Алдо Климан

Ова не е ниту шега ниту жолта вест. Ова е многу сериозно, а се темели врз фактите со кои јавната обвинителка Вилма Рускоска, во настојувањето Зоран Заев во очите на јавноста да го направи светски антикорупциски народен херој, барем по две основи се обвини самата себе си, обвинувајќи го и јавниот обвинител Љубомир Јовески, но и самиот Заев.

Според изјавата на Рускоска, Зоран Заев во месец април, меѓу двата круга на претседателските избори, т.е. меѓу 21 април и 5 мај, на состанок по некој секундарен повод, нејзе лично и на обвинителот Љубомир Јовески, онака патем им рекол дека сака да пријави кривично дело рекет. Но што треба да значи тоа дека „сакал да пријави”, кога многу добро се знае како се пријавува еден така сериозен криминал: во пишана форма, со конкретни податоци, лично потпишано и, се разбира, официјално предадено и заведено под број и датум во приемната книга на судската писарница. Од изјавата на обвинителката Рускоска, меѓутоа, дознавме дека Заев тоа го сторил само во приватен „муабет” во шест очи и уши, но не и дали поднесол пријава во официјална, пишана форма, или пак сето тоа си останало само на воздушесто-вербалното: „сакам да пријавам”. Тие тројцата, Рускоска, Јовески и Заев, значи, меѓу 21 април и 5 мај, во изборното меѓувреме од првиот до вториот круг, беа единствените кои во тој момент знаеја за опасно разгореното кривично дејствување рекет, и си дозволија таква криминална слобода тоа да не ѝ го соопштат на македонската јавност истиот момент, туку чекаа да поминат изборите, а потоа и уште дваипол месеци.

Некој ќе рече: па не оди тоа така едноставно! Е не, баш оди токму така, јасно, едноставно и енергично, кога навистина се сака да се справи со најцрниот криминал што им ја изеде душата на македонските граѓани, и особено кога станува збор за криминал во највисоките општествени и правосудни кругови. И веднаш, „јавна обвинителке” Рускоска, се испраќаат до заби вооружени специјалци да ги бркаат и на сите страни да ги фаќаат црните криминални гнасови од општественото дно до врвот на власта, како што тоа, по ваш налог и безочно, токму во таков „стил” го правеа со „спектакуларни приведувања” на низа сосема невини, угледни и чесни македонски граѓани, патриоти, од вас обвинети за „тероризам”.

Еве ги тешките кривични дела на Рускоска, Јовески и Заев, содржани во нејзината изјава.

Погодување во изборниот процес

Прво, со тоа што случајот ”Рекет” е отворен со огромно задоцнување, дури во јули, односно од сите тројца тешкиот криминал и корупција свесно се прикривани од јавноста повеќе од два месеци по добивањето на наводно „првата” информација од Зоран Заев, и тоа токму во времето меѓу двата круга на претседателските избори, двата јавни обвинители и Заев извршија најдиректно пресудно влијание врз исходот на претседателските избори, т.е. извршија недвосмислено кривично погодување за остварување голема политичка и друга нематеријална полза, како за претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски, така и за самата партија СДСМ чиј кандидат беше тој, што конечниот избор на претседателот го става во длабока и најсериозна дубиоза.

Имено, сосема е сигурно дека навременото (т.е. во истиот момент!) покренување на кривичната постапка и гонење во случајот „Рекет”, и известувањето на целокупната јавност дека во и околу заевското Специјално јавно обвинителство се случува ваков криминал од невидени, мафијашки димензии, односно објавувањето на тие срамни, поразителни факти токму во моментот меѓу двата изборни круга, би имало недвосмислено и пресудно влијание врз личните одлуки на граѓаните на кој кандидат да му го дадат својот глас. Како гласачи, запрашајте се и самите, дали по овие сегашни, само вака делумно и перфидно дозирано, едвај исцедени информации за невидени криминални свинштини во врвот на заевската извршна и правосудна власт вашата одлука тогаш, при гласањето на претседателските избори, би била иста.

Обвинителите Рускоска и Јовески, и со нив Зоран Заев, од јавноста ја сокрија и долго ја сокриваа таа информација, и со тоа свесно, и политички и професионално крајно неодговорно, апсолутно неетично и незаконски се вмешаа во текот и во исходот на изборниот процес и директно влијаеа врз создавањето искривена слика за политичката реалност во државата во моментот на одржувањето на претседателските избори.

Како и обвинителите, кои имаа професионална и морална обврска итно, односно истиот час да реагираат, да ги покренат обвинителниот и криминалистички процес, и на распит и евентуален притвор да ги приведат осомничените, исто така апсолутно подеднакво е одговорен и самиот Зоран Заев, кој, се разбира, нема ингеренции да покренува обвинителни постапки, но бидејќи неуморно, постојано на сите страни се расфрлува и треска секакви неартикулирани, ступидни, аналфабетски изјави и морбидни глупости, и го бламира македонскиот народ, исто така требало со македонската јавност („транспарентно и инклузивно, нели!”), барем еднаш нормално и артикулирано да ја сподели и таа ужасна вистина за криминалните собитија во својот круг, таа невидена срамота, пред сѐ за неговото сдсмовско партизирано Специјално јавно обвинителство и сите нешта околу него.

Погодување на криминалната организација

Второ, со непријавувањето и ненавременото покренување обвинителна и криминалистичка постапка повеќе од два месеци, Рускоска, Јовески и Заев свесно ѝ овозможија на криминалната организација, собрана околу врвот на правосудната власт, непречено, слободно да продолжи да си се занимава со безочниот милионски рекет во целиот тој период, речиси до денес, со што незаконски, т.е. криминално ѝ погодуваа на рекетарската банда во извршувањето низа криминални дејствија и дела, меѓу другото, и перење големи количества пари, како и психолошки и материјално да ги малтретираат, да ги уценуваат, и да ги истоштуваат жртвите на рекетот и нивните семејства.

Ако некој пожарникар е информиран, знае и гледа дека се случува страотен пожар, а не презема ништо итно да го запре и да го изгасне, ниту пак за тоа ја известува пошироката јавност, тој станува директен виновник и соучесник во постојната несреќа и можната уште поголема трагедија. Токму тоа го направија овие тројца заевски неодговорни „пожарникари” од врвот на извршната и правосудната власт, не преземајќи ништо да го запрат опасно разгорениот криминален пожар со кој беа запознаени, и рекетарските „супер-пиромани” итно пред очите на јавноста да ги приведат кон правда, со што директно станаа нивни криминални јатаци и соучесници.

Распит и притвор за Рускоска, Јовески и Заев!

Ако меѓу актуелните „СЈО-кадии” моментално нема баш никого против нив да поведе истражна постапка за овие извршени кривични дела, тоа нека го сторат самите тие, и нека си фатат автобус за Шутка, за да не мораат и по нив да доаѓаат специјалци со црни кациги, целосна заштитна опрема, штитови, шок-пендреци и со долги цевки, според спектакуларниот стил и урнек што токму тие го афирмираа и го увежбуваа во насилните апсења на чесните македонски патриоти.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.