Васко Шутаров

Македонија, 1902 година. На ликот на еден возрасен маж, времето издлабило цел релјеф од брчки. Над огнот под кое се топи сребро, сенки од икони и фрески. А на масичето, крст. Под прстите на посветениот мајстор, се точи како свила, сребрена жица. Во окото, блесок од огнот.  Издлабените животни бразди плетат нежна и магична пеперутка од сребро. Веќе утрото, се спремаат кофчежиња со скапоцен товар. Убава домаќинка истрчува од куќи, со топла погача леб. Патот е долг и тежок. Низ питомина, преку полиња со афион, до падини каде блеат јагниња, преку стари мовчиња, бистри реки и планински беспаќа, погледот наеднаш се распостила на најубавиот град на Јадранот, симбол на слободата и непокорот. И на слободната трговија. Уморно е лицето на стариот мајстор. И собрана му е душата, како во кофчеже. Дали ќе му се исплатат патот и трудот?

Еден  Госпар од Дубровник, сака да ја израдува својата љубена со нешто драгоцено. Меѓу чашите од кристал, премрежува медитеранското сонце. Фрла сенки врз лицето како од скапоцен порцелан, на љубената и каприциозна дама. Се отвора кофчежето од товарот, донесен од далеку. Од него блеснува пеперутка. Сребрено и бисерно сина. Блесок во очите, на сите. Оти е добро. Отсекогаш! Затоа што е,  од Македонија!

Во позадина се разлева бисерниот глас на безвремената Вања. Трепери и сонцето од милост, дури Вања ја разлева песната, за товарот на Дончо. Морници ме лазат, дваесет и некоја година после првата презентација на оваа мало промотивно ремек-дело за македонските производи. Во шеесетина секунди од слики и музика, кажано е толку многу за Македонија. Преку летот на филигранската пеперутка, беше испишана историја. Низ која домашните производи се ословуваа како, македонски. Што денес веќе, станува историја!

На почетокот од новиот Милениум, Македонија го доби својот прв и успешен обид да биде брендирана. Да стане и за оние што не ја познаваат, препознатлива и посебна. Во тие години, дури го правевме овој прв обид за креирање имиџ на државата, Србија, Босна и Хрватска сè уште ги лечеа раните од крвавиот воен конфликт. И на светот му беа познати, само преку крвавите слики од воените жаришта. Србија беше и бомбардирана, а тогашниот режим озлогласен низ цел свет. А најлоша можна работа што може на некоја држава да и се случи е да биде позната пред странските публики, само по една работа. Посебно ако е тоа лоша или непосакувана работа!

Дваесет години после првиот лет на македонската сребрена пеперутка во свет, Хрватска е веќе светска велесила во туризмот. Хрватските острови и јадранските градови, станаа светски топ дестинации. Сосе нивното античко и римско наследство. А Дубровник, светско монденско собиралиште кое можат да си го дозволат само оние со најдлабок џеб. И вратоврските што милиони мажи и жени ширум светот ги врзуваат, ја брендираат прататковината на краватата, Хрватска. Десетина други успешни бренд-кампањи од Хрватска прават високо позиционирана, препознатлива и силно посакувана дестинација во светот.

Србија во меѓувреме, преку врвните спортски подвизи на Новак Ѓоковиќ, на кошаркарите, одбојкарите и ватерполистите, преку Егзит фестивалот во Нови Сад, највеселиот фестивал на трубачите на свет, оној во Гуча, природните убавини и посебностите на српската кујна, се ребрендира во држава, посакувана туристичка дестинација за милиони туристи. Патем, да не го заборавиме српскиот турбо-фолк или обидите на Емир Кустурица преку Дрвенград и Каменград (Андриќград),  да создаде една нова креативна и автентична приказна за Србија во светот. Еве, две успешни приказни во синтезата на традионалните и новостекнатите вредности, на две држави со кои, до пред само три децении делевме иста судбина.

А ние, завчера добивме рамка. И тоа не каква било рамка, туку нацрт-верзија за преговарачка рамка. А во рамката, празна слика! На чудесен начин од таа рамка без слика, за неполни три години исчезна сè она што е наша специфика и наша препознатлива вредност и убавина. Од „Галичката свадба”, „Големата мајка” и „Адам од Говрлево”, копаничарскиот раскош, манастирите, фреските и иконите, фантастичните мозаици, природните пејзажи, бисерно убавите езера, неповторливите планински убавини, опојот од македонските дворови и градини, мирисите на македонската кујна, тактот и ритамот на македонската музика. Филигранската пеперутка навистина одлета далеку. Но, во моментов да украсува ревери на странски дипломати што доаѓаа и си заминуваа, од мојата чудесна Македонија.

