Алдо Климан

За оние читатели на кои не им е позната латинската поговорка Deus ex machina (Бог од машина) само кратко ќе објаснам: кога во античкиот театар дејствието би се закомплицирало, одеднаш, одозгора, со посебна машина, на сцената се спуштал лик на „Бог”, внесувајќи некаква нагла, макар и сосема бесмислена драмска разврска. Во фигуративна смисла тој израз денес се користи тогаш кога во одредени, да речеме политички околности, се вмешува некој надворешен елемент за да „разреши” некоја сложена внатрешна ситуација, но тоа го прави сосема спротивно на логиката на нештата и спротивно на здравиот разум.

Ако, да речеме, во некоја таква театрална ситуација, на „големите играчи” нивното планирано „дејствие” во некоја земја им се закомплицира поради тамошниот претседател на државата – веднаш настапува Бог од машина и брзопотезно му го урива авионот, претседателот си загинува, и драмата „успешно” се разврзува натаму. Ако пак им стане пречка некој премиер, тогаш Бог од машина се појавува како некаков општествен тумор на правното ткиво во вид на Специјално јавно обвинителство, кое води дубиозен политички процес против тој премиер, а тој, за да не му се случи и нему ненадејно „да му падне авионот”, итно се евакуира во друга држава – и ете ти супер драмска, речиси филмска разврска.

И да не набројувам, сигурно и вие сте слушнале за такви ситуации во светот.

Е, така и македонскиот народ си го има својот Бог од машина / Deus Johannes Hahn ex machina, „надворешен”, „меѓународен” „елемент” што ги „решава” нашите македонски внатрешни проблеми и ситуации, сосема спротивно на секоја логика и спротивно на здравиот разум. Ако само нешто запне во Македонија – ете ти го „надворешениот меѓународен елемент” Бог Јоханес Хан од машина, а со него, се разбира, стасува и драмската разврска, и веднаш настапува голема национална катарза од која македонскиот народ полудува од среќа и нескриено воодушевување!

Кога, да речеме, – а на тоа сите живо се сеќаваме, нели, – по одржаните парламентарни избори во 2016 година се одвиваше вообичаениот демократски процес на давање или недавање мандат за премиер на македонската влада, (процес кој, например, некаде во исто време, во Германија, по одржаните парламентарни избори, траеше дури и повеќе од шест месеци, и едвај се состави влада), Бог Јоханес Хан од машина сакаше таа драмска разврска кај нас, тоа хистерично „свршување” на Хан да се случи итно, „час поскоро”, како што би рекол неговиот миленик Заев, па така, Бог како Бог, ќе си седнеше во авион од Брисел за Скопје, без воопшто некој да го повикал или да го прашал нешто, па дури и без вообичаеното најбанално усогласување на протоколот, и туку ќе ти се нацрташе на Водно да го тормози и да го уценува македонскиот претседател Иванов: „Дај му”, па „дај му мандат на Зоран Заев!” – „Вашата земја нема време за чекање! Треба што поскоро да влезете во ЕУ!” И, ете, најпосле сосема јасно се виде како стојат работите со „влегувањето”.

Недолго потоа, Бог Јоханес Хан од машина при шарено-големоалбанскиот државен удар во македонскиот Парламент само „твитна” и ни ја „поттурна демократијата кон напред” – и еве нѐ, по таа црна криминална драмска разврска, „поттурнати” сме многу, многу „напред”.

Кога пак македонскиот народ никако не сакаше да го прифати фашистичкиот капитулантски Преспански договор и да дозволи уличарски и криминални идиоти да му го менуваат историското име, најдлабоко впишано во неговата душа и во секој негов дамар и ќелија – ете ти го пак Бог Јоханес Хан од машина да му „твитне” на „нашиот народ” и да го предупреди со заканувачка разврска на драмското дејствие: „Или менување на името – или изолација!”

А кога македонскиот народ до коска го избојкотира бедниот, измамнички, велепредавнички заевски референдум – тогаш Бог Јоханес Хан од машина од европските чардаци со порака итна на Заев му „твитна”: ”Сега примени балкански методи!” И веднаш со „балканските методи” добивме супер „разврска” на драмското дејствие, со невидена, трагична национална жртва на крајот од криминалната претстава, и со нескриен восхит на пијаните будали.

И, еве, сега пак, во моментот на претсмртното политичко кркорење на Заев, кога македонското драмско трагично дејствие „неочекувано” повторно заглави во агонијата на рекетарскиот скандал, со ултра-криминални, мафијашки димензии, во самото „срце и душа” на инсталираниот евроатлантски трагичен театар во Република Македонија што се вика Специјално јавно обвинителство, и тоа токму со веле-примадоната на зрнце грашок Катица Јанева, со сета нејзина професионално извежбана и разработена „артистичка” трупа и многу надарени „режисери” – ете ти го пак Бог Јоханес Хан од машина : стасува во Скопје.

