Васко Шутаров

Паметам една исклучително гледана тв серија, во годините уште пред осамостојувањето на Македонија. Серијата беше работена според мотиви од книгата „Трн во грбот” од австралиската писателка Колин Мекaлоу. Серијата носеше уште посилен наслов од книгата, се викаше „Птиците умираат пеејќи”. Не знам што поточно ме поттикна деновиве да се присетам и на книгата и на тв серијата, но веројатно некој трн подлабоко боцна, па се присетив на легендата врз која почива содржината на оваа приказна. Таа легенда е поврзана за птица која пее само еднаш во животот, најубаво од било кое друго живо суштество на земјата. Птицата која напуштајќи го гнездото, се пушта во потрага на најбодликавото дрво во природата и не се смирува, додека не го најде. На крајот од денот, меѓу неговите диви испреплетени гранки, пеејќи, го боцнува своето тело на најдолгиот и најостриот трн. И додека умира, нејзината болка се прелева во опој од песна, која со својата убавина и раскош ги надмашува и љубовните песни на славејот. Легендата уште вели. „И тогаш целиот свет занемува, дури ја слуша песната, а Бог на небото се насмевнува”. Tака барем зборува легендата.

Кога деновиве повторно беше испеана преубавата „Чукни во дрво”, поп тема широко популарна и во поблиското соседство и регионот, деновите потоа добивав пораки од пријатели скоро од секаде, каде песната добро ја знаат. Во мноштвото од пораки и една сосем кратка порака што ме боцна: „Штом Македонец запее и Бог ќе нѝ се насмее!” Изгледа, овде боцна трнот. И деновиве загребува и боли, точно како трнот на птицата, од легендата погоре.

Пазарот „Европа”. Во Шутка.

Некако, големите наслови со кои сме деновиве бомбардирани од медиумите, ме одбиваат и држат на одредена дистанца. Поприродно ми е вака, сè уште пикнати дома, како птици сред невреме во своите куќарки и гнезда, љубопитноста да ја хранам со трошки од информации. Од оние наслови, случајно или не, сместени по маргините на дневните вести. Впрочем, одамна минато време е, како разбрав и научив, дека ѓаволот се крие во деталите и подзафрлените наслови во медиумите. Онаму, каде вистински се затскриваат големите нешта.

Имено, нашето враќање во нормалноста, веќе започна. Во случај ако сè уште не сте го забележале тоа. За Ѓурѓовден беше повторно отворен пазарот „Европа” во Шутка. Полна капа, радост. И широка насмевка и златен заб. А, кој би гледал во забите на ваков поклон? Новооткриена слобода на движење, пазарење, наддавање, поддавање на пазарот „Европа”, во Шутка. И полна капа, симболика. Најпапред и јас ја споделувам радоста на трговците, што ќе заживеат и ќе можат да однесат некој денар дома. А и низ слики, се убедувам, колку темелно ги чистат и дезинфицираат просторите каде повторно ќе се продава и тргува.

На пазарот „Европа” и понатаму- нема што ќе нема! Но, најмногу од сè, стари кинески и турски колекции облека и обувки, кои нормално, повторно ќе бидат продавани како најнови колекции од последната мода во Париз и Милано. Упс, пак боцнува нешто? Да не будам некои несакани асоцијации, на нашиот повраток во нормалноста? За волја на вистината, во тоа совршено шаренило на пазарот Европа, ќе има и значителна количина облека, сошиена и за време на пандемијата, од вредните жени од македонските конфекциски погони. На нивните плеќи во голем дел се потпираше разнишаното македонско стопанство, за време на кризата. Нека им се позлати и ним и трудот и ризикот по здравјето, што поскоро.

Нашето враќање во нормалниот живот, во најава ќе се одвива по овој „нормален тек”? Пазарот „Европа”, обложувалниците и коцкарниците, кафетериите и рестораните, трговските молови. Нашето враќање во нормалноста изгледа ненормално малку? Така ли требаше да започне „новата нормалност”, за каква зборува веќе некое време Европа? Или, народот треба да троши и да се забавува и што поскоро да заборави на она, што поминало? Каква врска има тоа, со образованието што се распушти до есен, со културата што ќе биде распуштена до кога може, со науката, на која во меѓувреме и ги скратија и оние малку пари што ги имаше, како за нормални времиња. Или, каква врска има што стопанството до овој момент нема видено ни денар државна помош, која патем веќе втор месец се промовира, како да е веќе реализирана? Каква иновативност и креативно креирање кон враќањето во новата нормалност ќе имаме, со распуштено образование, наука и култура и со ништо нестимулирано стопанство? Само за леб и игри треба ли да има! Нели избори се ближат? Важно пикот да го надминеме и да одиме на избори! Па ако баш мора, во предизборие ќе се пуштаат пари кон стопанството. Ако пазарите наречени „Европа”, малку подзамижат на тоа.

