И заболените од најтешки болести имаат многу поголема шанса да се излечат и да преживеат доколку веруваат во своето оздравување, одошто оние што сосема ѝ се предале на болеста.
Така е и со македонскиот народ. Поради страшниот заевски и меѓународен разјадувачки антимакедонски карцином, се чини дека мојот македонски народ сосема дигнал раце од себе си, од својот можен опоравок и целосно оздравување.
Па и неколкуте ретки, мошне храбри и достоинствени, слободномислечки македонски интелектуалци што им даваа силен јавен отпор на деструктивната заевска глупост, лудило и национален злостор, и укажуваа на неговиот безочен велепредавнички проект за етноцид врз македонскиот народ и разурнувачки атак врз нашата единствена татковина Македонија, сега, еве, еден по еден, полека стивнуваат, попаѓаат во скепса, во тешко разочарување од сите оние (те. од речиси целата македонска интелигенција) што можеа да сторат многу за на време да ѝ застанат на пат на малигната Болест на Заевштината во нејзиното наврапито, иако сосема очекувано и предвидливо надоаѓање, или барем да ја попречат во нејзиниот најагресивен развој и експанзија на нејзините подмолни метастази, во нејзиното опасно пламнување и стравотно брзо и целосно опожарување на сѐ што е наше, македонско; и кај тие наши првенци, за жал, полека исчезнува и последната надеж дека барем самиот македонски народ, иако изневерен од разни страни и длабоко разочаран и исплашен, ќе најде сили да се самоорганизира како толкупати во најтешките моменти од својата историја, и оти нема сосема да се предаде, да дигне раце од себе си, од целокупното свое пребогато и прераскошно национално културно-историско минато и наследство, и од својата иднина. Но се чини дека тоа самопредавање на смртната деструктивна болест дефинитивно се случува: македонските срца се скршени, очајот превладува, се гасне чувството и уверувањето дека отпорот е можен и оти воопшто има смисла.
Но, мили сестри и браќа, македонки и македонци, целта на суровите тирани и на незаситните грабежливци и освојувачи е токму тоа, со најприземни и најпримитивни, длабоко навредливи, нецивилизирани, нехумани методи на политичко и силеџиско, уличарско надвикување, со насилнички закани, уцени и физички напади, претепувања, со кривични обвиненија, политички судски процеси и затвори, со проверени методи на масовно осиромашување, со вештачки создадена економска зависност, со отпуштање од работа на сите неподобни и „одвишни“, и нивно мачно и бескрајно должничко ропство, апсолутно да ве понижат, да ве замолкнат, да ве згазнат и да ве потиснат до под земја, и крвнички да ви ја убијат и последната трошка на самодоверба и желба за живот, да ви ги поништат и погазат човечкото и националното достоинство и самопочитување, и во вас да го всадат најцрниот вирус на самопрезир и ропска понизност, и сосема да ви ја одземат секоја надеж и смисла.
Кренете глава! Сите ние сме деца од славното македонско колено! Но не онака како што циничните наши мрзители и воинствени поробувачи бедно го сведуваат тоа на неков си болен, задоцнет, романтичен национализам во денешново божемно „космополитско, граѓанско“ време, а всушност време на марсовци со испрани мозгови. Не!
Само погледнете во своите тивки души, и што ќе видите и што ќе чуете таму: благородно, топло македонско семејство, свртено кон својот дом и кон среќата на ближните; искрено и мирољубиво пријателство кон соседите, независно од сите постојни разлики; работливост, љубов, ведрина и песна; пред сѐ и над сѐ преубава и ненадминлива македонска народна песна и музика, родена во нашите старински, традиционални христијански домови, по нашите прекрасни села, по убавите високи чардаци, по убаво наредените наши македонски соби со минделаци, јамболии, мусандри и шише-тавани, крај нашите опеани чешми шарени, води студени, по сокаците на нашите преубави градови низ цела Македонија, и Вардарска, и Пиринска, и Егејска, и Мала Преспа и Голо Брдо, и Гора (што и да си мислат и да лаат глупаците и предавниците!), низ нашите раскошни кории и поли планински што го вдахновуваа старинскиот, неспитомлив македонски кавал да ја разлее сета своја длабока топлина и убавина низ целата околна природа, сѐ до првите куќи по селата, сѐ до нашите староградски предградија… ќе ги видите нашите достоинствени цркви со високи, горди, ѕвонливи камбанарии, и за радост и за тага, нашите чудесни манастири со сребрени кубиња под бескрајното оѕвездено небо, срцето и душата на македонскиот традиционален живот и култура, на нашите распеани и разиграни народни собори, но и на европското средновековно и подоцнежно фрескосликарство, ненадминливо во својата посебност и таинствена убавина, во која се вткаени изворните македонски амбиенти, но и ликовите на обичнот македонски човек од времето, живописи чии бои со длабока, света почит ги шепотат нежните нијанси на нашата македонска почва, на нашите родни ниви, лозја и градини, на нашата топла мајчинска македонска земја, што со векови нѐ раѓала, нѐ хранела, нѐ кревала на нозе, нѐ учела како да го сакаме секое човечко и секое друго божјо суштество, чудесните бои на топла кал по ненадејни есенски порои и на трепетливата летна прав по селските џадиња по кои под нашето широко македонско сонце цапале растрчаните ноџиња на децата од безбројните македонски поколенија.
Само послушнете, мили мои, во своите македонски души, во отчукувањето на своите македонски дамари, и јасно ќе ги чуете решителните, храбри чекори на нашите комити, на нашите славни војводи, нашите партизани, на нашиот обичен македонски човек, на нашите дедовци и татковци кои во најпресудните моменти од историјата, решавачки за судбината на својот македонски народ знаеја кај им е местото – во првите редови за одбрана на Татковината, зад пусиите карпести и камени, а кога за нив камен тешко се наоѓал, зад своите гуњи и грутки крвава земја, до сека бука комита, до сека вода војвода. Послушнете во себе, во најинтимниот дел на својата македонска душа, и ќе го чуете силното тропање на коњските копита на нашите славни комити и војводи на македонскиот побунет, кренат, вооружен и непокорен народ. Во секое наше и ваше срце, мил мој македонски народе, чука дел од тие храбри срца на нашите достоинствени предедовци, дедовци, татковци, од кои многумина и најдиректно, од поколение до поколение, до нас самите, до вчера, ни ги пренесуваа старинските аманети за чување на најважното богатство на македонскиот народ, по цена на животот и смртта – СЛОБОДАТА!
Затоа и денес, во предвечерјето на крајните велепредавнички потези, јасно и гласно ќе повториме дека никому, никому не му го даваме нашето – нашата Татковина Македонија!
И сега кога е најтешко и се чини сосема безнадежно, мораме да си дадеме нова сила, да веруваме во оздравувањето и повторно органско консолидирање на нашата нација!
Ништо, ништо не е готово! Велепредавството на една Црна Клика не е и не може да биде мерило за целиот македонски народ! Мораме со сите сили да се бориме против Болеста на Заевштината! Не ги признаваме и никогаш нема да ги признаеме насилно донесените закони и незаконски потпишаните капитулански меѓународни договори, и нема никогаш национално да го легализираме неизмерниот злостор што сегашнава ненародна, велепредавничка и големоалбанска квислиншка влада на Зоран Заев го изврши над македонскиот народ и над Република Македонија!
Ќе помине и ќе заврши и неговото, а од него на буништето на историјата засекогаш ќе остане само еден грд, свиткан и скршен ‘рбет на црн велепредавник.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.