Македонија, 2020 година е само рамка без слика. Зошто? Затоа што некој одлучил дека така треба да биде и дека само така, испразнета од својата суштина и убавина, полесно ќе влезе во новоскроената рамка, за неа. И ние, треба да им дадеме можност на сите останати од европското семејство, да ја пополнат содржината на рамката, сликата за нас, со свои содржини. Не постои друг таков пример, на себепоништување и себебришење. Напротив, сите држави кои последните дваесет години влегоа во европското семејство од држави и народи, влегоа со исклучително силна, добро осмислена, автентична и креативна културна акција за себепромовирање. Ама, баш до една, новопримена држава. Да не спомнуваме во овој контекст, како тоа го правеа една Унгарија, Полска, Естонија или ако сакате, соседна Бугарија. Некои од нас, многу добро го знаат тоа!

Ѓаволот не носи само Прада.

И затоа, на ранг листата на најдобро брендирани држави во светот, што годишно ја објавува светски познатата Bloom Consulting, и за минатата и за оваа 2020 година, Македонија е на последното 42 место во Европа и на 160 место во светот, од 190 опсервирани од аспект на брендирањето држави. Грција, Хрватска и Турција се во топ 10 европски и топ 20 светски, најдобро брендирани држави. А ние, дури и овде потонати на дното! А, нели требаше според главниот ПР мајстор на власта, „да се видиме на врвот”? Или на врвот, ама само покрај силно брендираните и гордо накипрени и наконтени првенци и пулени на власта. Од највисоките министерски, па до  пониско позиционираните ешалони на власта. Конкурентни на нив, подеднакво силно брендираните првенки на судско-обвинителската власт. Последни на свет. Брендирани слики без тон! И брендирана рамка, без слика и тон! И ѓаволот овде, веќе ја однесе шегата! Сосе Луј Витон торбите.

Во ваква беспоштедна борба за модниот трон во најлошо брендирана европска држава, знаете ли кој е сè уште официјалниот бренд на државата? Macedonia Timeless. Креиран бренд на државата од времето кое силно го напаѓаа, дека било одраз на кич и шунд. Кликнувам на познатото лого со сонцето на Macedonia Timeless. Еве го логото и вистински сè уште постои како официјален бренд на веб локацијата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Но, не отвора содржини. Ги нема ни промотивните спотови што одеа до пред некоја година на сите светски познати медиуми. И кои носеа и по 90 % повеќе туристи, за само неколу години.

Но, зошто тогаш за цели три години со ништо не се обиде досегашната власт да ја (ре) брендира државата, да стане препознатлива, допадлива, блиска на странските публики? Зошто? Па, една Русија во меѓувреме го редизајнираше своето лого и комплетниот визуелен идентитет на државата, во стилот на авангардниот уметнички правец во Русија од 20. години на минатиот век, супрематизмот. Не е тоа крај на светот, ако се редизајнира и ребрендира една држава. Посебно ако тоа се прави без комплекси и страв, од своето минато, традиција и наследство, синхронизирано со своја визија за иднината.

Во недостаток на било каков обид и одвоени средства за државно брендирање во досегашново тригодишно владеење, се обидувам во предизборните програми да најдам, некаква трага за тоа, макар во некое блиско идно време. И гледај чудо! Во предизборната програма „Можеме”, наоѓам при крајот едно пусулче, како грешка од маргините, „ќе направиме и таргетирана промоција на економските, културни и туристички потенцијали: Земја на можности (со акцент на новите успеси во културата: Оскари, Евровизија)”. Еве, во која грмушка се криел зајакот! Допрва планираат да го прават тоа? И небаре, Македонија почнала да постои од последното февруарско доделување „Оскар” или ланското издание на „Евросонг”. Ох, филмаџии тешки! Ох, естрадо!  Т’гоo!

A, се плашат од сопствениот народ, ако посегнат по ребрендирање на државата? Се плашат од соседите, да не ги повредат со некоја содржина во брендирањето? Чекаат некој од надвор да им дошепне како треба да си ја брендираат сопствената држава? Втората најголема грешка, од добрите практики во брендирањето. Ако сам не умееш добро да се брендираш и промовираш, не очекувај странци да го направат подобро од тебе тоа! После првата и најголема грешка во брендирањето, да станеш познат и препознатлив, само по една работа која и не толку посакуванa и сјајна. Да промениш име на држава. И да станеш за презир дома и за потсмев надвор! Посебно кај оние публики во странство, кои со Македонија ги врзува некоја трајна  емоција.

И затоа, не се радувај народе, на рамката! Во која севкупната слика со природни убавини и раскошно културно наследство е избришана. Како со гумичка, меко избришана. Ќе нè редизајнираат, ако добијат од вас шанса повторно да завладеат. И ако тоа, заедно им го дозволиме. Бидејќи модните икони, кокони, контиња и кицоши, се само слика без тон, кога треба да ги промовираат и заштитат интересите на својата држава. Велeмајстори се само, за себепромоција. И скапо, прескапо себебрендирање. И ќе продолжат да одвојуваат силни буџетски средства за сопствена промоција и повторно ќе заборават, како и со сите други ветувања, да си ја брендираат и промовираат Македонија.

Еве ви, драги мои, уште една добра прилика, да ставете крај на лошиве, безидејни и штетни политики за државата и вашиот сопствен идентитет. Избришете ги со пенкало на 15 јули! За да не нè доизбришат меко и до крај, како со гумичка!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.