Васко Шутаров

Бунт на артефактите

Во нормални времиња и во нормални држави, сезонава како и многу други пред неа, ќе останеше запаметена по некој добар концерт или некоја изложба, по некоја драмска претстава или некој филм за прераскажување, по некоја книга за споделување или по некоја добра забава, роденден или семејна слава, по некој спортски настан или чаша греано вино и убава вечера со блиските. Ама баш за долго сеќавање. Во нормални времиња, во нормални земји и нормални места за живеење, секоја сезона си носеше нешто добро за паметење.

Да беа барем малку нормални времињава, нормална земјава и местава во кои живееме, сезонава ќе ја спасеше и само една добра изложба или еден возбудлив репрезентативен фудбалски натпревар, нешто малку дружење со најблиските, некој роденден што не се прескокнува или слава што не се заборава. Но, нели во меѓувреме моравме да научиме да се легитимираме каде стасаме, да дишеме на жабри како рипчиња во аквариум и да се храниме со трошки од слободата, како птици во кафези?!

Во нормална година и во нормална земја, доволно ќе беше сезонава да се запамети само по ретроспективната изложба на големиот ликовен уметник, еден од најголемите раскажувачи во уметноста кај нас, од редот на Гане, Анте, Радован, Матеја, Светлана или Петар М.Андреевски, академик Васко Ташковски. Исправени во живо пред неговите дела изложени во Даут-пашин амам, како пред антологиското дело „Бунтот на артефактите“, кое токму во живо буди поинаква перцепција, подруга контемплација и посилна импресија. Соочени во живо пред новите димензии и перспективи на сликата, како преку послание разбирливо за јазикот на секој човек, ги добиваме и разбираме одговорите што упорно недостигаат токму во објаснувањата на ненормалното во времето и во земјата во која живееме.

Бунтот на артефактите се случува во Македонија и ние сме сите поединечно и заедно, дел од тие процеси од големата слика. А уметникот, токму во неа, филигрански исцртува сѐ вредно што оставиле генерации и генерации кои со векови ја облагородувале македонскота почва. И тоа севкупно вредно, како по совршено дефинирана програма од непозната космичка сила, се одлепува и преместува низ широка траекторија, чиниш небеска магистрала е! Во тој космички виор најпрво одлетуваат охридските бисери кои на сликата добиваат уште помоќен и позначаен сјај на небескиот свод (нели е тоа непрегледната низа од млади што ја напуштија земјата и се стекнаа со свое ново место под сонцето?!). По нив одлетуваат камбаните (кои бијат како срцата што чукаат на далеку!), па по нив највредните македонски икони и фрески, црквите и манастирите откорнати од земјата, првите пишани посланија на словенските просветители разлетани кон небо, па вредните орудија и оружја, скулптури, столбови, мозаици, монети. И сѐ така до Менада, Големата Мајка и Адам од Говрлево и сѐ до последните вредни камчиња кои го чекаат својот ред, да бидат изместени и вшмукани од непозната космичка сила која ќе ги премести на некое друго место. И во централниот дел на големата слика, среде фантазмогоријата од непознати небески објекти, еден познат мозаичен гулаб во лет и една стамена стара маслинка, длабоко вкоренета во земјата.

Каква ли бескрајна глупост, каков примитивизам, каква некадарност, лажливост, себичност и раскараност, каков ли древен деспотизам ја предизвикува вселената да ги изместува од почвата и преместува сите македонски вредности во некои непознати предели, оставајќи ја земјата во своевидна метафизичка пустелија? И во „Бунтот на артефактите“ од Васко Ташковски и во бунтот на преместените вредности од нашите животи?

Молк на постфактите

Овој дел од одговорите на погоре поставениве прашања, се обидувам да ги пронајдам во еден фрагмент од подолг разговор на големата германска теоретичарка на политичката мисла Хана Арент и францускиот писател Роже Ерер, во далечната 1974 година: „И целта на тоа постојано лажење не се состои во тоа да поверува народот во лагите, туку целта е народот во ништо повеќе да не верува. Ова затоа што лагите по својата суштина мора да се менуваат и владата која лаже мора повторно одново да ја испишува својата историја. Така добивате не само една лага, со која ќе живеете до крајот на животот, туку добивате огромен број лаги, во зависност од тоа каков политички ветар дува. И народот кој не може веќе во ништо да верува, не може за ништо да се одлучи. На таквиот народ не му е одземен капацитетот за акција, туку капацитетот да мисли и суди. Со таквиот народ можете да правите што сакате“.

(Можете само да го поместите и преместите на некои други понормални места, за да го спасите?!)

