Васко Шутаров

Јастребот и Змејот

Добрите познавачи на меѓународните политички односи не веруваат многу во случајности и не можат да бидат изненадени од одредени прилики или настани кои обично медиумите и јавноста ги претставуваат како првокласни сензации. А најдобрите познавачи на политиката, каков што бил знаменитиот американски претседател Френклин Делано Рузвелт, знаеле да отидат и подалеку и да кажат: „Во политиката ништо не е случајно. Што и да се случи, можете слободно да се обложите дека така веќе било планирано!“

Ако е така, а јас лично немам никакви дилеми дека е токму така, тогаш зошто токму сега, „јастребот“ од највисоките политички ешалони, претседателката на американскиот Конгрес Ненси Пелоси, мораше да го направи својот долг лет преку Пацификот и патем, покрај силните кинески предупредувања, да го посети Тајван и силно да го разлути големиот азиски Змеј?!

Можеби затоа што е дојден часот, Јастребот и Змејот, како симболи на двете во моментов најмоќни држави и народи во светот, да ги одмерат силите – и тоа не само над Тихиот Океан?! Дали Јастребот е сѐ уште неприкосновен владетел на најголемото водено пространство или Змејот веќе е доволно моќен да може да му парира и да претендира кон просторот за кој смета дека природно му припаѓа?! Летот на Ненси Пелоси на Тајван ја имаше токму таа цел, да го разбуди и испровоцира Змејот за да покаже со каква моќ во моментов располага, а во таа прилика да бидат откриени неговите слаби точки и непознаници поврзани со таа моќ.

Скриениот Змеј

Западните дипломатии, со исклучително внимание го следат неспорниот подем на Кина, пред сѐ на економски план, но и нејзините политички и културни акции насекаде низ светот. Економската и културната дипломатија на Кина се ставени во полна функција на новото геостратешко трансферирање на моќта на глобален план, а промоцијата на кинеската култура најчесто се случува како претходница на нејзината потентна економската моќ. Според харвардскиот професор Џозеф Неј, суштината на секоја „мека моќ“ во меѓународната политика се состои во тоа да се биде присутен, видлив и допадлив, а кога ќе има вистинска потреба и да се биде доминантно влијателен меѓу државите и народите во светот. На Запад, ваквото стратешко позиционирање на кинеската културна дипломатија се нарекува, „Игра со Скриениот Змеј“. Но, токму во играта со тој моќен скриен Змеј, се воочени и првите слабости и се препознаени првите препреки пред неговото незапирливо планетарно ширење.

Имено, културниот продор на Кина во светот е еден добро осмислен проект, кој од 2004 година функционира преку отворање на преку 1000 Конфуциј институти во преку 120 држави, првенствено во САД, Австралија и Велика Британија, а до моментов, дури 400 универзитети од 76 држави се на листата на чекање за отворање на вакви културни центри. Одобрение за нивно отворање дава Ханбан, тело во рамките на Групата за надворешно-политичка пропаганда на Комунистичката партија на Кина, а неговите политички функционери се задолжени за одобрување средства (од 2004 година до денес, преку милијарда долари), а одговорни се и за промотивните содржини, за учебниците и за наставниот персонал кои се потребни за организирање на промоцијата на кинеската историја, култура и уметност, за изучување на кинескиот јазик и за совладување на традиционалните боречки вештини.  Кина на овој културно-дипломатски план и покрај одвоените огромни  финансиски ресурси, не ги остварува во потполност своите првично замислени планови и цели, а „Скриениот змеј“ ги покажува своите први слабости!

Каде погреши Кина во својот амбициозно проектиран културолошки продор во светот „за ширење на модерните кинески вредности и во покажувањето на шармот на кинеската култура ширум светот“? Според Џозеф Неј, една од основните грешки на кинеската културна дипломатија е што не ги насочуваше и димензионираше своите културно-дипломатски акции кон африканските и азиските држави во развој, туку упорно инсистираше на освојување на западната културна хемисфера, кадешто нејзиниот пробој во моментов наидува на сериозни препреки. А причините за таквиот застој не се во промоцијата на традиционалните вредности на конфучијанството, туку во промоцијата на актуелните кинески политички вредности, кои во западните академски и културни средини предизвикуваат сѐ поголеми резерви и отпор. Ова особено кога станува збор за слободата на мислата и изразувањето, а посебно во врска со деликатните теми од актуелната кинеска стварност: Тиенанмен, Тибет, а посебно Тајван, кои на дебатите организирани во Конфуциј центрите важат за непожелни теми. Ханбановата цензура на овие, за Кина жешки теми, доведе до затворање на неколку кинески културни центри на престижни универзитети во САД, како и на Универзитетот во Сиднеј.

