Неоколонијалистичките амбасадори во Македонија се големи гурмани, а особено уживаат секојдневно да јадат суви гурабии. Дури може да се рече дека јадењето суви гурабии е нивната најомилена активност. Некои од нив без прекин си јадат суви гурабии, и апсолутно е сигурно дека во јадењето суви гурабии никој во светот не им е рамен. Интересно е што сите тие воопшто и не знаат што се тоа гурабии, и веројатно затоа така експлицитно и препотентно си јадат суви гурабии пред македонските ТВ-камери и микрофони и пред мирните македонски граѓани, кои, пак, многу добро знаат што во Македонија значи „абе, не јади суви гурабии”, и, додека на своите екрани ги гледаат тие разлапани гурабијадци – си го мислат токму тоа.

Лека-полека, јадењето суви гурабии, како најразработен и најусовршен заевски балкански метод, и на амбасадорите во Македонија им стана прашање на нивниот личен, но и меѓудржавен престиж. Вистински се натпреваруваат кој ќе изеде што повеќе и што поголеми залаци суви гурабии за Македонија, за македонскиот народ, за македонскиот идентитет, за македонскиот јазик, за македонското минато, за македонското Име, и особено за македонската иднина. Сувите гурабии, што така слатко ги лапаат, за нив претставуваат вистински амбасадорски, но и личен афродизијак. Е, гледате, токму за таквите мераклии за јадење суви гурабии, ние итреци, овде, на широкиот и вдахновен Ориент, и ги измисливме гурабиите, па имаме и убава поговорка за тоа: „лапни гурабија, да ти кажам кој си и што си”.

Амбасадорската фела во Македонија си воспостави свои узуси во јадењето суви гурабии. Главно тоа го прават индивидуално, претставувајќи ги своите важни неоколонијалистички држави, во кои за нивниот страшен гурманлак нема толку добри суви гурабии како што се македонските, но, еве, од пред ден-два сведочиме дека веќе почнаа да организираат и Jet-Set амбасадорски party на колективно јадење суви гурабии. Таа, за светот апсолутно најважна вест, штотуку ни ја обзнани еу-амбасадорот Самуел Жбогар, кој изјави дека на своето последно неоколонијалистичко амбасадорско party во Скопје, јадејќи ептен многу суви гурабии, еу-амбасадорите рекле дека е добро што партиите во Македонија се договориле околу датумот за изборите. Е, од таа нивна голема и судбоносна мисла се гледа дека, сладејќи се со супер суви гурабии, тие продолжуваат интензивно и безрезервно да им се посветуваат на евро-интегративните процеси на Македонија. Навистина, испијанети од голема доза бистра боза која оди со гурабиите, тие и заборавија што значи што е тоа „евроинтеграција” на Македонија, но од толку неуморното евроинтегративно шлајфување на нивните јазици во устите полни со суви гурабии сепак запомнија дека постои некаков таков збор кој навистина ништо не значи и не вреди ни пет пари, но секако ти гарантира дека уште со години ќе имаш кај да јадеш амбасадорски суви гурабии.

Треба да се нагласи дека вистински шампион над шампионите во јадење суви гурабии за Македонија беше и за сите времиња остана американскиот амбасадор Џес Бејли. Тој најнапред јадеше многу, многу суви гурабии во Турција, и кога дефинитивно им ги изеде сите гурабии, и тоа не само во Истамбул, туку и низ цела Анадолија и насекаде во внатрешноста, Турците едноставно му удрија клоца: нека се витоса и нека јаде суви гурабии на некое друго место. Американската длабоката држава, суперспецијализирана за јадење гурабии, веднаш ни го испрати нам во Македонија, и тој тука до одвратност и при сеопшто гнасење се уби од јадење и лапање суви гурабии. Но кога тој Deep Guraby Gourmand Boy мораше, шуќур, да нѐ остави, се наметна оној EU-Deep Guraby Fant Самуел Жбогар, и сега тој ти јаде суви гурабии повеќе од сите други заедно. Сега во неоколонијалистичкиот амбасадорски круг едноставно веќе никој не му е рамен. Тој јаде суви гурабии и за појадок, и за ужина, и за ручек, и за вечера, понекогаш и во текот на непроспиентите дипломатски евроинтегративни ноќи. Мачена гураби-душичка!

