Предраг Димитровски

Три дена заедно на пат или дај му некому три дена власт за да видиш каков човек е. Ова се две народни мудрости за да се оценат човечките, карактерните, моралните, етичките и редица други карактеристили на една личност. Иако, во општество со целосно изгубени вредности многу тешко е за некого да се каже дека е човек. Што би се рекло, многу луѓе, ама нема човек.

Пратеникот Павле Боговески беше две години на власт. И за тие две години, што е, нели, многу повеќе од три обични дена, „шарениот Че Гевара“ ни покажа колку е тенка линијата меѓу врвот и дното. А, за да биде човек, мора да е ист и на врвот и на дното. Или и на власт и во опозиција. За жал, не го покажа тоа, наспроти сите обиди на неговите блиски политички пријатели и истомисленици, па и лично неговите да се прикаже во светло на голема личност и човек. Не, напротив. Несудениот македонски Чеда Јовановиќ или „шарениот Че Гевара“ повеќе наликуваше на обичен политички насилник, кој е далеку од морал и етика и други човечки вредности.

Да биде иронијата уште поголема, тој последните денови од неговиот пратенички мандат ги претвори во отворено продавање курназлак. Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, курназ е именка од машки род, со значење на дрзок, надмен, итар човек или иронично, курназ е будала што се прави недоветен, а всушност е многу паметен.

Па така, Павле Богоевски го одложи закажувањето на седницата на Комисијата за деловничко и мандантно имунитетни прашања на која требаше да се расправа за одземањето на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски за неколку дена за да може да присуствува и учествува во работата на Комисијата за одбрана и безбедност. Демек, им дава предност на безбедносните реформи, па мандатот на Груевски доби второстепено значење.

А, што, всушност, со тој потег направи Богоевски и тоа во зенитот на актуелноста околу неговата набавка на психотропни супстанци, без разлика дали станува збор за масло од канабис или бел прашок, за негова лична или за употреба на негов близок роднина, за половинче, грамче или кубикче? Ништо друго освен директна поврзаност на законодавната власт со одредени криминални структури!!! Да, да, токму тие структури од кои Пајо набавувал тоа што набавувал.

И сега, курназлакот на Пајо треба да се претвори во лична жртва или во беспрекорно чист морал и етика!? Ааа, не, не, тој филм не може и не смее да се прикажува. Ќе беше тоа ако на ваков потег се одлучеше веднаш по неговата објава и отворено признание на фејсбук, по пријавувањето на настанот во полициска станица или, во крајна линија, тест на едно, само едно влакно од неговата коса. И тоа не во лабораторијата на МАНУ, зашто таму може некој чичо да одигра соодветна улога, туку во лабораторија во Швајцарија каде се прават најверодостојните антидопинг тестови на врвните спортисти. Само тогаш ќе беше голем, гооолем ЧОВЕК! Вака останува само обичен шарен шибицер. Павле ми пие, Павле ми шмрка…вода од Вардарот!

Колумна за ПресингТВ

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.