Весна Јаневска

Ќе бидам кратка, јасна и децидна.
Големата фамилија на корона вирусите предизвикува болест од лесна настинка до тешка белодробна болест позната под името SARS-CoV. Новиот вид корона вирус COVID-19 е за првапат идентификуван кај луѓе, а претставува зоонотичен вирус, што значи дека се пренесува меѓу животни и луѓе.

Освен што се пренесува аеро-капково и предизвикува од лесна до тешка белодробна болест, за евентуални други наини на пренос сѐ уште се истражува.

Она што се знае за овој нов вид корона вирус е дека тој може да преживее многу подолго во надворешни услови за разлика од другите видови, на метални површини, облека и други предмети.
Вирусот предизвикува покачена температура, кашлица, потешкотии во дишењето и во некои случаи вирусна пневмонија, САРС, бубрежна слабост и смрт.

Светски експерти ги дискутираат сите аспекти за епидемијата и нејзина контрола, потеклото на вирусот, неговото пренесување, клиничка презентација, начин на медицинско справување со болеста и многу други аспекти.
Светската здравствена организација (СЗО) покрај тоа што ги соопштува горе наведените факти апелира до сите Влади да спроведат универзално применливи дејстивија за идентификација на заболените, следење на контактите, грижа за болните, оспособување на здравствените работници и болнички капацитети. СЗО ги повикува земјите да направат сѐ за да го спречат, односно ограничат ширењето на вирусот.

Појавата на овој нов вид вирус ја сметам за елементарна непогода која му се случи на човештвото и со која тоа мора да најде начин да се справи. Во тој правец многу побогати, помоќни држави доживуваат поразителни резултати, бројот на заразени постојано расте, бројот на смртни случаи исто така постојано расте. Навистина не сме толку густо населени како Милано или цела северна Италија, не сме населени или посетени со туристи ни како Шпанија, но и здравствените капацитети не ни се исти. Ако само погледнеме што им се случува ним, зарем има место за размислување и двоумење? Заштитата треба да ја спроведеме ние самите. Со оглед на ниското ниво на свесност на одреден дел на населението, вклучувајќи ја и докторката која како носител, а сега и заболена од новиот вид на корона вирусот, која исконтактира со стотици луѓе јасно е дека треба да се преземе многу повеќе од она што Владата на Македонија презема.

Каде е силната визуелна медиумска кампања преку која на населението треба да му го објасни начинот на ширење и заштита?
Зошто по експозиција на стотици луѓе, на стручен состанок, свадба и други состанци, сите тие не се во карантин?
Зарем како дотичната личност сите тие мислат дека се недостижни за било што, па дури и за боест?
Зошто не се забранат свадбите каде што луѓето си честитаат и бакнуваат, зошто не се затворат диската и кафеаните, разни семинари и други состаноци?

Денешната мерка за престанок на работа на градинките, училиштат и факултетите, забраната за присуство на спортски настани и големи собири е оправдана, неопходна и според мене задоцнета.

Зошто Министре не прогласите епидемија и целосна самоизолација на сите експонирани?
И Вие сте во опасност како и сите други. Впрочем и Вие сте доктор. Епидемиологија учевме во трета година факултет од добра и голема книга. Очигледно директорката на Кожната клиника или не учела или заборавила. Вам не смее да Ви се случи такво нешто. Не смееше ни нејзе, но Вашата одговорност е поголема, Вие сте Министер.

Прогласете епидемија и самоизолација Министре. Свесна сум за проблмите и економските губитоци во тој случај. Свесна сум и за тешкотиите со кои ќе се соочите и Вие и Владата, но има ли цена намалувањето на бројот на жртвите? Има ли? За мене нема, а за Вас?
На крај што ќе се слуи со докторите? Како нив ќе ги заштитите кога ќе имаме стотици и илјадници болни? Изумреа во Кина. Да во право беше премиерот кога им вети 100 000 плата. Во вакви случаи се гледа нивниот значај. Само уште и да ја добиеа.
Сеедно, и без 100 000 ќе си ја работат работата и ќе лекуваат луѓе, но Вие за да ги заштитите барем обидете се да го намалите бројот на заболени.

Се повторувам и ќе се повторувам, сѐ додека тоа не се случи.
Треба тешка и длабока реформа во образованието!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.