Значи, ако не постоеше, бугарскиот претседател Румен Радев ќе мораше да се измисли. Зашто, ваков уникатен егземплар на политички камелеон, обоен со сите бои, ретко може да се најде. Не само во Бугарија, туку и пошироко, во Европа и во светот.

Тоа е вистинско чудо како еден „корисен идиот“ преку ноќ може да се трансформира од НАТО-вски генерал во мало бугарско Путинче! Притоа станувајќи сериозна безбедносна опасност за целиот Балкан, особено за Западниот во кој, за жал, влегува и Македонија. А, само кога ќе се сетам колку отпор даваше првиот претседател на независната Република Македонија, Киро Глигоров, на нашето вметнување во ова друштво! Но, се покажа како залудно.

Следејќи го одбележувањето на 119-годишнината од погибијата на македонскиот револуционер Гоце Делчев, во Софија, нормално, бугарски, Румен Радев како покровител на манифестацијата се пројави од отворен политички „јастреб“ до добронамерник и душегрижник за македонско-бугарските добрососедски односи и за европскиот пат на Македонија. И како секој политички камелеон играше на картата на кратко паметење.

Најавувајќи ја на својот фејсбук профил конференцијата, претседателот Радев му даде на Гоце Делчев квалификатив на „апостол на револуционерната борба на македонските Бугари“! Значи, не на Бугарите, туку на македонските Бугари. Со тоа директно временски и историски го негираше постоењето на Македонците и значењето на Делчев за нив, и дрско и безобразно ни порача дека него можат да го чествуваат само македонските Бугари, но не и Македонците! Со други зборови, Македонците ќе можат да слават и чествуваат само свои личности по 1944 година.

И види го ти малото бугарско Путинче! Ем Путинче, ем мангупче! За само неколку дена „заборави“ на овој квалификатив за Делчев и главното внимание на бугарската, па и пошироката јавност го насочи на добрососедството и европската перспектива на Македонија. Да беше само дописникот на МИА, човек ќе помисли дека од устата на Радев течат само мед и млеко, а не отров, гнев, фрустрации…

Демек, според слаткоречивиот Радев, за деблокирање на македонскиот пат кон почетокот на преговорите за членство во Европската унија потребен е само еден збор-Бугари. Македонските Бугари да се вметнат во македонскиот Устав и се ќе биде в ред. Одеднаш нема да постојат никакви други проблеми. Ни постоење на македонизмот и на Македонците, ни нивна историја, ни нивни македонски јазик, ни нивни традиции, ни нивна колективна меморија…Тоа, се знае, почнува од 1944 година. Ако почнува и ако воопшто постојат.

Е, истиот тој слаткоречив Радев, покрај оваа основна, ни испрати уште една, ништо помалку значајна порака. За македонизмот. Замислете, ние Македонците, сме поставувале „јасна бариера со воинствениот македонизам“!

Дека му пречи македонизмот ни е одамна познато. Ама, не ни е познато дека тој да ти бил воинствен!

Е, како не му пречи македонизмот на Гоце Делчев? Или тој не бил воинствен!? Како не му пречи воинственоста на Врховниот комитет, на БМОРО, на ТМОРО, на ВМОРО, на ВМРО, на БРП(К), чиј наследник е токму неговата БСП!? Или тоа била добра воинственост!? Како не му пречи воинственоста на бугарскиот Дворец во Првата и Втората балканска војна, во Првата светска војна!?

Како не му пречи бугарскиот наци-фашизам пред и за време на Втората светска војна!? Или тој не бил воинствен и служел само за берење цвеќиња од македонските полиња!? Има една српска поговорка, што навистина не знам како се користи во бугарска форма, која вели: „Р,ѓавом к..цу и длаке сметају“.

Затоа претседателот Радев мора да знае дека не е работата во еден збор, туку во два-бугарски неонацизам! Зашто, токму преку негацијата на македонизмот и на Македонците, на нивниот јазик, историја и култура, Бугарија и Радев во пракса го спроведуваат.

Историски гледано, кога станува збор за извојување слобода и формирање сопствена држава, македонската воинственост не се разликувала многу од бугарската. Дури напротив. Бугарската воинственост била далеку пострашна, зашто секогаш била на погрешната страна на историјата.

Историјата, нели, секогаш се повторува. Само што Радев сега ни ја продава како фарса. На сметка на Македонија, за да го спречи почетокот на пристапните преговори за членство во ЕУ, бугарскиот претседател направи неколку чекори поради кои беше квалификуван како новиот кнез Батенберг.

Прво, откако виде дека пред Европа не минува приказната за историјата, во игра ги внесе човековите права, односно вметнувањето на македонските Бугари во Уставот. Потоа, со промената на власта во Бугарија, ја организираше седницата на Националниот совет за безбедност, со што на македонскиот пристап кон ЕУ му даде безбедносен карактер. И сега на македонизмот му припишува воинственост, што треба да претставува баук за ЕУ.

Што остана уште на Македонците и на македонизмот да им се припише?! Не направија геноциден народ, преку Ванчо Михајлов ни инпортираа фашизам, кој стигна исчисти под со нашето достоинство, дигнитет, интегритет, историја, култура, традиција, колективна меморија…со нашето постоење.

На сопствен политички терен, Радев и неговите социјалисти отворено застанаа против воената поддршка на Украина за одбрана од руската агресија. Но, засега тоа не е пречка малото бугарско Путинче да ни глуми загриженост за развојот на „добрососедството“ и за македонските евроинтеграции. Од таквите како него и сличните на него не само бугарски неонацисти, впрочем, стравува Западен и целиот Балкан.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.