Васко Шутаров

(Пред да згаснат светлата на градот)

Пред десетина дена, веќе традиционално, ја одбележавме годишнината од смртта на легендарниот војвода Леонид Јанков. Годинава се навршија 115 години од загинувањето на јунакот со срце-динамит. Опеан од народот во песна, што е своевидна химна на Гевгелија. „Т’рба, т’рби Гевгелија”. Дента кога било донесено телото на војводата Јанков биеле сите камбани во градот, а околу местото на неговиот вечен дом се собрал скоро триилјаден народ од Гевгелија и околните места.

Друга една легенда поврзана со Гевгелија кажува дека уште далеку пред овој настан, некој дервиш решил да се насели во тогашната мала населба, каде му се допаднала топлата клима, близината на чистите води од Кожув, околните топли води, близината на реката Вардар, дебелите сенки во жешките летни денови, меките зими. Мештаните не сакале трајно да отседне гостинот и го избркале. Исплашени од гласните клетви на дервишот, на заминување му довикувале, „гел-гери, гел-гери”, што на турски значи „оди-и пак дојди”. Легендата вели дека така и настанало името Гевгелија. И тоа станало белег на градот – да му доаѓаат, да се враќаат и повторно да му се навраќаат. Добронамерници од секаде.

„Гевгелија е нешто сосема друго” – ќе ви речат и ден денешен нејзините жители. Град што многу тешко може да се спореди со кој друг било сличен во државата. Почнал да расте и да се развива во ретко убава, топла и питома долина, од едната страна распослана до падините на Кожув планина, а од сите други страни отворена кон медитеранското поднебје на морето, кое во убави и јасни денови и се гледа од врвовите на Кожув. Својот подем како град го започнува со изградбата на железничката пруга Солун-Скопје, кога дотогашната трговска раскрсница почнува да се развива со друга брзина и динамика. Благодарејќи на трговијата, до Балканските војни се развива во град со ретко убава градска архитектура. Патеписци поради убавината го нарекуваат втор Солун.

Војните оставаат трајни белези во развојот на градот, посебно разорните Балкански и Првата светска војна, поради близината на Солунскиот фронт. Гевгелија тие повоени години станува втор и траен дом на бројни бегалци од помалите соседни гратчиња, Сеово и Мачуково, кои по Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија ѝ припаднале на Грција. Но, Гевгелија повторно доживува силен развоен подем, благодарејќи на одгледувањето на свилената буба од чии кожурци се точел еден од најквалитетните свилени конци во Европа. Гевгелија добива белези на убаво и средено градско средиште, добива убава и модерна железничка станица, станува жив град „од станица до граница”, град со една домаќинска и отворена кон секој добронамерник, култура на гостопримство и живеење.

Повоениот развој на Гевгелија е препознатлив повторно благодарејќи на медитеранската клима и отвореноста на градот, како трговско и сообраќајно средиште, одгледувањето на раноградинарските култури, развојот на големите прехранбени комбинати и винарии, транспортни претпријатија, но и услужни дејности, поврзани со сè поголемиот дневен транзитен туризам поврзан со исклучително фреквентниот коридор Е75, кој тогаш најбрзо ја поврзува Европа со Егејското Море. Преполни вагони со туристи во меѓународниот железнички сообраќај, безброј автомобили од сите европски држави, дневно транзитираат низ овој најужен град со најмногу сончеви денови во годината. Гевгелија стекнува имиџ на град каде животот знае да биде посебно убав и сладок. Градските кафеани, корзото, дотераниот свет по најнова солунска мода, набргу потоа и отворањето на една од најдобрите дискотеки во рамките на поранешна Југославија, го прават градот привлечен и исклучително посетен, посебно во топлите летни месеци. Кога е градот потонат во мирисите на зрели смокви, грозје и калинки.

По осамостојувањето на државата, Гевгелија многу бргу се трансформира во град со изразена приватна иницијатива за мали и средни бизниси, развој на веќе постоечките, но и нови стопански гранки, пред сè, прехранбено-преработувачки приватни капацитети, приватни конфекции, но посебно со развој на нови и атрактивни гранки на туризмот, како што е казино-туризмот. Гевгелија – отворениот град за странци, но и за работна сила од цела држава, уште во 90-те години од минатиот век го добива и епитетот, „Град-Порта на Европа”, а во последната деценија станува познат како „македонскиот Лас Вегас”. И со право, со оглед на големиот процвет на казино-туризмот и луксузните хотелски услуги поврзани со него. Освен на далеку познатите кафеани со традиционална и медитеранска кујна, луксузниот казино-туризам носи и врвна гастрономска понуда, со врви светски гастрономски специјалитети.