Врвот на пикот. И пикот на дното.

Како што нашето враќање во нормалност, започна по овој „ред на нормалност”, така директно од врвот на пикот со заразата, ќе се фрлиме во еден друг пик. До пикот од дното. Еден друг наслов од маргините на вестите деновиве, боцнува во грб, исто толку силно и ми дава право да се посомневам, дека директно се втурнуваме во таков пик на дното. И како да не го споделам? На рангирањето за медиумска писменост од 35 европски земји, Македонија е последна. Ама според параметрите на индексот, длабоко последна. Убедливо прва е Финска (со години на ред), а нам за утеха, на дното друштво нѝ прават држави од соседството, Бугарија, Србија, Албанија (исто, неколку години по ред). Што тоа значи, во превод? (а да не се изгубиме во меѓусоседскиот превод). Тоа значи, дека државите од Балканот, а посебно ние, сме најранливи на лажни вести и најнеоотпорни на манипулации. Немам доволно простор во колумнава, за да објаснам што тоа значи во овој контекст, на распуштено образование, отпуштена култура и заборавена наука. И каква ли подлост се крие, во најавата за брзи избори со уште непредвидлив крај на пикот на пандемијата, во кои сигурно ќе го допреме и пикот од дното. Дното, кое економијата и стопанството го допираат уште од првите пандемски денови. Слушнавме и за луцидниот предлог, тие избори (види ти, каква грижа за граѓаните), да се одвиваат токму преку медиумите и социјалните мрежи. И изборите така да се стокмат да изгледаат „фински”, токму како за нас скроени. Од дното на европската медиумска писменост. Без оглед на тоа, што не секој македонски граѓанин сака и го протежира виртуелното, пред реалното соочување со кандидатите за пратеници, како што во најголем дел се одвивале сите избори досега, во целосното остварување на правото на избор. Бегањето од реално соочување со граѓаните, не само што оддава нечиј страв за тоа, туку и продуцира избори со ниска излезност, што дополнително ќе ги компромитира и самите избори. И ќе нè дотера, во уште поголем пик. До пикот на дното.

Наместо „Молитва”

Боцкаат во очи, ситни како трошки, наслови во медиумите, во деновите во кои требаше да ги славиме великаните на државата. Да бевме држава, каква што ја замислувавме и од која уште имаме срце никогаш да не се откажеме, имавме прилика деновиве да излеземе од дома и да славиме. Како што интимно тоа го направија луѓе со долго паметење, пиетет и голем непоколеблив дух. По повод роденденот на Горан Стефановски, годишнината од смртта на Светлана Христова Јоциќ, годишнината од смртта на Гоце, Пере Тошев и Васка Илиева. Требаше стотици, илјадници да нè има, покрај клупата на Горан во Дебар маало, по книжарниците каде тивко чекореше Светлана, пред спомен обележјата на Гоце. И доволно ќе беше, со книжуле во раце и грст цвеќе, да нè има таму. Илјадници да нè има! Преповторувајќи ги посланијата, песните, стиховите и репликите, што нѝ ги оставија во наследство великаните. Можеби така збрани, немаше толку да нè боцка болката од европското дно на медиумската писменост. Сомнежот дека веќе го допираме пикот од дното, од манипулации и невистини, среде непоминат пик од заразата. Или бодежот, од најновите најави од европскиот пазар, за нов трансфер на пост-вистини, на наша штета.

Не е време за патетика! Премногу силно и реално боцка трњето на релната политика. И реално забодени нѝ се, длабоко во грб. Од своите, најмногу. Да биде иронијата поголема, редум од луѓе, што прочитале по две до најмногу три книги во животот. А и тие, до крај не ги разбрале. Та кога зборуваат за образование, мислат на препишување, овојпат на туѓи протоколи за празни школи. Та кога велат култура, најмногу мислат на естрада. А, кога велат избори, мислат на пазари. На пазари на кои сè има своја вредност. И на кои се тргува и со здравјето и со правата и слободите и со гладта и достоинството и со светото и народното. Да бевме држава каква што требаше да бидеме, ќе требаше најмалку на поправен од мајчин јазик да ги вратиме. Или да ги отераме во м……?! И секако да ги научиме, за ум да врзат, наизуст да повторуваат, „Тие се мислат повикани да водат како Мојсија и другите пророци, а самите не можат да се ослободат и влечат по себе ситни пороци. Дај Господе, што помалку очите да им ги бодам-штом тие лево ќе фатат, јас десно да одам.”

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.