Михајло Маневски

 

Нема Уставен основ за нова Одлука за прогласување вонредната состојба

Одлуката за утврдување на вонредна состојба, според членот 125 став 3 од Уставот на Република Македонија има важност најмногу 30 дена. Тоа значи дека вонредната состојба може да трае само ограничено време. Во Уставот не е предвидена можност за продолжување на вонредната состојба, ниту е предвидена можност за донесување на нова Одлука за утврдување на вонредна состојаба. Во устави на некои држави од регионот е предвидена можност за продолжување на вонредната состојба или уставите сордржат одредби со кои се предвидува дека вонреднатра состојба трае се до престанување на околностите поради кои е утврдена. Нашиот Устав нема такви решенија.
Со оглед на тоа дека во Уставот нема основ за продолжување на вонредната состојба, се поставува прашањето врз основа на која одредба од Уставот претседателот Стево Пендаровски на 14.04.2020 донесе нова Одлука за утврдување постоење на вонредна состојба, објавена во Службен весник број 104/20 од 17.04.2020 година. Тоа е наполно истата одлука што ја донесе претседателот на Република Македонија на 18.3.2020 година.
Спрема тоа, новата Одлука на претседателот на Репулика Македонија Стево Пендаровски за утврдување на вонредната состојба од 14.04.2020 е неуставна. На потег е Уставниот суд на Македонија, кој може да покрене постапка за оцена на уставноста на ова одлука и по сопствена иницијатива.

Уставна празнина или уставна гаранција

Во конкретниот случај, имајки ги предвид уставните одредби, се поставува прашањето дали е уставна празнина со тоа што Уставот не предвидува можност за продолжување на вонредната сосотојба, туку ја ограничува на најмногу 30 дена? Одговорот на ова прашање е негативен, бидејки не се работи за уставна празнина, туку се работи за уставна гаранција за заштита на правата и слободите на граѓаните и во ваква состојба.
Во услови на вонредна состојба, први на удар се токму човековите права. Во вонредна состојба се укинуваат правни норми и не се применуваат или се значително ограничени, се наметнуваат нови ограничувања и тешки рестрикции, санкции и присилни мерки, а пред сè тоа се однесува на правата и слободите на граѓаните и на други субјекти, како и на организација и работата на надлежни државни органи.
Права и слободи на граѓаните се укинуваат или значително се ограничуваат со таканаречени Уредби со законска сила кои ги донесува Владата. Независно од тоа дали Владата е лево или десно ориентирана, таа не е секогаш добар чувар на човековите права и слободи. Отворено или прикриено, секогаш постои опасност од политички побуди да се предвидуваат решенија кои немаат блиска или немаат никаква врска со околностите поради кои е воведена вонредната состојба. Токму поради тоа во Уставите на државите се предвидени инструменти за заштита на правата и слободите на граѓаните и во вакви состојби, а тоа се уставните судови.

Владата донела 114 Уредби со законска сила

Владата на Република Македонија за помалку од еден месец во времето од 19 март до 16 април донела 114 Уредби со законска сила. Тоа е исклучително голем број на Уредби донесени за доста кусо време. Владата тргна прешироко и надвор од уставните и законски рамки при донесуивањето на повеќе Уредби со законска сила. Очигледно, Владата на Уредбата со законска сила, како на недемократски акт, и дава многу голем приоритет. Со такви Уредби се менуваат закони или се ставаат вон сила по кратка постапка, без никаква дискусија, без никакви мислења на релевантни чинители и без транспарентност.
Такви Уредби донесува техничка Влада која е избрана за спроведување на предвремените парламентарни избори. Тоа не е избрана Влада со полн капацџитет.
Ако се анализиратат донесените Уредби, неминивно ќе се утврди дека окулу 1/3 од Уредбите се во непосредна врска со мерките што треба да се преземаат за заштита на јавното здравје и за спречување на епиденмијата предизвикана од вирусот КОВИД 19. Тоа се Уредби кои имаат нагласена превентивна функција, мерки за здравствена заштита, за сузбивање на епидемијата и за заштита на животот и здравјето на луѓето и социјално – економски мерки. Секако дека секој во општеството треба да го даде својот придонес за спречување на епидемијата со почитување на превентивните мерки и ограничувања и да трпи последици и санкции доклоку не ги почитува тие мерки. Меѓутоа, сé има граници. Очигледно е дека во врска со донесувањето на толку голем број Уредби со законска сикла за толку кус временски период, Владата го губи компасот кој не е во стабилна состојба, постојано трепери и не го покажува посакуваниот правец на движење. Само со трупање на Уредби не може да се постигне посакуваната цел.
Дури 2/3 од Уредбите со законска сила немаат скоро никаква допирна точка со сузбивањето на епидемијата, а вонредната состојба се злопотребува и се користи како параван за донесување на некои решенија кои имаат политичка позадина и немаат никава врска со спречување на епидемијата.