Но, она што е посебно значајно за Кина, а е во голема мерка мерливо, е делумното остварување на плановите за освојување на срцата и умовите на Кинезите од Тајван и за стекнување доминантна наклонетост кај тамошното население. Вистински показател за тоа беше повторното избирање на претседателката Цаи Инг-вен на последните избори  во 2020 година, што претставуваше своевиден шамар за Кина, поради поразот на прокинеските политички структури.

Одметнатиот Змеј

Кина и Тајван имаат одвоени влади од завршувањето на граѓанската војна во 1949 година, а Пекинг се обидува на сите можни начини да влијае на ограничувањето на меѓународните активности на Тајван (дипломатски признаен само од 14 држави), бидејќи островската земја ја смета за дел од „Една Кина“. Тајван за Кина е од фундаментално симболично значење, бидејќи со враќањето на островот во нејзините прегратки, би биле избришани последиците од она што во наративот на официјален Пекинг се нарекува „век на понижување“, што го опфаќа периодот од Опиумските војни до победата на комунизмот и појавата на Мао Це Тунг на официјалната политика сцена. Но, конкретниот практичен мотив за враќањето на „Одметнатиот Змеј“ е политички и геостратешки conditio sine qua non, за Кина да стане поморска велесила, а без Тајван, „тој непотоплив носач на авиони“ како што го нарекуваше американскиот генерал Даглас Мекартур, Пекинг не може да ја загрози американската таласократија и апсолутниот хегемонизам на САД во Тихиот Океан.

Змејот и Јастребот во Годината на Тигар

Нема случајности и интриги во посетата на Ненси Пелоси во Тајван, тоа е несомнено долго планирана политичка акција која  временски му претходи на долгоочекуваниот 20 Конгрес на Комунистичката партија на Кина, на кој се очекува по трет пат (што е преседан!) за лидер да биде избран Си Џинпинг. Неприкосновениот кинески лидер веќе во неколку наврати има изјавено дека: „Историската задача на реунификацијата на Татковината или спојувањето на НР Кина со Тајван мора да биде реализирана- и ќе биде реализирана многу бргу!“ Интригантното за западните култури е кинеското „мерење на времето“ и традиционалното трпение со кое го прават тоа. Западниот политичко-деловен динамизам и промптност со кои се носат одлуки и преземаат акции, сосем се разликува од кинеските временски отсечки во кои Кинезите функционираат и во кои ја проектираат иднината. Освен тоа, станува збор за држава-наследник на една од најстарите цивилизации и за народ со долга колективна меморија, во која времето се мери со илјадници години, а иднината се проектира и цел век однапред. Во такви огромни временски интервали, како од вчера може да прозвучи една многу често цитирана  изјава на Мао Це Тунг-Таткото на комунистичка Кина, а која се однесува на САД: „Тоа е само Тигар од хартија, надворешно моќен а внатрешно слаб, и затоа нема зошто да му се плашиме!“

Само точниот тајминг во кој кинескиот Змеј ќе му се спротивстави на американскиот Тигар од хартија е енигма и нешто што посебно ги интригира САД и западниот свет-останатите кинески перформанси на моќ се повеќе или помалку и познати и предвидливи.

Воените показатели велат дека е природно најмногубројната држава во светот да има и најбројна армија, а во моментов Кина има и повеќе проектили и повеќе воени бродови во однос на Тајван и неговите моќни поддржувачи, САД и Јапонија, што би требало да значи, дека ако Пекинг се одлучи за брза воена акција веројатно би успеала во она што нејзиното раководство го нарекува реунификација или обединување.

