Васко Шутаров

(од чекалната на македонската култура и образование)

Да заразиш некого со чекање, тоа е најсигурниот начин да владееш со него, бидејќи тоа значи да го направиш неподвижен и безопасен, потполно и засекогаш. И таа лага со чекањето е поцврста од секој затвор и од секоја прангија. Зашто, со многу среќа и вештина од затвор можеш да побегнеш, од окови човек може да се ослободи, ама од таа измама – никогаш, ни довека!

Нобеловецот Иво Андриќ, освен овие редови за чекањето, напишал уште многу антологиски текстови. Пишувал и за „Јелена, жената која ја нема”. Добрите познавачи на неговиот живот и дело уште долго ќе мудруваат, кој женски лик од релниот живот бил инспирација за ликот на Јелена, од неговите книги. И, ќе бидат и понатаму во дилема, дали е тоа невозвратената љубав на младата Јелена што ја запознава за време на краткиот студентски престој во Краков или љубовта кон жената со која, после триесетгодишна преписка под псевдонимот „Мандарин” и се оженил. Првата љубов му возвратила со писмо, дури кога ја добил Нобеловата награда за литература. Втората, познатата српска кореографка Милица, после триесетгодишно чекање и интензивна преписка, ја оженил, после смртта на нејзиниот сопруг, инаку негов близок пријател.

Од тајните на чекањето, Иво Андриќ создал литературни ремек-дела. Иако поголем дел од животот поминал и во дипломатска кариера, за светската јавност и за генерации после неговата смрт, Андриќ останува запаметен по своите дострели во литературата и културата. Во нерасчистеното југословенско политичко наследство, сè уште се преоценува неговата дипломатска кариера, но неспорен факт за сите држави наследнички на поранешната заедница, е дека Андриќ е еден од најсилните културни брендови, кој со своето врвно културно дело направил многу повеќе за тогашната држава, отколку генерации и генерации професионални дипломати, меѓу кои и тој лично припаѓал.

Јас сум еден од оние, кои се убедени, дека со култура, наука, образование и спорт, секоја држава, а посебно оние кои не се од редот на големите светски сили, можат да направат многу во промовирањето и легитимирањето на своите народи и држави. За Македонија немам илузии дека ќе го освојува светот со силно развиена индустрија, препознатливи индустриски брендови, иновации или патенти или дека еден ден ќе стане важен извозник на енергенси или жито. Тоа што Македонија го имала како свој најголем адут и го има во својата сегашна и идна легитимација на европската и светска мапа, се несомнено културата, образованието, науката и спортот. Докази за тоа, безброј.

Но, тоа што посебно загрижува во македонскиот актуелен момент е што, токму образованието, науката, културата и спортот се оставени подолго време во македонската чекална, за време на справувањето со вирусната пандемија. Со изгледни шанси и во поблиска иднина да си останат во ред за чекање-и после со ништо не предизвиканово, пу, пу, пу, не важи повеќе! Како што тргнало, ќе излезе и дека ни во ова, нема ништо случајно. Иако во голем дел, актуелниве состојби се должат и на некадарноста, неукоста и незаинтересираноста на актуелните власти, за овие исклучително важни области.

За културата, образованието, науката и спортот не постои време кое е добро за чекање. И, затоа не чуди, што сериозни држави, уште веднаш ги согледаа последиците и изнајдоа вонредни средства и помош токму за културата, образованието и спортот. Се подготвуваат среднорочни стратегии за поправање на последиците од онлајн опстанувањето на образованието и културата и потполното згаснување на професионалниот спорт. И со конкретна помош, уште од првиот месец на пандемијата. Германија уште на 23 март, во првите денови на вонредни мерки, одобри фонд од 50 милијарди евра, во кој можат да аплицираат и самовработени од областа на културата и уметноста. Уште на 18 март францускиот министер за култура донесе ургентен пакет помош од 22 милиони евра за помош на културата и уметноста. Со почетокот на првиот месец на пандемијата, САД издвоија 307,5 милиони долари, Италијанците преку 130 милиони евра. Во поблиското окружување, Хрватска за самостојните уметници во критичниве месеци издвојува по 430 евра месечна помош, Црна Гора издвои 500.000 евра помош за широка поддршка на погодените културни работници и уметници, а Министерот за култура, спорт и млади на Косово (пред заминување) најави вонредно зголемен буџет за овој ресор од 5 милиони евра. Словенија уште на 2 април, донесе интервентен закон со кој вонредно, со преку 3 милијарди евра помага на сите самовработени, а во културата тоа значи по 700 евра помош за месеците април и мај и ослободување од плаќање на социјалните придонеси.

