Васко Шутаров

Веројатно секој од нас памети ваква случка од детството. После вечерните игри надвор, пред да повикаат домашните за враќање дома, на клупа или на скали пред влез, се споделуваа “страшни случки”. Во тие приказни, така заводливи, измислени и сенишни, приказни од работ помеѓу реалноста и фикцијата, приказни од кои те полазуваат трпки, се дефинираше статусот на секој од раскажувачите во друштвото. Колку посилна приказна-толку појака фаца!

Таа детска уметност на „раскажување приказни“, стана едно од најмоќните оружја на денешницата. Денес и во зрелите години од нашите животи, гледаме толку јасно, колку лесно и моќно зад секој производ, дали комерцијален или политички (или и двете заедно), секогаш стои добар наратив, „добра приказна“. Приказните се денес толку моќни, па стануваат основна алатка за промоција, од најголемите светски компании, до профилирањето на лидери на светската политичка сцена.

Фразата да „се продаде приказна“ коренито го промени своето значење – од лузерска етикета за празна содржина стана деловна филозофија, број еден. Проблемот е, сепак, кога тие стануваат опасен инструмент за насочување на јавното мислење или уште полошо, кога тие стануваат замена за факти и рационални аргументи.

Македонската доминантна приказна во моментов е со силно изразен политички предзнак. Тоа е наративот на актуелната политичка власт. Поддржан од армија ангажирани советници и експерти, владиното „министерство за вистина“, го покрива комплетниот информатички и јавен простор. И со една и единствена цел, да продуцира добри приказни, кои што за жал, веќе подолго време во широк радиус ја одминуваат нашата држава. И не без причина. Двете приказни кои го движеа “напред сидрото” на оваа власт, беа содржани во двете пароли: “ЕУ и НАТО, веднаш!” и “Нема правда, нема мир”! После неполни три години од практикувањето на актуелниов политички наратив, двете приказни се потрошија на најлош можен начин-никогаш не сме биле подалеку од ЕУ како во моментов и никогаш Јустиција не била избркана толку далеку од државата. А она што остана од продуцирањето добри приказни, може слободно да се сведе во синтагмата-ругање со умот.

И навистина не е лесно, да не се продуцираат добри резултати а да се раскажуваат добри приказни. Владината пропагандна машинерија е впрегната во дообјаснување и толкување на невештите и “зелени скинати” изјави на своите политички нарачатели, од утро до вечер. Или на дефокусирање од вистинските и реални проблеми. Или на продуцирање проблеми, најчесто во комплетно срушениот и на колена ничкосан пред правото на силата, правосуден сисем. И не случајно, актуелниов политички дискурс и наратив звучат како воениот оркестар на Саудиска Арабија-се трудат од петни жили, но се расштимани и штетат на слухот. И не само на слухот. Ругање со умот, со здравиот разум и интелигенцијата, ни се случува катаден, од утро до вечер.

Ругање со умот е, кога најодговорните за животна средина и воздухот што не убива систематски и трајно, “се прават Англичани” и вперуваат подолго време со прст кон граѓаните кои користат дрва за греење. A, најголемо загадување се случува во општини со централно парно греење и во доцните ноќни часови кога семејствата што се греат на огревно дрво ги гаснат своите семејни огништа. Но, “кога јагнињата стивнуваат”, горат други огнови, со други мириси. И не се најде маж од тој добро платен ресор, кој наместо кон граѓаните систематски труени со најнездрав воздух во светот, ќе впери прст кон системските и вистински загадувачи и спалувачи на секаков белосветски отпад, под нашите прозори. И затоа, добрата приказна нема да биде раскажана од Влада, туку од пред Влада. “Нема воздух, нема мир” е мотото на разбудената зелена револуција, која е една од добрите приказни што неделава ни се случија.

Ругање со умот е кога министер за одбрана, на партиски митинг изјавува дека само тие (читај владејачката партија) биле за ЕУ и НАТО, заборавајќи при тоа дека актуелната поддршка за политиките на нејзината партија драматично паѓа под 1/5 од испитаниците на сите актуелни анкети во моментов, а поддршката за ЕУ и НАТО (и покрај разочарувачкото недобивање датум за преговори) е сè уште висок обединувачки фактор помеѓу граѓаните од сите етнички заедници и политички провениенции. Ругање со умот е да бидеш одговорен пред Армија на својата држава, департизирана и професионализирана по сите НАТО стандарди, а партиски да прозиваш и ги делиш луѓето на про и против НАТО. Излитена, многу лоша приказна!

