Во актуелниов временски карусел во кој како во маѓепсан круг се вртиме сите деновиве, да се потсетиме за момент на една и со „Оскар“ наградена филмска сторија. Одат двајца Срби и на пат наидуваат на умрен Босанец. И им текнува дека најпаметно е да му закачат нагазна мина на задникот. Арно ама, од нигде негде се појавуваат Босанци и го заробуваат едниот Србин, а Босанецот со нагазната мина одненадеш оживува. Мрдне ли, отидоа сите заедно во воздух! И ете ти, со ништо непредизвикана, нерешлива и малку повеќе зафркната драмска ситуација?

Луцидноста не ја напушта ни во таков миг во незгодно фатената „братска дружина”. Најитно е потребен деминер кој ќе ја деактивира нагазната мина. Повикај пријател од странство, тоа е првата мисла што на сè уште мислечките глави, прво им паѓа на памет. Во филмот тоа се „штрумфовите” – Унпрофорците, кои треба да ги раздвојуваат и помируваат непомирливите помеѓу себе „братски народи”. Но, тие не сакаат ни да чујат да се занимаваат со ординарни лудаци кои самите на себе си монтираат нагазни мини на задникот. Остануваат уште медиумите, како сламка за спас. За волја на вистината, тие и се појавуваат на лице место, прават ексклузивна вест по сите стандарди, си се сликаат и заминуваат. Затоа што мината што сами си ја поставуваме на сопствениот задник никој не може да ја деминира, нели? Медиумите се секогаш во право, кога ќе забележат дека седите на нагазна мина.

Ничија земја

Да, овој драмски заплет ја носи раскажувачката приказна на оскаровскиот филм „Ничија земја” од Данис Тановиќ. Ничијата земја е територија на земниов свет. Ни горе ни долу, ни север ни југ, ни лево ни десно, ни исток ни запад, ни ваму ни таму, ни небо, ни земја. Типична балканска територија, среде типична атавистичка ветрометина, премин и преплет од идентитети, јазици, култури, трговија, политики.  Помеѓу блиски, како што се во случајов Бошњаците и Србите. Но, има ли поважно од тоа, во ова и реално драматично фаќање во самоуништувачки клинч, дали меѓусебните разлики се толку суштински за неминовно да завршуваат секогаш во безизлезен конфликт. Во кој никогаш нема да успеат точно да им одговорат на другите, надвор од ничијата земја, кој прв почнал и зошто, но убедени дека од клинчот ќе бидат спасени само ако другиот биде уништен. Циклично и по којзнае кој пат преповторувано проклетство на уништувањето на блискиот, во една временски бескрајна низа исплетена од инерцијата на историското (себе) уништување.

Тоа проклетство на факторот „ничија земја” денес и 30 години од почетокот на распадот на некогашната голема федерација на јужно-словенски народи, продуцира барем десет с уште живи непомирливи конфликти, помеѓу денес самостојните, а некогаш конститутивни и државотворни фактори на некогашна Југославија. Актуелна и денес, на ветрометината од збеснати атавистички духови, во кои освојувачкиот поход по корените од минатото, значи по секоја цена дефакторизација на блискиот, по можност и по прашањата на идентитетот и прашањата за суверенитетот, подеднакво силно. И подеднакво често ставајќи го на маса, како најважен услов, за заеднички живот во актуелното европско семејство од народи и држави. Бугарија овие денови, потсети на Југославија, колку на временскиов карусел што ни ги заврте повторно животите наопаку, да се потсетиме на десетте недовршени приказни од распадот на Југославија. Но и на двете кои по инерција ги активираат токму Бугарите, со ништо помалку изразениот дух на инерција за историско (себе)уништување. Историјата е мајка на животот или станува фарса водилка низ животот? Фарса е кога и во 21 век уште зборуваме за 12 непомирливи конфликти помеѓу народи и држави кои ги поврзуваат блиски култури, традиции, истории, јазици, национални преродби и државни оформувања. Фарса е ако во овој контекст спомнеме, дека и во светоста на дванаесетката, балканскиот атавистички дух ќе пронајде причина да се држи заедно во вечниот клинч и грч од непомирливи претензии, да го ослабне или комплетно уништи најблискиот до себе. До уништување! До вечно пресоздавање на ничии земји.

Нива со марули

Ќе пишува деновиве мојот добар познаник и уште подобар партнер во организација на неколку фантастични промоции на македонската култура во Софија, културологот проф. Александар Ќосев, во еден свој фејсбук-статус. На истава тема за непомирливоста на атавистичките духови од минатото, како да се скротат и сплотат во современа меѓусебно толерантна, креативна и, пред с, продуктивна културна коегзистенција и комуникација. Ќе го парафразирам. „Тие работат со застарени претстави за јазик и нација, во кои и двете не се создадени од луѓе, туку како да се дадени од Бога, пораснати како марули во нивите на животот”.

Денес нивата со марули, три години после потпишувањето на македонско-бугарскиот Договор за добрососедство и пријателство, за жал, е обградена со железни завеси по сите рабови, дури и полошо од средината на минатиот век. За да не стане ничија земја?  Денес, како никогаш подалеку од пророчката и европски просветлена мисла на Апостолот на македонската борба за автономија – дека светот може да биде разбран како поле за културен натпревар меѓу народите. И само така! Но кои достојни наследници да го разберат тоа.