И бидејќи во литературата се дозволени и малку послободни уметнички изрази (licentia poetica), а овде станува збор за еден навистина трагичен театар од крим-жанрот, дозволете ми онака македонски, народски, и пак пристојно, да прашам:

„Што к.. бара Јоханес Хан сега во Македонија?”

Кој воопшто го викнал тој натрапник и наметник, или пак тоа е само она неизлечливо патолошко својство на еден болен бирократски евроартист и блефер што се соживеал со идиотската улога тука, во нашата татковина Република Македонија, доживотно да биде Deus ex machina?

Медиумите најавуваат дека Бог Јоханес Хан од машина во Скопје ќе имал одвоени разговори со квислингот Заев и со лидерот на опозицијата Мицкоски. Се разбира дека главна тема, завиткана во некои други, целофански формулации, треба да биде токму спасувањето на задникот на Заев и на неговата евроатлантска СЈО-банда од срамниот крим-полициски случај „Рекет”.

Длабоко сум уверен дека Христијан Мицкоски не е тој што го поканил предметниот Бог Јоханес Хан од машина на кафе, тулумби и на непотребен муабет, зашто сѐ е јасно како ден. Затоа, да сум на неговото место, „со убаво” би му рекол на Бог Јоханес Хан од машина дека „незакажниот состанок” со него нема да се одржи, да си се врати во Брисел, и оттаму да гледа како во сопствените лајна се дави ништителот на Република Македонија и на македонскиот народ, и притоа докажан криминалец Зоран Заев.

Знам дека тоа не звучи баш „реалполитички”, но затоа претставува цврст, непоколеблив став и храбро излегување на актуелното, сѐ повжештено политичко поприште во денес решавачката битка за Република Македонија.

Во овој клучен политички момент и во услови на вистинска и неповратна разврска на „криминалното драмското дејствие”, кога „артистите” од СЈО и од бурлескниот театар на заевскиот „правен систем” сосема си ги заборавија улогите заради кои се вклучени во ступидната евроатлантска претстава, и пред целата македонска и светска „публика” едноставно останаа без текст – само таква енергична разврска на оваа тешка национална драма е апсолутно логична, прифатлива и исцело наша, македонска.

Таа голема шанса за Мицкоски политички и државнички храбро да исчекори од сенката на меѓународно миноризиран челник на една „опасна” „националистичка” партија, и да се наметне како општонационален македонски лидер, му се укажува токму сега, во овој момент, и само еднаш. Нема после.

Секој негов евентуален разговор и договор на тема „СЈО” со Заев, со Бог Јоханес Хан од машина, со Филип Рикер, кој исто така наеднаш си се самонајави дека доаѓа во Скопје, па со безначајното, злобно европско ултра-бирократиште Жбогар, кој ни е веќе тука и дави ли, дави… ќе претставува само најнепожелен политички чин – т.е. ќе претставува, или барем ќе остави мачен впечаток на заедничко, компромисерско СДСМ–ВМРО-ДПМНЕовско спасување на бедната криминална кожа на Зоран Заев, кој, во тој случај, од пеколот во кој сега се вари, ќе излезе појак, „пурифициран” и „верифициран” од најважната опозициска македонска партија, и со право наоколу ќе си се расфрлува со својата божемна непобитна „инклузивност”, со своето „државничко лидерство” и со својата „политичка храброст” за „донесување важни одлуки”.

А всушност станува збор само за тоа Заев (читај неговите налогодаватели!) да смисли (веќе е смислено!) и, според својот велепредавнички урнек да направи (веќе е направено!), а Мицкоски, под патронатот на Бог Јоханес Хан од машина и другите инволвирани „меѓународни елементи” – само да го аминува Законот за јавно обвинителство.

Зошто е толку важен тој закон, кој треба божем консензуално да биде донесен во Парламентот?

Затоа што, доколку се усвои онака како што го „напишал” султанот Заев, тоа ќе биде последната шајка во мртовечкиот сандак на Република Македонија, како предуслов за (и натаму!) теоретско добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, но сериозно условувано и со сите оние подмолни грчки и бугарски „црвени линии” за кои деновиве читаме и слушаме на сите страни, а одден-наден ќе ги има сѐ повеќе и повеќе, и ќе бидат сѐ помачни, понепреодни и поодвратни.

Интересно е што токму во овие драматични моменти на коруптивни и криминални скандали во владеачкото милје во Македонија, од Европската комисија се јави и нејзината нова претседателка Урсула фон дер Лајен со совршено прецизно неодредена изјава дека таа е за проширување на ЕУ со земјите од тнр. Западен Балкан, но тогаш кога тие ќе ги исполнат сите услови. А кои се тие услови, освен оваа неприродна и неприфатлива политичка копулација меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на која се надева успешно да ѝ кумува Бог Јоханес Хан од машина, е, тоа прашајте ја Урсула и грчките и бугарските политичари и политичарчиња кои треба да им дадат зелено светло. За жал, тоа ќе биде кога на врба ќе роди грозје!