Ругање со умот e несреќната изјава на Претседател на држава, кој подзаборава дека не е поканет во својство на професор во Нови Сад, па пред свои студенти доживува “емотивна катарза” и посакува и покрај скапо платеното стекнато образование, да ја напушти државата, заедно со нив. Татко на нацијата, ни во такви моменти на искреност, не смее да манифестира очај и немоќ. Врховен командант на вооружените сили на оваа држава, најмалку! И, нема потреба од такво “додворување” пред граѓаните, кои решиле никогаш да не ја напуштат трајно својата држава! И кога е мачно и тешко, како сега! Но, не им се ругајте со умот! Постојат нешта, повредни од “400 евра просечна плата месечно”!

Вистинско ругање со умот претставува изјавата на вицепремиер во влада, “дека државата треба да става клуч на факултетите, бидејќи се бараат шофери, бравари и заварувачи”. Оваа изјава си личи на бизнисмен, на привремена работа во Влада. Наместо со вложувања во науката, образованието, иновативноста и креативноста, со вложувања во новите технологии и дигитализација, креативни и културни индустрии, да истураш од ракав стратегии како оваа, носи само непоправлива штета во незапирливите процеси на иселување млади луѓе од државата. И е вистинско ругање со умот, на стотици, илјадници, кои цел век вложувале во себе и своето знаење, па завршиле на некои “туѓи бели дворови”, токму како шофери, бравари и заварувачи. Што би рекол друг владин претставник, тоа заради “македонската партиципација во европската мобилност на луѓе, капитал и идеи”. Ругање, пар екселанс.

Специјално ругање на умот, во подолг континуитет продуцира Специјалното jавно oбвинителство. Згрозува моралното слепило во изјавите од типот “Не земавме ништо повеќе од она што пратеници земале за патни трошоци”! Чиниш, беа одбрани (одбрани, не избрани!) наместо да се борат против криминалот, да ја усовршат методологијата за криминална функционалност и неговата спроведливост во пракса. А бидејќи справедливоста, правото и правичноста почиваат и на презумпцијата на невиност, принцип од којшто беа “вакцинирани” во практикувањето на својата “правда”, со лошата приказна за СЈО завршувам овде. И покрај наодите на Антикорупциската комисија, дека милионскиот “бонус за доверливост” не бил пријавен како приход никаде, па ни во Комисијата, што е доволна законска причина првиот човек на актуелната власт, да се заузда во одбрана на она, што веќе не се брани.

А кога сме кај него, да не постоше, навистина требаше да го измислиме. Одекнуваат и надвор од верата и надвор од умот, “добрите приказни” кои само неделава не можат да се набројат и подредат, по степен на “бисерна бруталност”. Ругање со умот е, кога допира до ушите небулозата од типот дека “тoj и неговиот мултиетнички народ (!) се среќни”! Прости му Боже, навистина не знае што зборува! А, од државата само минатата година се одселиле скоро 34.000 луѓе! Или попластично кажано-цела една Струмица, си заминала од Македонија само минатата година (од среќа ли, од што ли?). За последниве три години, тоа се цели три Струмици! Шест Гевгелии! Триесет Демиркапии! “Духовната штета”, како што милува да каже, а која ја предизвикуваат токму заштитени пулени на власта, покажувајќи култура на стероиди, секаде и на секое места, (дали свети, како во Охрид, дали профани како во МНТ или пред осквернавениот споменик за Копнежот на Децата-бегалци), заштитените “свети крави” во сите три власти подеднакво, распојасаната владејачка дружина, што како од “алајбегова слама” троши државни пари за лични задоволства (“Е, што се 1.500, 3.000 или 18.000 евра”?) Е, тоа она, што ги брка нашите сограѓани од својата држава. А нам, кои по секоја цена решивме да останеме дома, ни го повредува достоинството, честа и моралот, интегритетот и интелигенцијата.

Мириса на безумие, на целосно абдицирање на умот и усулот во водењето на државата. А, немате ни добра приказна повеќе! Не сте повеќе фаци, дечки! Нели ова требаше да го научите, уште како деца? Или, не беше “морално”, ни тогаш, ни денес?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.