Дијалог?! Доаѓа од грчкиот збор „διάλογος” (dialogos), што значи разговор меѓу две страни. Минимум две! Судејќи според потеклото на зборот, соседите би требало најубаво да знаат која е суштината на зборот „дијалог“?! Би требало!

За да не бидеме инфериорни ниту, пак, покуси во нашето познавање и примената на дијалогот како суштествена форма за надминување на меѓусебните недоразбирања, македонската влада или македонското МНР (сеедно), организираа настан насловен како „Преспа форум дијалог“. Веројатно целта на настанот беше да ги седне на иста маса  сите оние релевантни чинители кои го сочинуваат политичкиот мозаик на овие простори со цел да се разговара за евентуалните разлики кои што сеуште постојат. А секако дека постојат, без разлика што се евентуални.

И, што видовме на настанот?

Видовме настан кој речиси и да немаше сериозна најава, но затоа имаше пристојно  медиумско покривање и follow up од секоја сесија, небаре на собирот учествуваа шефови на држави и влади? Видовме дебата меѓу самите оние коишто учествуваа во составувањето и потпишувањето на Преспанскиот договор. Видовме учество на оние коишто даваа силна поддршка на овој проект и кои на извесен начин се негови спонзори и гаранти. Видовме говор без вообичаените дипломатски ракавици, исполнет со меѓусебни обвинувања за неисполнувања на обврски или изневерени очекувања. Видовме организација која изискува огромни финансиски сретства кои одат на грбот на македонските граѓани. Видовме дури и по некое каснување од кучиња скитници на учесниците на форумот во градот на UNESCO, Охрид. Многу што видовме, но не го видовме она за коешто беше организиран форумот! Не видовме дијалог!

Повеќе личеше на монолог, или во најдобар случај на некоја семејна расправија меѓу браќата во Пансионот Преспав, кои меѓусебно се обвинуваат за тоа кој повеќе придонесува на рушење на семејниот углед.

Го видовме и слушнавме грчкиот парламентарец Ципрас. Тој „на прва“ му порача на пријателот Заев дека Македонија треба да продолжи со имплементација на Преспанскиот договор преку промена на имињата на јавните субјекти и училишните учебници. Интересен начин на водење дијалог! Дијалог на ниво на диктат! Диктат за нешто коешто ниту е содржано во Преспанскиот договор ниту е во духот на добрососедските односи. Ако Заев беше „маж во сопствената куќа“, немаше да премолчи и да дозволи пријателот му Ципрас постфестум да биде потсетуван од релевантни „членови на семејството“ дека Грција има неисполнети обврски од Преспанскиот договор и дека истите треба да ги исполни. Некакви табли на грчките автопати. Крајно минорни и безначајни во споредба со обврските превземени и исполнети од наша страна. Дрскост, безобразлук и некултура е да се бара понатамошно проширување на Преспанскиот договор, за исполнување на дополнителни музички желби, без разлика што Заев исполнува и тоа што треба и тоа што не треба. Тоа е класична злоупотреба на настанот за внатрешно политички цели и борба за политички поени во сопствената земја.

Каде беше Мицотакис? Тој е премиер на Грција! Тој е адресата со која треба да се води коресподенција и дијалог. Зошто не дојде да се вмеша во „семејната расправија“ и да даде свој придонес, да побара ако има нешто за барање, но и да се обврзе на исполнување ако има нешто за исполнување?

Каде беа соседите? Особено оние од Бугарија кои во моментов претставуваат клучен партнер во секој дијалог поврзан со македонските евроинтеграции?! Имаа ли соодветна и уредна покана? Зошто претходно немаше никаква информација за нивно не/учество иако до пред еден месец Пендаровски и Радев летаа со авион. Разликите и несогласувања се презентираат и амортизираат, меѓу другото, и на вакови форуми. На форуми каде што учествуваат и оние релевантни играчи на светската политичка сцена, САД и ЕУ. Тука е местото да се изнесе проблемот, пред „поширокото семејство“ и заеднички да се решева.

На форумот ја немаше и македонската опозиција! Дали имаше уредна покана упатена до претставниците на опозицијата? Покана, како што доликува да биде упатена од еден сериозен домаќин, до гостин кој навистина сака да го види во „сопствената куќа“?! Покана која повеќе ќе зборува за демократскиот капацитет и политичката култура на домаќинот, отколку за гостинот, кој сепак има право да избере ќе учествува или не. Домаќинот е тој којшто одговара за формата на настанот и мора се да стори за секој од поканетите се чувствува добредојден и соодветно удостоен.

Отсуството на опозицијата како да беше посакувано. „Те канам, но би сакал да не дојдеш“. Крајно незрело и недржавничко однесување кое наликуваше на обид целокупното присуство на меѓународните претставници да биде ставено во функција на дневнополитички цели и злоупотребено за партиски цели.

Така и беше! Тоа е впечатокот! Форумот претставува класична злоупотреба на меѓународните партнери и пријатели на Македонија исклучиво за билдање на политички поени на една, евентуално две партии. И толку! Ништо повеќе! Отсуството на капацитет за водење вистински дијалог, независно од разликите во пристапот кон постигнувањето на истата цел, полноправното членство во ЕУ, е сериозна слабост на оваа власт. Таа е должна да создаде услови и демократски амбиент, а секое отсуство на дијалог паѓа на нејзина сметка.

Тоа беше шамар за САД и нејзините претставници. Шамар удрен од Заев. Шамар удрен од Грција и Бугарија поради неучеството на официјални претставници на грчката и бугарската влада. Шамар удрен од ЕУ, пред се поради нивото на учество, но уште повеќе поради недораснатоста да се сфати сериозноста на американските напори за решавање на крајно комплицираното прашање, македонското.

Мачно беше да се чита и слуша конфронтацијата на еден од американските претставници и претставникот на ЕУ, за нивните меѓусебно изневерени очекувања на Балканот. Мачно беше затоа што „стапот се скрши“ врз македонскиот грб. Мачно беше да се слуша мудрувањето на амбасадорот на Холандија, веројатно како претставник на ЕУ, кој криејќи се зад една темелна вредност, владеењето на правото, го правдаше „владеењето на силата“ како вредност која ЕУ мора да ја почитува. Ако се суди по ваквата изјава на еден дипломат од земја со огромна демократска традиција, Македонија се уште е далеку од „европските вредности“, но и Европа е далеку, и се подалеку, и уште подалеку од оние вредности за кои зборувавме пред дваесетина години!

Фрапантна и контрадикторна беше констатацијата на холандскиот амбасадор дека „ЕУ е таа којашто била оставена самата на себе да се справува со нередот којшто го оставиле комунистите во Европа“.

Комунисти како комунисти, прават неред, иако самите се длабоко уверени дека прават ред. Исто како што тоа го мисли и Заев. Но, некако доцна му текна на Холанѓанецот да ја изнесува валканата семејна долна облека на видело. Премногу е и ако е само „дијалог“ од една „семејна расправија“. Барем да беа потивки. Ќе не слушнат комшиите!

На крајот се поставува едно логично прашање на кое холанндскиот амбасадор би требало да го знае одговорот. Кој ли тоа ќе биде оставен сам на себе за да се справува со нередот којшто ќе го остават Заев и македонските комунисти по завршувањето на нивната диктатура, со кои ЕУ во моментов воспоставува ред во Македонија?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.