Такви Уредби има многу, но како илустрација ќе наведам само некои:

-Каква врска со мерките за спречување на епидемијата има Уредбата со законска сила за јавнообвинителските слубеници, истражители и други вработени во поранешното СЈО? Во вонредна состојба, со посебна Уредба се обезбедуваат средства за надоместоци и плати со кои треба да се нагрдат синови, внуци, браќа, сестри и братиучеди на непотистичкото, криминално, корумпирано и рекетерско СЈО. До таму ли дојдовме?
– Со Уредбата со законска сила за утврдување на задачите на Армијата на Република Македонија во време на вонредна состојба, војниците и офицерите се претворија во редари пред маркетите, аптеките и банките. Тоа е недопуштено.
Ова Уредаба од 15 члена содржи многу небулозни одредби. Половина од одредбите се однесуваат на примена на средства на присилба или огнено оружје. Според членот 8 точка 3, припадникот на Армијата е овластен да употреби огнено оружје за да одбие напад на објект или личност што се обезбедува. Значи ли тоа дека ако некој граѓанин сака да влезе во маркет спротивно на редот кој го одржува војникот, тој може да употреби огнено оружје!? Глупости невидени.
– Каква врска има Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални сировини во вонредна состојба? Зошто за примена на еден закон се носи Уредба со законска сила, која е целта. Извоз на дијаманти, сега во ова време !!! Каква цел има донесувањето на ова Уредба?
– Каква врска има Уредбата со законска сила за примена на Законот за донации и спонзорства во вонредна состојба?. Каква цел треба да се постигне со ова Уредба? Да се оправдаат пакетите што во пандемија ги делеја Заеви и компанија, тоа да се оправда!?
Република Македонија има донесено најголем број на Уредби со законска сила. Владата на Македонија дури 4 пати има донесено повеќе Уредби со законска сила, одколку на пример Србија, која има донесенио 27 такви Уредби. Како се одвиваат работите, очигледно е дека ќе продолжи супституција на Уставот и законите со донесување на нови Уредби со законска сила. Се најавуваат нови затварања на градови, фотографирање за неносење маски, строги казни и мерки на и така веќе истоштените и дисциплинирани граѓани, посебнио на определена возрасна група која беше дискриминирана со можност за движење од само 2 часа, кои не се доволни ниту за задоволување на елементарните потреби.

Уставниот суд на Република Македонија во вонредна состојба

Уставниот суд, според членот 104 од Уставот, е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста. Нема друг повисок орган за заштита на уставноста и законитоста. Особено е значајна положбата и функционирањето на Уставниот суд во ова време кога е распуштено Собранието, кога се одложија изборите, во време на вонредна состојба кога Владата донесува мноштво Уредби со законска сила, кога се ограничуваат човекови права и слободи, кога се владее со Уредби и со мерки на ограничувања и санкции.
Уставниот суд сега во ова време треба да бдее над обезбедување на уставноста и законитоста. Го чини ли тоа Уставниот суд на Македонија? Колку Уредби со законска сила на Владата Уставниот суд ги стави во присмотра и проучување заради процена на нивната уставност и законитост? Дали ќе ја оцени уставноста на новата Одлука на претседателот Стево Пендаровски за повроторно утврдување на вонредна сосотојба?
Зошто Уставниот суд молчи и во ова време кога треба да биде најтранспарентен. Се поставуваат многу прашања на кои нема одговори. Сега не е време за политичка калкулација, сега е време на дисциплина и одговорност предвидена во Уставот и законите. Уставниот суд е чувар на таа уставност и законитиост во име на граѓаните на Република Македонија и тоа од него граѓаните силно го очекуваат.
Само за подсетување. Уставниот суд на Словенија и наредил словенечката Влада веднаш да ја испита оправданоста на мерката за ограничено движење, како и оправданоста за спроведување на мерката секоја недела. Исто така Уставниот суд го суспендирал членот 7 од владината уредба, со која било утврдено дека мерките ќе останат во сила се додека не престанат „причините за нивното воведување“ и започнал постапка за за оценување на уставноста на одлуката на Владата со која на граѓаните им било забрането да ги напуштаат општините во кои живеат.

Се надевам дека Уставниот суд на Македонија ќе биде целосно ангажиран за обезбедување на Уставноста и законитоста и во овие тешки времиња. Од аспект на уставноста и законитоста неговоиот збор ќе биде последен.
Уставност и законитост мора да биде обезбедена и во време на утврдена вонредна состојба. Не може да се владее со Уредби со законска сила со кои се супституираат Уставот и законите. Тие Уредби неможат да бидат дел на уставниот легислативен систем на државата

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.