Петар Поп-Арсов

„Имала партијата состанок и нивниот претседател, кој истовремено бил и премиер, прашал:

– Другари и другарки, каква е состојбата во државата?

Се мислеле другарките и другарите што паметно да кажат. Се гледале меѓу себе, си давале сигнали, барале кој да каже, да каже, а да не излаже. Се јавил најхрабариот и рекол:

– Другар премиер, ако продолжиме со ова темпо на работа, со овој тим и во оваа насока, ние сме на прав пат! Состојбата во државата е многу полоша од претходната година, но многу подобра од следната! Блескаме!“

Приказнава е превземена и малку модифицирана анегдота која се однесува на едно минато време, на една поранешна држава и поранешен систем. Секоја паралела и сличност со македонската приказна е само обична случајност.

Но, за разлика од приказните, реалноста во Македонија воопшто не е обична и случајна коинциденција со приказната. Некој „макотрпно“ работеше, работи и ќе бара мандат понатаму да работи на исполнување на целта од приказната, односно секоја тековна година, за жал, да ни биде многу подобра од наредната.

Дали заслужуваме таква реалност? Дали заслужуваме нашата реалност да биде сидрото кое ќе не вкотви на дното од секоја област? Заслужуваме ли реалност која повторно ќе не држи надвор од европскиот двор и уште еднаш ќе го почувствуваме горчливиот вкус на француското вето? Ќе знаеме ли да ги прочитаме француските препораки за реформи во процесот на пристапувањето кон Европската Унија, содржани во нивниот Non-Paper од четири принципи?

За почеток нема многу за читање. Доволно е да се прочита првиот принцип и првата фаза од истиот. Потребно е да прочитаме за да сватиме дека, не само што треба да започнеме со санирање на состојбите во областа од правосудството, владеење на правото, фундаменталните човекови права, правдата и безбедноста, туку истите да ги оддржуваме во постојана кондиција. Токму ова ќе биде обврска на земјите кандидати во се поевидентниот реверзибилен карактер на процесот на преговори. Ако на сето ова ја додадеме и корупцијата, која што францускиот амбасадор, тука во Скопје, постојано ни ја става пред очи, доаѓаме до заклучок дека на нас буквално ни се нацртани обврските кои што треба да ги исполниме.

Постоење на високо ниво на корупција и нефункционален систем на владеење на правото беа пораките кои допреа до македонската јавност директно од Париз, пренесени преку лидерот и претставниците на македонската опозиција. По се изгледа, официјален Париз сватил дека исполнувањето на обврската за борба против корупцијата и воспоставување на функционален систем на владеење на правото е невозможна мисија за актуелната власт и наликува дека се обидува овој тежок товар да го префрли на идната, постизборна.

Теоретски гледано, пораките се сватени. Останува уште практичната имплементација на истите и градење на имунолошки систем кој што ќе и овозможи на македонската опозиција заштита од општествените болести кои што беа фатални за неа во времето додека беше македонска власт. Тоа ќе претставува гарант кој ќе влее силна доверба кај македонскиот граѓанин за да ги поддржи заложбите за воспоставување на функционален и оддржлив систем на владеење на правото, како и да ја поддржи решеноста за бескомпромисна борба против корупцијата.

Вториот принцип на францускиот предлог се однесува на критериумите за преминување од една до друга фаза на пристапниот процес. Овој принцип нагласува дека таквите критериуми би можеле да бидат инспирирани од индикатори утврдени од Европската Унија и други меѓународни организации и тела, како што се Советот на Европа, ОЕЦД, Венецијанска комисија и ГРЕКО. Венецијанска видовме што кажа за нас и нема потреба од повторување во овој текст. ГРЕКО, телото за борба против корупција на Советот на Европа, има дадено бројни препораки во однос на Македонија за начинот на борба со корупцијата, но и бројни забелешки за неисполнувањето на таквите препораки. Интересно е да се каже дека фокусот на ГРЕКО се токму претставниците на законодавната и судската власт, односно пратениците, судиите и обвинителите.

А дали на македонецот воопшто му се потребни извештаи на ГРЕКО за корупција присутна во правосудната власт, кога секој ден пред очи ни е специјалната и нејзините соработници?

Францускиот стап се трансформира во морков преку третиот принцип кој вели дека е потребно граѓаните на земјите од нашиот регион да почувствуваат повеќе материјални придобивки во рамки на процесот на пристапување. Ова вклучува зголемена финансиска поддршка и можност земјите кандидати, кои ги исполнуваат условите, да имаат пристап до европските структурни фондови. Неисполнувањето на суштинските критериуми, како што тоа е наш случај до сега, ќе ги оневозможи граѓаните на Македонија да ги почуствуваат европските пари од процесот на пристапување. Во услови на висока корупција никој во ЕУ не е сигурен каде ќе завршат парите од фондовите и затоа оваа Влада доби блокада. Многу едноставно.

Конечно, четвртиот принцип се занимава со најконтроверзното прашање, односно реверзибилноста на целиот процес. Франција предлага, земјата кандидат која повеќе не исполнува одредени критериуми или престанува да ги исполнува обврските, постепено да ги губи претходно стекнатите права.

Четвртиов принцип е некако компатибилен со последната фаза од првиот принцип, односно компатибилен е со последната фаза од процесот на преговори со ЕУ, т.е. отворањето на Поглавјето 35. Ова поглавје се отвора на крајот на процесот и се однесува на разни прашања што се појавуваат за време на преговорите, а кои не биле претходно опфатени во ниту едно друго поглавје.

Ова му доаѓа некако слично како точката „разно“ од состаноците на „партијата на другарите и другарките“. А знаеме дека „под разно“ другарите и другарките донесувале клучни одлуки и решавале човечки судбини.

Затоа, ние треба да сме целосно посветени на процесот на реформи и пристапување кон ЕУ, но, истовремено максимално свесни и подготвени за одлуките кои следат под точката „разно“, односно Поглавјето 35. Исто така, и ЕУ треба да е свесна и принципиелна во своето однесување, за да не заличи на системот и јунаците од приказната од почетокот на овој текст.

И за крај. Не можеме да одгатнеме дали јунакот од приказната, претседателот на партијата и премиер, разбрал што му кажале неговите соработници. Ако се суди по тоа што еднопартиските системи се распаднаа или целосно се трансформираа во демократски општества, може да заклучиме дека претседателот-премиер не разбрал ништо.

Меѓутоа, нешто што е многу поважно за македонските граѓани е да одгатнеме дали нашиов претседател-премиер разбрал нешто и дали воопшто некогаш ќе разбере? Решението на оваа „загонетка“ ќе следи многу скоро и од тоа решение ќе зависи дали и оваа година, за жал, ќе ни биде многу подобра од наредната!

Ние секогаш можеме … better!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.