Павле Миков

Македонија повторно се наоѓа во еден момент на пресврт и избор: дали ќе продолжи со политики на имитација или ќе избере еден автентичен, свој, пат.
Според Џорџ Орвел, „сите револуции се неуспешни, но сите не се неуспешни на ист начин“. Шарената револуција на владеачката партија несомнено се покажа како еден огромен неуспех, дури трагедија. Ниту една друга инстанца на политичка (р)еволуција во поскорешната македонска историја не наликува ниту одблиску на “шарената;” секако не по својот импакт и по негативните последици.

СДСМ, со сите свои шаренила, во основа нема ниту ронка автентичност. Од почеток до крај таа партија и нејзината влада тежнеат кон, и спроведуваат политики на имитација. Имитацијата е нивна инспирација. Да биле како либералните партии на Европа. Само неколку дена пред изборите на 15ти јули, неопходно е електоратот во Македонија да разбере дека таквата имитација кон која СДСМ тежнее не е ниту возможна, ниту пожелна.

Не е возможна заради тоа што, како минимум, за да може да се поистовети со модерните либерални партии во Европа, СДСМ би морала да има барем една основна база на интелектуална поткованост и филозофска софистицираност во социјал-демократската идеологија и традиција. СДСМ тоа воопшто го нема.
Второ, по дефиниција, социјал-демократијата е филозофски систем и идеологија која се залага за политичка и економска демократија како и за социјална, политичка и економска сигурност, правда и еднаквост во едно општество. СДСМ и нејзината влада во последните скоро четири години се во дијаметрална спротивност во однос на сите овие аксиоми. Впрочем, тие:

  • со сила протуркаа нелегален и неуспешен референдум;
  • ги продадоа фундаменталните национални интереси, посебно името, историјата и јазикот;
  • му диригират на правниот и судски систем во Македонија како на оркестар;
  • стојат зад најголемите финансиски афери на Балканот, преку секвенци на рекети, и преку нивното СЈО како инструмент и имплемент на врвна корупција и скандал од милионски пропорции.

Кои од овие само неколку од многу подолгаta листа на точки се софпаѓа со идеалите и вредностите на социјал-демократијата? Ниту една! Дали Македонците и сите други кои живеат во Македонија би требало да им простат на СДСМ и пак да ги изгласаат на власт? Апсолутно не! Тоа би било во стил на камиказите и бескрајно неодговорно.

Како што реков погоре, политиката на имитација на СДСМ не само што не е возмозна, туку и не е пожелна. Посебно во сегашниот гео-политички момент и амбиент, во кој е евидентно враќањето на пре-еминентноста на националните интереси, во спротивност на регионални или глобални интереси.

Либерализмот е потполно дискредитиран и сведен е на една минискулна политичка непријатност (а камоли “политичка сила”) на Балканот, во Европа па и пошироко во светот. На Балканот, на пример, политичките партии кои се десно-од-центар доминантно владеат. Од Словенија, до Хрватска (каде либералната СДП беше катастрофално демолирана пред само неколку дена), до Србија (када СНС предводена од Александар Вучиќ ја претвори либералната опозиција практички во непостоечка), до соседната Грција. Истото треба да се случи и во Македонија. Не заради следење на некакви трендови, туку заради најзначајни и егзистенцијални причини.

Додека СДСМ се занесува со фатаморгани на Евро-атлантски интеграции и истросени политики на идентитет, по цена на константен петократен диктат од Грција, Бугарија, ЕУ, Америка и домашните Албанци, светот сведочи тектонски промени и реориентација првенствено кон основните вредности на внатрешни и национални интереси. Во контекст на рапидно слабење (дури и отфрлање) на целокупниот меѓународен либерален поредок, и во контекст на универзална пандемија која ги де-конструктуира глобалните економски системи и ланци на вредност и снабдување, конечните и врвни приоритети се повторно внатрешните и националните, наспроти меѓународните и глобаните.

Затоа, на 15ти јули, народот во Македонија треба да ја донесе исправната одлука заради своето добро и за доброто на своите деца. Имено, СДСМ треба да се отфрли со нејзините индулгенции, фатаморгани и корозивна токсичност и корупција. Оставете го СДСМ да игра оро во маѓепсан круг по музиката на Грција, Бугарија, ЕУ, Америка и нашите Албанци. ВМРО-ДПМНЕ е политичкото движење кое е компатибилно со огромните промени кои се случуваат на Балканот и во Европа, и што е поважно, ВМРО-ДПМНЕ ги има, вистински и искрено, доброто и иднината на Македонија и нејзините народи при срце и како највисоки вредности. За ВМРО-ДПМНЕ примарна е интонацијата на народот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.