Д-р Јасминка Дамческа

Индикаторите поврзани со детското здравје се показатели за степенот на здравствен и економски развој на едно општество, на една заедница. Но тие воедно се и резултат на организирана и системска акција, збир на мерки и здравствени интервенци, планирани здравствени политики, планирани и реализирано долгорочно. Не се тоа стихијни желби на политичарите преку бројка да покажат колку биле успешни! Во недостиг на идеи, мерки и интервенции,министре, во најмала рака нехумано е да се користат индикаторите за детското здравје за гол политички популизам и себепромоција!

Перинаталната смртност е индикатор кој многу говори за состојбите во кои се наоѓа здравствениот систем, но проекциите му се проспективни, а не моментални. Врз перинаталната смртност влијае квалитетот на атенаталната, перинаталната и постнаталната здравствена заштита, степенот на подготвеност на примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита. А тоа не се постигнува преку ноќ. Тоа што денес го гледаме преку бројки е плод на напорната работа и сетот мерки превземени во периодот од десетина години наназад, кога една друга влада реализираше проекти во здравството и го унапредуваше здравствениот систем во Република Македонија.

Епидемиолошките поместувања се јавуваат кога во општеството се случуваат големи промени во здравствената структура. Но, за жал ние можеме да констатираме дека во моментов нашиот здравствен систем стагнира, назадува, не оди напред. Тоа што Вие министре го користите како еполета се плодовите што ги збирате од трудот на некој друг. Индикаторите се показатели на кумулативни ефекти, на мултисекторски пристап на проблемите, на сеопфатност на целата територија, но никако не, на само еден чинител.

Стратегијата за безбедно мајчинство за период 2010-2015 година, постои вакум за периодот до 2019 година. Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје 2011 – 2020 година со акционен план изработен 2013. Нови акции, нови стратегии за периодот што доаѓа, ниту на повидок!

Годината 2018, година со најмал број на живородени деца во Република Македонија, 21 777 живородени деца. Сте се запрашале, како бројот на живородени деца од 23.002 во 2016 година опадна на 21.777 во 2018? Каде се младите во репродуктивен период? Во недостиг на исправни политики, во несигурност на општественото живеење, младите ја напуштија татковината, а и тие што се тука не се одлучуваат да формираат семејство и да работат на негово проширување во недостиг на работни места и лоша економска егзистенција.

Центрите за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје на младите се оставени под покровот на невладините организации и нивната самоиницијативност. Како министер со ништо не придонесовте за унапредување на овие така битни установи, тие доживуваат регресија на ниво на држава како во број, опфат, ресурси и мерки.

Поливалентната патронажна служба е многу повеќе од одржан, еден школски час. Таа е комплексна служба со посветени здравствени работници кои еден цел век се посветени на репродуктивното здравје на жената и на семејството во целост. Но за жал ќе констатирам дека актуелната власт со ништо не придонела за унапредување на условите во кои работат патронажните сестри во здравствените домови.

Заводот за здравствена заштита на мајки деца е заборавена установа.

Министре, дали знаете колку реално тежи една Програма за здравствена заштита на мајките и децата во Република Македонија?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.