Според актуелни податоци на УНЕСКО, една милијарда и двесте милиони ученици и студенти од 150 земји се во моментов дома, надвор од образовните институции. Околу 360.000 и во нашата држава. Во САД веќе се направени сериозни анализи, какви би биле идните ризици од пандемијата врз развојот на образованието, посебно проекциите за високото образование. Ако до пандемијата, 100 од 1000 факултети за општествени науки беа под одреден ризик да бидат затворени во следните пет години, сега проекциите велат дека за само една година 200 од нив се под сериозен ризик да бидат затворени. Пад од 15 % на есенските уписи на американските колеџи и универзитети и дефицит од 45 милијарди евра во високото образование, предвидува американскиот Совет за образование. Онлајн учењето, намалените приходи во време на пандемијата, намалената или ограничена мобилност на домашните а посебно странските студенти, веќе го вклучија алармот во американскиот образовен систем. И во најголем дел од државите во светот. За среќа, училишните ѕвона се веќе вклучени за ученици во држави во регионот, како Хрватска и Словенија, кои во меѓувреме и успешно се справија со здравствените предизвици од пандемијата.

Освен кај нас. Министерството за образование и дефинитивно крена раце од оваа учебна година. Без идеја како да се заврши оваа и без проекции за стартувањето на идната учебна година, која наближува за само неколку месеци. Одлуката за финализирање и реализирање на испитната сесија им е препуштена на универзитетите, а универзитетите ја препуштаат на факултетите. И сите заедно, со армијата ученици и професори, на неколку денови пред испитната сесија се оставени на -чекање. Средношколците и основците, ќе стасаат некако до своите оценки, со огромен вложен труд на нивните родители, напорите на наставниците да ги совладаат реалните онлајн бариери, во образование кое никогаш не било подготвувано да биде далечинско. Но и за едните и другите и третите, сум убеден, дека она градиво кое не успеја да го совладаат, еден ден ќе ги чини многу во нивните идни професионални избори и кариери. А само малку посериозна политика требаше, за да се смогнат сили, да се стави пандемијата под контрола и да се видат учениците и наставниците во живо. Барем во неколку групи и во неколку наврати. Умешни професори можат онаа најесенцијалното од учебното градиво, непосредно да им го пренесат и трајно всадат како знаење на учениците и во само неколку работни часови. Но, кој да мислеше на обложувалниците и трговските молови, попрво и повеќе.

Да заразиш некого со чекање, во клучни и највитални области во општествениот живот, ќе нè чини и долгорочно, најмногу. А во чекалната, засега само заразна тишина. Ги нема студентите, барем глас да кренат. Професорите, јавно да проговорат за иднината на образовниот процес. Не постои позагрижувачка состојба за една држава, кога образованието, науката и културата, оставени на подолго во прангите на заразната чекална, молчат. За голем број уметници, автори, научници, молкот може да биде само уште еден нов и поинтересен креативен чин, но веќе и во регионов, Загрепската филхармонија музицира во Зоолошката градина под отворено небо, балетот „Лебедово езеро” се игра на сплитската Рива, театарската игра во помали формати се враќа во реалниот живот, се планира враќањето во нормала на креативните и културни индустрии, индустријата за забава. А ние? Замолчани и уште во „Чекалната на Андриќ”?

Уште малку и на половина пат сме од годината, во која сè уште никој не проговорува за страшните штети што по нашата држава ќе ги има оставањето во чекалната на образованието, културата, науката и спортот. Македонските најсилни адути за силна легитимација, секаде во светот. Toa подеднакво добро го знаат и најголем број од авторите, културните работници, уметниците, студентите, учениците и професорите. Но, да се надеваме, според онаа од Андриќ, дека „Молчењето е сила а зборувањето, слабост. Судејќи барем според онаа, дека децата и старите најмногу сакаат да зборуваат”.

А и не е сè така запустено, ми велат пријатели. Пред надлежните ресори за култура и образование. во запустените тревници и жардинери, деновиве силно збувнувал, пиреј.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.