Маја Славева

Животе-скоте! Почитувани читатели, ќе ве замолам да читате внимателно, темата е доста сензитивна. Ви благодарам.

Си било едно дете. Детето си растело со мајка му и со татко му. Имало и баба, и дедо и најсакан вујко. Можеби било среќно додека растело, но не се сеќавало многу на тоа. Се сеќавало на ќотекот којшто го добивала неговата сакана мајка од неговиот татко. На викањата, на молењата, на мирисот на алкохол, на непроспиените ноќи и солзите. Се сеќавало и на нивниот развод и живеењето со неговиот татко поради којшто имал психички трауми. Иако постоеле и медицински белешки за лошата психичка состојба на детето предизвикана од таткото, социјалните работници не сакале ни да ги погледнат. Но, за среќа, подоцна судот одлучил детето да живее со мајката поради тоа што дете под 10 години не смее да биде одделено од мајката.

Детето започнало нов живот со мајката, нејзините родители и нејзиниот брат. Со таткото се гледало само во период кој бил одреден, но и тоа не траело долго. Детето плачело за да биде вратено кај мајката, па таткото го враќал по еден час.

Имало детето и маќеа кај таткото, како и во секоја приказна има и лоши вештерки, но оваа е една од многуте во оваа приказна. Таа го капела детето на ниски температури. Го измрзнувала и малтретирала. Детенце кое не знае ниту името да си го каже како што треба. Маќеата го измрзнувала, а татко му не му дозволувал да јаде. „Ќе јадеш кај мајка ти кога ќе си одиш“-му велел. Татко.

Многупати заборавал да го земе од градинка. Детето било оставено само во просториите на градинката, како последно гревче, да го чека својот татко да го земе. Таткото си го заборавил сопственото чедо.

На крај, му го укинале на таткото решението за средби. А и детето не сакало повеќе да биде со својот татко. Не сакал ниту да го гледа, ниту да го слуша. Му било страв.

Детето го продолжило својот живот со мајката, баба, дедо и вујче кога во животот се појавил тој. Монструмот. Новиот пријател на мајка му кој се колнел дека ќе ги сака и чува и двајцата. По едно недоразбирање „пријателот“ на мајка му во пијана состојба пред очите на детето ја избодил со нож 7 пати неговата мајка. Неговата сакана мајка! Детето избегало и иако мало успеало од неговиот мобилен телефон да повика полиција. Но, веќе било доцна. Неговата мамичка веќе била на Небото. Монструмот му ја одземал!

Заедно со баба му, дедо му и вујко му се трудат да ја пребродат нивната огромна загуба. Тага, солзи, трауми и стрес. Малото дете сега имало само 10 години.

Баба му и дедо му биле условно осудени поради тоа што не испочитувале одлука на социјалните работници во која самите социјални работници го згрешиле датумот за средба со таткото.

И додека траела таа голгота, не земајќи ја во предвид психолошката состојба на детето и медицинските белешки, детето било без старател. Немало кој да го застапува на суд, немало кој да го осигура, немало кој да му се потпише на документ за на училиште.

Неговата сакана мајка имала добиено социјален стан на користење од државата како самохран родител кој сега припаѓал на детето, но немало старател кој би можел да го потпише сето тоа. Не можело да поднесе ниту барање за пензија од својата мајка без старател.

И додека монструмот му ја убил мајката, државата му ги ускратила и неговите баба, дедо и вујко како старатели во кои гледа единствен спас и утеха. Таткото го барал детето само поради оштетата која требало да ја добие детето поради убиството на мајка му…

Почитувани читатели, ова е напишано според вистински, тажен, трауматичен живот во градот на тутунот. Детето сеуште има 10 години и сеуште живее со баба му, дедо му и вујко му, како што впрочем и сака. Вујко му му е и мајка, и татко, и брат, и сестра, и се на светот! Таткото не го бара, не се јавува, освен преку социјалните служби. Судска одлука за старател сеуште нема. А, детето сеуште плаче…

За ваквите случаи власта треба да има и слух, и вид, и чувство! Ваквите деца треба да бидат чувани, министерке Мила. Се надевам некој ќе ти го покаже писаниево и приказната ќе допре до тебе. Ова не е молба. Ова е твоја должност која треба да ја сработиш, средиш и дотераш. Затоа што ова е само еден 10 годишен живот кој на никого не згрешил, а сите го трауматизирале. Заштитете го детето!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.