Предраг Димитровски

Нашиот угледен, честит и достоинствен премиер, Зоран Заев, пред извесно време ни обелодени дека е љубител на стари народни мудрости. Искрено, веќе и не се сеќавам на тоа каков точно беше примерот, ама ова последново од настапот во Струмица „баклавата изедена, тепсијата стоо“ само ме потсети и го потврди тоа.

Но, сега станува збор за нешто друго, нешто многу посуштествено. Требаше да ни се обрати преку социјалните мрежи за да ни порача дека како човек од и за народот нема да дозволи да биде срушен европскиот сон на истиот тој народ и оти ќе продолжел со реформите.

Одговорно се исправам пред вашата одлука. Сега е потребен вашиот став. Немаме време за губење. Граѓаните да одлучат дали да одиме по вистинскиот пат или по мрачниот пат – патот на изолацијата, поделба. Граѓаните ќе одлучат дали сите се да продолжиме по патот да градиме пријателство или ќе се вратиме во времето на Субрата Рој, фасади од стиропор. Јас сум подготвен. Мојот тим е подготвен. Ние не паѓаме со духот, ние не се предаваме. Ќе се бориме храбро и пркосно и немам право да престанам да се борам. Продолжувам да се борам со вас мој народе. Подготвен сум за нов целосен и јасен чист мандат од граѓаните. Се што работевме, беше со љубов за нашите граѓани. Тоа го направивме за нашите сограѓани, за децата на нашата земја, ни порача премиерот.

Значи, потполно ја разбирам ситуацијата во која се наоѓа, зашто уште 52 дена го делат од напуштањето на позицијата, што ќе рече дека во моментов веќе може да се користи кованицата оти е премиер во заминување. Ја разбирам и потребата од дневно-политичка кампања, исто како што ги разбирам и обидите за ситни подметнувања околу изборот, што го нуди. Демек, или сите ќе продолжиме по патот да градиме пријателство или ќе се вратиме во времето на Субрата Рој, фасади од стиропор. А, богами разбирам и дека се што работел било со љубов за нашите граѓани.

Овојпат нема да се задржувам на Субрата Рој и на фасадите од стиропор. Само ќе останам со размислата каква е разликата меѓу индискиот милијардер и Биг Мајк, на пример, еден од најголемите производители на канабис во светот. Колку да не се заборави, станува збор за канабис, што е дел од бизнисот на фамилијата. И нормално, за фасадите од стиропор, во кои владините функционери седат веќе со години, ама досега некако како да не им пречеа. А, како да им пречат кога не можат ни да ги одржуваат, ни искречат, па мораат да ги продаваат како приватни прчии.

Искрено, сега ме фасцинираше љубовта! Да, да, љубовта со која премиерот работел за граѓаните. Иако има универзално значење, ќе потсетам на тоа што е љубов според Дигиталниот речник на македонскиот јазик. Се работи за именка од женски род и, според речникот, има дури пет значења. Прво, значи длабока емотивна наклонетост, силно чувство кон некого; второ, длабока наклонетост, самопожртвуваност и искрена приврзаност кон роднините или кон блиските; трето, постојана, трајна наклонетост кон нешто; четврто, предмет на такво значење и петто, врска меѓу двајца што се сакаат.

И било кое од овие пет значења да ги земе човек, секое ќе доведе до заклучок дека нашиот угледен, честит и достоинствен премиер ни манифестира однесување од типот „ја нисам одавде“, што би рекле соседите од север. Иако и ние, нели, станавме северни, мислам како држава, па човек веќе не знае каде почнува и каде завршува тој пусти север. А, што сработе за овие три години нашиот премиер, освен што им ја ампутираше душата на Македонците и целосно ги деноминира како народ? На народот на кој сега се повикува! Или мисли дека од „заробена држава“ Македонија навистина ја направил демократска оаза, во која има владеење на правото, почитување на човековите права и слободи, спроведени реформи, економија што цвета и проследена со висок животен стандард на граѓаните…

Не, ништо од ова нема. Напротив. „Заробената држава“ под негова палка само се трансфромира во „Ухапшена држава“. А, за оние кои не знаат, „Ухапшена држава“ е наслов на поема на Венко Марковски, што до некаде соодветствува на актуелната ситуација во Македонија во која власта сака да воведе „полициски час“. Зашто, уставно гарантираното право на протест има намера да го ограничи од 6 до 23 часот! Тоа што предлог-законот се повлече во последен момент, апсолутно не ја амортизира идејата.

Навистина не знам дали премиерот Заев е љубител на музиката и на кој жанр. Но, со искрена љубов би му препорачал да слушне две песни. Едната од нашиот Драган Мијалковски, која важи за евергрин, и другата од Цеца на која можат и „вени да се сечат“.

Текстот од нив нема да ги пишувам целосно, само ќе наведам по една строфа од нив. Па така, Мијалковски пее(ше):

„…Оди си, оди си друг да те сака,

кажи му дека е крај и подај му рака,

оди си, не сум јас тој што ќе те моли,

макар што болка ме сви и срце ме боли…“.

А, Цеца, пак, која има настапено на плоштадот во Струмица, вели:

„…Иди док си млад,

док имаш времена за море промена,

за лет и пад, за сутра или сад,

ма иди док си млад…“.

П.С. Мислам дека преводот би бил излишен. Премиерот ни е полиглот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.