Гевгелија стана Мека, првенствено за грчки туристи. И во години на затегнати меѓудржавни политички односи, Гевгелија остана средиште за развој на интензивни стопански, трговски, но пред сè, туристички релации со нашиот јужен сосед и град со најмногу стоматолошки ординации по глава на жител, веројатно на Балканот и пошироко. Град со стотици домашни капацитети за сместување гости, маркети, колонијални продавници и пазар, снабдени најдобро што може, козметички и фризерски салони, кафеани и кафетерии, рамни на најдобрите, солунските. И град, после Скопје и Охрид со најмногу ноќевања, а според своите просторни димензии и протокот на илјадници туристи, посебно за време на викендите, несомнено и град со најголема динамика и движење во државата. А она што е секако и додадена вредност на културата на живеење во Гевгелија е секако, растежот на градот како образовен центар и постојаниот растеж на културен план, како вистински македонски град каде културата и се создава и се ужива. Патем и со најмала стапка на невработеност во државата.

И така, сè до неодамна. До појавата на пандемијата со коронавирусот. До март, годинава. Постојат места, градови и региони, кои веројатно затворањето на границите и ограничувањата во движењето и не го почувствуваа со таква жестина, како што мојот град во моментов ги чувствува последиците од ограничувачките мерки за движење за време на пандемскава криза. И многу тивко, многу кротко како за луѓе со еден медитерански темперамент, моите сограѓани го одболуваат овој период на вистинска економска катастрофа, која трае со месеци, чиј крај сè уште е невидлив и сосем непредвидлив. Така, речиси преку ноќ, стотици гевгеличани останаа без работа, стотици семејства без егзистенција. Во едни претопли летни денови и ноќи, во кои сè изгледа нормално, а веќе ништо не е нормално.

Ќе успее ли и овојпат да се издигне повторно како Феникс, како што успевала многу пати низ својот скоро 150-годишен развој како град, овојпат не зависи само од добрата волја, добрата домаќинска мисла, инвентивниот претприемнички и трговски дух и гостопримство, како главна карактеристика на културата на живеење на моите сограѓани. Сега станува збор за култура на опстанок, во која Гевгелија нема да може сама.

И мала дигресија во овој контекст. Работејќи во рамките на еден тим експерти минатата година, на Стратегија за развој на туризмот во Општина Гевгелија, во поглавјето за (ре)брендирање на Гевгелија, сум запишал, а не сум имал намера да бидам лош пророк, дека е исклучително важно за еден град и крај со мноштво предности за развој и на други видови туризам, како руралниот, бањскиот, здравствениот, конгресниот, планинско-адреналинскиот, верскиот и културниот туризам, да се потпира долгорочно само на еден вид туризам, како што е казино-туризмот. Доволно е едно подолгорочно затворање на границите, од кои било причини (а најмалку тогаш ги претпоставував здравствените) и да се случи крах на оваа атрактивна туристичка гранка.

И факт е, дека Гевгелија, за разлика од бројни други атрактивни туристички дестинации во државата, не ги искористи и прилагоди како за новиве пандемски ограничувачки околности, предностите на своите останати туристички вредности и предности, за привлекување на домашните туристи. Посебно од аспект на фактот, што од почетокот на пандемијата, па до крајот на минатиот месец, Гевгелија беше еден од ретките градови со исклучително мал број позитивни случаи на коронавирусов.

А, нашиот јужен сосед, нашиот стратешки партнер како што милува да кажува нашава актуелна државна политика, уште толку ги замандалува границите, штитејќи си го и здравјето на своите граѓани, но и економијата на својата држава. И тоа е нивно сосема легитимно право толку добредојдено, во една веќе постоечка рецесија на економијата, своите приходи граѓаните да си ги трошат дома, а не да се арчат во таму некоиси Гевгелија, Дојран, Битола или Охрид. И без оглед што токму овие градови најблиски до грчката граница, најдолго останаа „Covid Free”, како што во месец јули, во краткото отворање на границите со Грција, се обидоа да се промовираат и вратат дел од своите редовни посетители од Грција.

Гевгелија во моментов е жртва, можеби една од најголемите. На една катастрофално лошо водена здравствена политика на државата во справувањето со пандемијата, сите овие пусти месеци, во кои ни две седмици власта не успеа да ја стави државата во европската рамка на ниско-ризични држави за трансмисија на вирусот. И затоа, драги претставници на власта, кога доаѓате овие денови во овој традиционално домаќински и отворен град, да слушнете како ни е и како му е на градов што така брзо и пред очи ни умира, станете сериозни веќе еднаш! Не си правете лични промоции и еднодневни екскурзии, за да продавате екскурзии на мозокот, што велат Гевгеличани, нудејќи од смешни до најглупи можни решенија за заживување на градот, преку претворање во центар за изработка на брзи тестови за актуелниов вирус, се разбира, за многу пари. Ајде станете сериозни барем еднаш и справете се конечно здраво со пандемијава, европски како што ѝ приличи на проевропска влада, за каква се декларирате. Или барем, бидете достојни и моќни, како што горделиво го промовирате стратешкото партнерство со Р. Грција и направете конечно некое добро, да ги почувствуваат конечно придобивките од стратешкото партнерство и нашите граѓани. Овде и сега!

Затоа што Т’рби, т’рби Гевгелија. Гласно и тажно, како ретко кога порано! (Се слуша и до Струмица?!) Само кој да го чуе тоа?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.