Но, постои и едно многу силно аргументирано меѓутоа, кое со сигурност, во моментов, не го прави веројатен и извесен, овој скоро па неизбежен конфликт. Актуелната руско-украинска војна и лекциите што притоа се научени, дека без доминантна наклонетост, секое освојување со тврда политичка моќ и војска само го зголемува отпорот кај домашното население, е првата поголема причина зошто војната нема да започне токму сега. Иако воените параматри покажуваат дека Кина има несомнена предност: најголема светска морнарица од преку 360 борбени пловила, најнапредна светска трговска флота, огромна крајбрежна стража и поморска полиција, што би овозможило активирање на стотици помали пловни објекти за префрлање на стотици илјади војници потребни за кинеската амфибиска инвазија, сепак Кина нема да го направи тоа во моментов, а Американците и Ненси Пелоси многу подобро од било кој друг, знаат и зошто?! Најдобрите светски воени аналитичари, а тука несомнено има бројни американски и кинески воени стратези, многу добро знаат дека во моментов таквата кинеска инвазија би била поопасна, посложена и покрвава и од најголемата инвазија во Втората светска војна, како што беше нормандиската, за која неодамна обелоденети американски тајни извештаи велат дека била гробница за половина милион сојузнички војници.

Тајван како остров, конфигурациски најсооветно може да биде опишан како „бодликаво прасе“: тајванскиот брег е скоро целосно непристапен, постојат само две места каде може да се изврши и да успее инвазија, нема пловни реки, нема рамнини и низини, а островот е вистинска природна тврдина, која би била исклучително тешка за освојување. Ако биде уважено конвенционалното воено знаење кое вели, дека напаѓачот мора да биде барем тројно помногуброен од народот кој се брани, и ако се има во предвид тајванскиот одбранбен потенцијал од 450 000 војници, тогаш кинеската армија мора преку тајванскиот морски теснец од 177 километри, да пренесе најмалку 1,2 милиони војници, но и илјадници тенкови, топови, оклопни возила и ракетни фрлачи и неопходна воена логистика за ваквиот освојувачки поход. Тајван поседува многу ефикасни противбродски проектили, може да мобилизира уште 2,5 милиони вооружени борци, целокупната воена стратегија е дизајнирана за одбрана од можна кинеска инвазија, а патем, како директна последица од украинската војна, евидентен е порастот на моралот за одбрана на земјата, а тоа многу добро го знаат и САД а и Кина, која во моментов нема да ризикува таква крвава воена пресметка во тајванскиот теснец.

Големиот Скриен Змеј и Тигарот од хартија

Тоа што може да биде во голема мерка предвидливо е, дека досегашниот лидер Си Џинпинг во својот, сосем извесен трет мандат, ќе го исполни ветувањето за припојување на Тајван со Кина. Најпрво, затоа што Кина е во својот најголем подем и станува светска геополитичка велесила и на сите можни начини и со сите расположиви средства ќе сака да го демонстрира тоа. Временската отсечка во која се очекува да биде манифестирана таа моќ, се првите следни тајвански избори во 2024 година, на кои Кина ќе се обиде по секоја цена да направи пресврт на тајванската политичка сцена, преку доминација на прокинеските политички партии. Паралелно со тие процеси, Кина ќе го преобмисли дејствувањето на својата културна дипломатија, посебно на островот, а видни познавачи на тајванската култура веќе го предвидуваат новиот пристап, во стилот на познатата кинеска опера под маски-кога една маска се отфрла и бргу се заменува со друга.

Немаше случајности во патувањето на Ненси Пелоси во Тајван, нели е тоа повеќе од јасно?! Тоа беше дел од добро усогласена геостратешка игра за провоцирање на големиот Змеј од Истокот, да се разбуди и открие дел од слабостите и барем дел од енигмата за кинеската игра со времето?!

Кинезите најдобро ја знаат и ја разбираат древната игра на летање змејови и летање тигри, што спокојно и денес истовремено ја играат и највозрасните и најмладите во паркот на Небесниот храм во Пекинг. Кога ќе се појави вистинскиот временски знак, дека Змејовите станале помоќни од Тигрите, тоа Кинезите најпрво ќе го разберат – и ќе дејствуваат веднаш!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.