Мр. Нермин Теловска

клинички специјалист за дисфлуентни
нарушувања на говорот

Европскиот ден е креиран за прв пат 2004–та година од страна на Комитетот на логопедите на Европската унија (CPLOL), со цел, да се зголеми свеста за логопедската професија низ цела Европа. Од суштинско значење е развивањето на јавната свест за нарушувањата на говорот и јазикот, нивниот ефект врз човековото здравје, правата на пациентите со нарушувања на говорот и јазикот и начините да им се помогне. Пораката на Европскиот ден е можноста за спречувањето на нарушувањата на говорот и јазикот преку споделувањето на знаењата и искуствата низ цела Европа. Секоја година се предлага една тема, и каде што е можно, се користи заеднички слоган и споделени материјали. Оваа година, 2019-та, тема е: Нарушувањата од аутистичниот спектар (АSD). Тие се невроразвојни нарушувања за кои се карактеристични три главни типови на тешкотии, нарушување во социјалната интеракција, пречки во комуникацијата и ограничени и стереотипни шеми на однесувања, интереси и активности. Со терминот „Нарушување од Аутистичен спектар” (“Autism Spectrum Disorder” – ASD), постои можност да се опише континуум на поврзани нарушувања, вклучувајќи го Аутизмот, Аспергеровиот синдром и Первазивни развојни нарушувања.

Петтото издание на Дијагностичкиот и статистички прирачник (DSM- 5), на Американската психијатриска асоцијација, обезбедува стандардизирани критериуми за дијагностицирањето на Нарушувањата од Аутистичен спектар, 299,00. При што за дијагностицирање е потребно да се исполнети критериумите од сите делови, А, Б, Ц и Д, кои следат:

А. Постоење на дефицити во социјалната комуникација и социјалната интеракција, преку контексти, кои не се вброени при општо развојно доцнење и се манифестираат преку следните дефицити или недостатоци.

  1. Дефицити во социјално-емоционалниот реципроцитет, кои се движат од абнормален социјален приод и недостаток на следењето на текот на конверзацијата преку намалено споделување на интереси, емоции, афект и реакција се до комплетен недостаток на иницирање на социјална интеракција;
  2. Дефицити во невербална комуникација која се користи за социјална интеракција, од сиромашна интегрирана вербална и невербална комуникација се до абнормалности или недостаток на контактот со очи и гестови или јазикот на телото или дефицити во разбирањето и користењето на невербалната комуникација;
  3. Дефицити во развојот и одржувањето на релациите со други лица, кои се движат од тешкотии во прилагодување на соодветно однесување во различни социјални контексти преку тешкотии во споделување на имагинативна игра и другарување се до очигледно отсуство на интерес за други лица.

Б. Рестриктивни, повторувачки шаблони на однесување, интереси и активности, кои се манифестираат преку најмалку два начина од следните:

  1. Стереотипен или повторувачки говор, моторни движби или употреба на предмети (како што се едноставните моторни стереотипи, ехолалија, повторувачко користење на предмети и идиосинкретички фрази);
  2. Прекумерно придржување на рутини, ритуализирани модели на вербално или невербално однесување, или прекумерен отпор кон промени;
  3. Високо рестриктивни, фиксирани интереси кои се абнормални по интензитет или фокус;
  4. Хипер или хипо – реактивност на сензорни дразби или невообичаен интерес за сензорните дразби од околината.

Ц. Симптомите мора да се јават во раниот детски период (иако во почетокот не мора да бидат со комплетна манифестација).

Д. Симптомите го лимитараат и го нарушуваат секојдневното функционирање (Dickerson Mayes, Black & Tiemey, 2013).

Според Светската здравствена организација – СЗО, клучни факти поврзани со оваа сериозна состојба, се:

  • 1 на 160 деца има нарушување од аутистичниот спектар;
  • Нарушувањата од аутистичниот спектар започнуваат во детскиот период со тенденција да перзистираат во периодот на адолесценција и возрасно доба;
  • Некои луѓе со нарушување од аутистичниот спектар можат да живеат самостојно, другите имаат тешка попреченост и бараат грижа и поддршка за нив во тек на целиот свој живот;
  • Психо-социјалните интервенции базирани на докази, како мшто е бихејвиоралниот третман и програмите за тренингот на вештини и способности кај родителите, можат да ги намалат тешкотиите во комуникацијата и социјалното однесување и позитивно да влијаат на доброто чувство и квалитетот на живот, како на лицата со нарушувања од аутистичниот спектар, така и на лицата кои се грижат за нив;
  • Интервенциите кај лицата со нарушување од аутистичниот спектар, потребно е да се спроведуваат заедно со многубројни активности кои ќе придонесат кон подостапна физичка и социјална средина, инклузивност, поддршка и прифаќање.
  • Ширум светот, лицата со нарушување од аутистичниот спектар, често се предмет на стигма, дискриминација и прекршување на човековите права. На глобално ниво, пристапот до услугите и поддршката за овие лица е несоодветен.

Со истражувањето кое го направивме во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје, со цел детекција на децата со ризик за нарушување од аутистичен спектар, заради согледување на нивниот број или процент, нивно навремено испраќање кај специјалист и навремено отпочнување со третман, ги добивме следните резултати:

Од вкупно 318 деца, кај 43 или 13.5% постои еден или повеќе аутистични симптоми. Од нив 29 или 9% се со низок ризик за нарушување од аутистичен спектар, 5 или 1.6% имаат среден ризик и потребно е да се испратат кај специјалист за аутизам, додека 9 деца или 2.8% од децата, се со висок ризик и веројатност дека ќе се дијагностицира нарушување од аутистичен спектар, што претставува висок процент и алармира на превземање мерки за нивно дијагностицирање, третман и тимско следење.

Загрижувачки е фактот за драстично зголемување на бројот на деца со нарушување од аутистичен спектар, за кое реферираат сите понови студии од оваа област.

Што се однесува до разликите според полот, во нашето истражување таа разлика не е статистички значајна, иако во литературата се среќава податокот за сооднос на машки према женски испитаници од 4,3:1 (Volkmark F R, et all., 2005).

Со нашата студија се потврди потребата од континуирано следење на развојот на децата во првите три години. Тргнувајќи од фактот за есенцијалното значење на раната интервенција на нарушувањата од аутистичен спектар, произлегува значењето на раната детекција и идентификација на децата со ризик за вакво нарушување, нивното упатување на преглед и дијагностицирање од страна на специјалист.

Сите соодветни институции и сите стручни лица, имаме морална обврска да направиме се што е во наша моќ, да ја подобриме оваа состојба, за овие наши мили дечиња, млади и возрасни. Мартин Лутер Кинг, кој е познат по неговата улога во здобивањето со граѓански права, рекол: „Нашите животи го почнуваат својот крај оној ден кога ќе замолчиме за значајните нешта.“

Овие лица кои имаат нарушување на говорот и јазикот, како и нивните семејства, се значајни за нашето општество, и тоа мораме да го покажеме преку нашата грижа и работа!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.