Во меѓувреме нашите домашни политичари, и особено провладините медиуми, не престануваат да ја преџвакуваат илузијата за божемното добивање датум во октомври годинава.

Што ќе се случи во октомври 2019 година?

Во октомври 2019 година ќе се случат две работи: 1. во Минхен ќе се одржи традиционалната забавна пивска манифестација Октоберфест и 2. Велика Британија дефинивно ќе си излезе од ЕУ, со или без договор, и ќе се спаси од ултра-бирократското евроунитарно лудило. Тие два настани за октомври се сосема сигурни и веќе се стокмени.

Онаа, пак, трета „возбудлива” работа која овде кај нас во октомври се очекува како небаре веќе нешто свршено – тоа едноставно нема да се случи: Република Македонија нема да добие датум за започнување на преговорите со ЕУ. Се разбира, сосема друга работа е тоа што, дури и да се случи такво чудо, самото „добивање датум” и така и така ништо не значи, или значи само – простете! – долгорочна, за Македонија повеќедецениска непредвидлива заебанција од сите видови. Турција има „добиено датум” уште пред триесетина години, но заради нејзината големина и нејзиното незаобиколно меѓународно воено-политичко и економско значење, „во ЕУ-чекалната” не можат баш толку да ја тормозат и да ѝ изнудуваат колку што тоа, како што веќе гледаме, можат да ни го прават нам, особено вака реално неподготвени на ниедно рамниште ни за pro forma почеток на таа интеграција.

Но, како и да е, од добивање датум во октомври нема ништо. Не само затоа што, освен организациските дубиози и сериозните отворени и сложени прашања внатре во ЕУ, на кои, впрочем, постојано предупредува и еден од најклучните лидери, Макрон, а и сите други тоа добро го знаат, и покрај медиумската евро-лакировка, насмеани лица, масонска заемна сплотеност, мачно салонско лигавење, јавно гушкање и бацување на тамошните „високи политичари” пред ТВ камерите и тн., токму во октомври се случува и последниот чин на излегувањето на Велика Британија од Унијата. И сега замислете си, во тој октомвриски европски хаос, само уште ваква Македонија, со сите свои комплесни проблеми и отворени прашања по општествената вертикала и хоризонтала, баш ѝ затребала на ЕУ.

Затоа би било коректно, а и крајно време е, нашите здодевни и лажни политички „елити”, претседателот на државата, „премиерот”, „министрите”, шефовите на партиите и  разни амбасадори и амбасадорчиња веќе еднаш да престанат (оние кои тоа го прават) да го спомнуваат октомви како можен датум за почеток на преговорите, како некое постојано поткревање на навивачката адреналинска ЕУ-возбуда на граѓаните. Но бидејќи ова последново тие секако нема да го сторат, тогаш ние самите мораме да престанеме толку сериозно да ги доживуваме, и да си гледаме на кој начин однатре, со силата на сопствениот хуманистички ентитет, со огромниот а неактивиран, или сосема умртвен потенцијал на нашата народна меѓучовечка солидарност и заемно согласје да си ја оправиме заедничката татковина и животот во неа. Нека прават што ќе прават. Има време и место кога и ние јасно ќе си го кажеме своето – на изборите!

За крај, еве, уште еднаш да го спомнам самоповиканиот во Скопје Бог Јоханес Хан од машина. Треба да се знае дека тој самозаљубен евро-бирократ штотуку едвај успеа да „помине” во својата австриска база како потенцијален повторен кандидат за комесар во ЕК, но „само како кандидат!”, зашто Европската комисија воопшто не мора кандидатурата да му ја прифати, иако тој секако многу би сакал по третиот сладок бирократски мандат врз туѓ грб, па и врз нашиот македонски, да си ја дочека политичката ЕУ-пензија. А згора на тоа, па дури и да му го продолжат статусот на комесар, веќе е сосема познато дека тој нема повторно да биде комесар за проширување. Затоа тоа што тој Бог Јоханес Хан од машина сега низ Скопје ќе го прави, тоа што ќе го зборува и што ќе им ветува на соговорниците има реална тежина само онолку колку што тие ќе му веруваат.

Она, пак, што тој Бог Јоханес Хан од машина не успеа да го научи во текот на својот апсолутно промашен и за односите помеѓу балканските земји трагично штетен мандат на евро-комесар за проширување, тоа е дека единствениот вистински Бог во својата држава, во својата татковина – е само народот. Во Република Македонија, тоа се нејзините македонски граѓани, а не некој си Бог Јоханес Хан од машина. Но, вистина е дека тоа и самите ние треба силно да си го освестиме како најважен момент на една вистинска демократија во изворната смисла на зборот, која толку многу ни е потребна, како лебот наш насушен.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.