласување на закон за нивна амнестија.

И таблата – како прична за разрешување на Мизрахи! Е токму таа табла и таблите што ги сменивте по институциите низ државава и историското изигрување на народот ќе биде вашиот „закон“!

И да не заборавите – Македонија била и ќе биде вечна! Македонија ги надживеала сите обиди за искоренување на македонското од Македонија! Вие ќе останете како нова гнила темна страница на македонскатра историја, која што овој пат се надеваме дека никогаш повеќе нема да се повтори!

ТАБЛАТА ОД РАШЕЛА – СИЛНО ЌЕ ВИ СЕ УДРИ ОД ГЛАВА!!!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.