Администраторот

Него имам право да го именувам како сакам. Нè преименува, без да го испочитува мислењето на мнозинството од народот. И ќе го именувам како сакам, дури не остане самиот, последен и единствен кој во трето лице еднина, си го изговора сопственото име. Освен ако не побара јавно прочка од македонскиот народ. Христијански и цивилизирано е да се простува, но само ако некој ти побара прочка. Како во личните односи, така и меѓу современите држави. Барем во цивилизираниот свет, посебно од Втората светска војна, наваму.

Него неделава, како на мајтап и за поука, со закачена нагазна мина на задникот, го седнаа за да ни каже јавно што ни се спрема како народ и како држава. Него му е оставена последна шанса да управува или кажано во негов стил и негово поимање на нештата, да администрира со државата. Како нива со марули. Како нива со зимска зелка, праз, компири, што годе. И дека е подготвен, за да владее само тој и неговото семејство, кумство и потесно клиентелистичко роднинство со неа и ќе потпише ако треба, дека марулата, зелката, празот, морковот, што годе, имаат заеднички корен со оние од блиската таква нива, на првиот сосед. Ете, ако и нему не му е јасно што му се случува во моментов, на најпростичок начин да му се објасни.

Човечево, што неделава ни ја запали државата, убеден сум дека не е случајно ликче црпнато од плодните струмички ниви. Но, што и да е, чиј и да е, неговото заминување од македонската политичка сцена мора да биде императивно. Како што императивно звучат хегемонистичките барања на неговите налогодавачи кои тој во име на вистината, во ниеден момент не разбра колку се сериозни и со трајно вградена константа во надворешата политика и поткрепени со цврст внатрешен консензус во нивната внатрешна политика. Но, како една празна лејка во вир, носена од една страна на брегот, каде му се потсмеваат, до другата страна од брегот, каде го презираат, да ја разбере трагедијава на неговото низводно пуштање по вода. Па уште и со минска направа, врзана за задник.

Преведувачот.

Во приказната за администраторот, кој вообразува и дека владее со сите светски јазици (а патем не се доразбира со никој), не случајно му е залепен ликот на преведувачот.  Неговиот прв потпретседател во власта, тукушто фатен со иста таква минска направа на задникот. Па место не го фаќа. Нормално, дека уште истиот ден јавно ќе ја поддржува големата жртва на неговиот прв партнер, што ја жртвува својата света политичка кариера, а на Македонија, ни името никако да стаса да ѝ го напише на македонски. На измисленото министерство со кое во моментов управува.

Вака упростено и со неодбрани зборови за администраторот и преведувачот, врзани со иста минска направа на задниците, дали ни е за нијанса појасно каде одиме и до каде сме стасани на тој наш пат?

Денови на тотална распродажба

Симболично, за нештата да станат и апсолутно јасни, распродажбата во најава на националните и државни интереси и добра, се поклопува со веќе традиционалната предновогодишна и божикна тотална распродажба. И тоа е единствената добра вест, во целава овонеделна политичка папазјанија. Која благовремено, пред да потонеме во потрошувачка треска или во длабок пандемско-зимки сон, ни укажува, да се разбудиме и освестиме. Дека и денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино. Така нè учеше преку своето култно „Диво месо”, великиот Горан Стефановски.

И јасно му е денес на секој, дека ние никогаш не сме биле подалеку од европското семејство на држави и народи, не само поради ирационалните бугарски претензии од минатото преточени во услов за наша заедничка европска перспектива, туку меѓу другото и поради имагинарната и само декларативно прокламирана борба против сеприсутниот криминал и корупција од највисоките до сите останати ешалони на власта, катастрофално лошиот одговор на здравствените власти со здравствената пандемија, армијата од десетици илјади невработени во само неколку последователни месеци, економскиот крах во кој длабоко сме заглавени, длабоката политичка и севкупна институционална криза со едвај приметливи европски белези.

А Европа, таа за нас сè уште недостижна заедница на права, слободи, вредности и принципи, продолжува да живее во нас, не само за инает на европските пропусти во сопственото практикување на истите, оставајќи нè периодично, час во бришаниот простор на ничијата земја, час во нивата со марули. На отворениот и бришан простор за сите хегемонистички фрустрации разбудени денес, без трошка европска вредност и принципи. И ќе продолжат да живеат во нас, затоа што се вградени подолготрајно и посилно од оние, на кои случајно им паднало да живеат во неа.

А приказната за „дивото месо” си продолжува по стариот веќе познат балкански наратив. Како што велеше Горан Стефановски, „и состојбата продолжува. Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не, не на пропаст, да се разбереме. Пропаста е дефинирана состојба. Ни на благосостојба од која сте далеку. Туку на постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки, на ист начин. Повторно и повторно, упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство. Тоа станува смешно

Ви се чини дека администраторот и преведувачот, барем за миг помислиле и ги разбрале Гоце и Горан?

 

 

 

 

 

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.