Но добра и утешителна вест е тоа што ние, во оваа наша заевска распашој „држава”, имаме навистина така добро организирана власт што катадневно неуморно произведува енормни количества суви гурабии. Ќе има што да јаде и тој Жбогар и сиот неоколонијалистички амбасадорски дипломатски кор, но и сите наши домашни, и други странски јадачи на суви гурабии.

Ете, Неќни суворакиот Никола Димитров, сиот запењавен од алчно јадење суви гурабии свечено изјави дека „била потребна голема храброст да се потпише Преспанскиот договор”. А бре, сува црна гурабијо, за тоа беше потребно само твоето мизерно велепредавство, и патолошка омраза на сѐ што е македонско.

А погледнете го и лудион криминалец од Муртино Заев, предизборно оди наоколу и јаде ли јаде суви гурабии за тоа дека додека го имаме македонскиот јазик ќе постоел и македонскиот народ; како некој нешто да го прашува тој бедник и таа морална нула, кој како најдолна уличарска „радодајка” трчаше на сите страни и на безочни туѓински освојувачи им раздаваше сѐ што не е негово, туку наше, народно, македонско, вековно – и Историјата, и Јазикот и Името.

Погледнете ги, пак, оние гебелсовски „дебелиот и слабиот”, Османи и Груби, како не престануваат да јадат суви гурабии за сѐ и сешто, само и натаму да создаваат смут, застрашување, напнатост и меѓуетничка омраза. Си спомнувате за она нивно одвратно јадење суви гурабии кога започна епидемијата дека ДУИ ќе испратело 11.000 волонтери до последното село и до последното катче во Македонија за големоалбански да им помагаат на заболените и загрозените. О, црни расипани суви гурабии!

Скокнете преку границата на југ: ете ти го насмевнатиот Мицотакис кој секој божји ден јаде, и јаде, и јаде суви гурабии дека Преспанскиот договор не може да се менува, ниту да се поништи, и оти тоа е за сите времиња и до крајот на светот и векот свршена работа. А зошто, бре, Нострадамус Мицотакис, зарем историјата почнала и завршила со идиотите Заев, Ципрас, Коѕиас и Димитров, и зарем на нејзиниот натамошен тек ставиле точка тие грчки грабежливи трчилажговци, и бедните домашни велепредавници и криминалци? Не, кир Мицотакис, Преспанскиот договор е најобична засмрдена црна сува гурабија со која и натаму алчно и безумно се храните. Само вие голтајте, голтајте, додека Преспанскиот договор не ви заврши онаму кај што му е местото – на дното од историската канта ѓубре, а потоа копајте таму.

А еве не и на исток: оттаму пак ни доаѓаат сосема сериозни потврди дека наци-фашистичките идиоти неверојатно уживаат секојдневно, и секаде кај што ќе стасаат, да лапаат енормни количества суви гурабии. Таму дури се одвива и еден жесток натпревар кој меѓу нив ќе изеде што повеќе црни суви гурабии: кретенот Красимир Каракачанов или идиотот Ангел Џамбаски, татарскиот премиер Бојко Борисов или онаа татарска министерска Захариева, името и го заборавив, како што, впрочем, во историјата ќе бидат заборавени и сите тие суртуци и неранимајковци заедно. Погледнете ги, ќе препукнат од премногу ждерење црни суви гурабии, но што да им правиме кога не знаат кога е време да запрат и кога навистина е доста.

* * *

Но постојат и оние други гурабии, она убаво, нежно, домаќинско благо, што ние во Македонија на поддавалник, со малку слатко и чаша студена вода, од срце го изнесуваме кога ги пречекуваме драгите пријатели во својот дом. Тоа е таа наша Македонија, тоа сме ние, тоа е таа родокрајна топлина на која ѝ беше и ѝ е мрска секоја омраза. Таа Македонија треба да си ја помниме, да си ја носиме во душата, и пак да си ја вратиме. Таа наша Македонија беше најврвен цивилизациски дострел. А сево Ова погоре, и сиве Овие погоре, немаат никаква врска со нас, со нашата заедничка и меѓуетничка македонска поврзаност и суштина. Тоа се само црни, патолошки натрапници и наметници од кои ние во Македонија ниту имаме видено, ниту пак некогаш ќе видиме нешто арно.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.