Весна Јаневска

Речиси половина континент, Австралија изгоре, а од земјината топка исчезнаа околу 1 милион живи суштества, од кои некои загрозени видови. Изгореа и шумите во Амазон, заедно со други видови живи суштества. Сирија е речиси пелел и прав, милиони избеглици од Азија се преселуваат во Европа.

Кина гради 100 градови со над 10 000 жители, Сингапур е технолошки гигант, во Дубаи е изградена Бурч Калифа, највисоката зграда на Светот.

На универзитетите во Станфорд, Јеил,  Оксфорд, Кембриџ, експресно се развиваат когнитивни науки, модерно инженерство, компјутери и информатика, општествени науки.

Роботи оперираат, животни се клонираат.

Принцот Хари и Меган Меркел се откажаа од кралските титули, но мора да вратат 2.4 милиони фунти на државата, односно на луѓето кои плаќаат данок во УК.

Секакви чуда се случуваат во Светот, а ние се бавиме со Катица, Боки, прислушувани разговори, криминал и насилие, и вербално и физичко.

Деца се силуваат, жени се тепаат, луѓе се убиваат.

Вестите се преполни со мака, тага и несреќи. Лажни вести толку многу, што веќе немаш желба ништо да чуеш, зошто веќе не разликуваш лага од вистина, а не можеш и не сакаш цел ден да го изгубиш во потрага по точните информации.

До каде ли стигнавме кога и за крстот на Водици се степавме?

Кој идентификационен модел им го нудиме на децата. Постојано слушаат за кражби и други видови криминал, сведоци се на манипулации, неработење и клеветење. Агресија на сите страни, од медиуми, социјални мрежи, па преку семејството и училиштето до улица. Ништо не е поштедено, ни политиката, ни судството, ни здравството, ни професорите, ни работниците, ни социјалците, ни етникумите, ни традициите, се е на удар на ураганот “Темнилишта“.

Во таква општествена состојба децата се изгубени, збунети, фрустрирани и се разбира и несреќни. Трчаат по оценки за да можат да се запишат во средно училиште или на факултет, трчаат то марки облека за да бидат “ин“, трчаат по сленгови за да бидат посебни.

Тогаш и не е чудно што нашите ученици се меѓу најлошите по успех на тестирањето ПИСА.

Образованието обезбедува, покрај знаења од одредени области, способност за логично мислење, аналитика и дедукција, препознавање на базичните човекови вредности, развиток на чувството за правда и праведност, начини за решавање на кофликти, справување со проблеми, борба со сиромаштијата и воспоставување стандарди.

Образованието овозможува создавање на принципи, интегритет на личноста, развиток на демократија, наука, развиток на економија и конечно создавање услови за добар и квалитетен живот.

Образованието создава одговорни и вредни личности, личности кои градат а не рушат, кои творат и имаат амбиции и кои почитуваат различности, етникуми, традиции, јазици, политичка мисла и на крај и држава.

Се чини дека од почитта кон татковината остана малку или речиси ништо. Националното чувство се изгуби некаде во борбата за замислен подобар живот, патриотизмот се прогласи за декаденција, традицијата за простотилак, а достоинството за нереалност. Згора на се, за се ова Европа планира да не награди со 50 милиони Евра. Прилично евтино, се надевам дека се сложувате.

Каде и да сме научиле и што и да сме нучиле, за да ни се случува тоа што ни се случува, на тоа треба да му дојде крај.

За ваквото однесување требаат промени. Не, не зборувам за Власт и кадри, јас гледам малку пошироко на тоа. Требаат промени во образованието на децата и младите, за да почнат да ја почитуваат и толерираат различности, да се откажат од лажната себепрезентација, од трката по оценки а не знаење, од трката по моќ а не успех, од трката по лажно задволство а не вистинска среќа, мир и спокојтво.

Треба тешка и длабока реформа во образованието!!!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.