Оваа дигресија од сликата на Васко Ташковски до мислата на Хана Арент, не е нималку случајна. Јас сум убеден дека денес и оние што не ги интересира уметноста и оние што не ја разбираат деликатноста на политичката теорија, лесно ги препознаваат и откриваат одговорите што им недостигаат во објаснувањето на крајно ненормалново, но и трагично време што го живееме. Зарем социјалните мрежи не се доволен индикатор дека споделувањето и одгатнувањетo и на најапокрифното во мислата на Хана Арент или филигрански скриеното во сликите на Васко Ташковски, станува и возможна но и неодложна мисија. Да се објасни и доближи, на сите можни начини, што ни се случува во годиниве, а посебно сезонава на трагедии, во и онака ненормалново време кое го живееме во Македонија, денес.

Тоа што ни се случува можеме ли да го сублимираме конечно во една реченица, како по траекторијата по која се изместува сѐ вредно од македонската земја? Нам дефинитивно ни се случува: систематска декултуризација-потполна деинтелектуализација-масовна инфантилизација-корумпирана простокрација-целосна фрагментаризација. До последно камче од мозаикот на вредности и до секој преместен камен од своето тло, во едно општество раздробено на поединци и на распаднат мозаик од поединечна и институционална неодговорност. Во време на сеопшто сеење страв и сеење лаги, во кое секој следен ден е неизвесен и страшен, како Судниот ден!

И што треба повеќе да се додаде кон исчудувањето, зошто токму нам ни се случуваат серија трагедии, какви што светот не бележи на ниедно друго место и во ниедно друго време, барем децении наназад?! Зачудени, зошто и после стотина судски рочишта, никој сѐ уште не понесе одговорност за стравичната сообраќајна несреќа од 13 февруари 2019 година и за смртта на 16 патници во автобусот на „Дурмо Турс“? Понесе ли некој одговорност за пожарите што пеплосаа неколку региони и уништија илјадници хектари шума во државата,  август годинава? Зошто никој не понесе одговорност за стравичниот пожар и трагедијата во тетовската модуларна болница во која живи изгореа 14 пациенти и нивни блиски, пред само два месеци? И зошто никој и неколку дена по несреќата, не чувствува одговорност за 45 пеплосани тела од стравичната сообраќајна несреќа на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија?!

Нели сме свесни дека сме сите дел од истата изгорена модуларна тетовска болница и пеплосаниот автобус на „Беса транс“ и дека сме само случајно преживеани патници или пациенти, среде не само метафизичка или надреална, туку сурово реална пустелија низ која нѐ возат исти луѓе-нелуѓе кои час си одат, час се враќаат на местата на злосторствата. Зарем до таа мера нѐ имобилизираа за каква било општествена и политичка акција за барање одговорност и до тој степен ни ги замаглија капацитетите за здраворазумско мислење и судење, па нѐ заковаа за нивниот систем од лаги и грубости, неспособни да се координираме кога е во прашање и одговорноста за сопствениот живот?! Ова е време на фабрикувани лажни постфакти, во кои одговорноста станува надреална и апстрактна, сведена на вина на еден продолжен кабел, догорче од цигара, тапа од канта за нафта или сведена на познатата флоскула за „човечка или техничка грешка“.

И додека постфактите за трагедииве со кои живееме замолкнуваат, дури се испредат нови лаги и изнедрат нови ликови што ќе треба да заметнат траги од сите катастрофални трагедии во досегашново владеење, невидлива рака на некој нов роден уметник ни ги исцртува филигрански прецизно контурите на сите наши трагедии, со јазик препознатлив за секој човек. И така ќе прочитаме деновиве на социјалните мрежи, дека ова што го гледаме со неверување е токму последица на големата слика која ја живееме, полна со бомбониери и кафиња, со ручеци, со рушвети од неколку зелени па до цели снопови банкноти пикнати во нечиј џеб, големата слика за нашата реалност исплетена само од криминал, корупција и некомпетенција. И токму тој и таков испреплетен синџир околу големата слика на Македонија ни ја откинува бисерната нишка од млади кои заминуваат и не се враќаат повеќе, ни ги откорнува и нѐ остава без најдобрите и највисоки вредности, како артефактите од делото на Ташковски, ги замолчува фактите за сите наши порази и трагедии и нѐ води како слепци низ сѐ подлабокава пустелија од изместени вредности, преку лажниот свет на постфакти составен само од датуми и датуми за датуми.

Знам добро дека звучат прецрно испишаниве редови за сите нијанси црно што ни ги окупираат реално животите во годинава на изминување. А за да не биде сѐ така црно, кој друг ако не власта (без мнозинска легитимација!), веќе се погрижи да не биде така. Еве, со хармоника која тивко ќе свири „повечерје“, ќе се гасне светлото во државата. Трговците исто така, со црни петоци и викенди ќе ни ги разубавуваат последниве денови од годината. Со „шок-цени“, нормално?!

Музика од виолина се разлевала долго во ноќта дури потонувал „Титаник“?! Со звуци од балалајка Чичиков попишувал, откупувал и тргувал со мртвите души во истоимениот роман од Гогољ?! Звучи надреално и фантазмагорично нашево денешно црнило или му треба уште малку објаснување, релативизирање и разубавување?!  Или, сѐ е можно и ништо не е вистина?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.