Д-р Ристо Симеонов

Замислете иднина каде можете да добиете квалитетна здравствена услуга. Иднина каде можете да изберете најдобра институција за операција, терапија, преглед или снимање. Ова денеска личи дека не е возможно во нашата држава. Но, за тоа да биде реалност мора да постои соработка меѓу приватниот и државниот сектор, односно примена на државно-приватно партнерство.

Ова подразбира брак на два различни но сродни системи. Државниот сектор кој создава нов здравствен кадар и се грижи за здравјето на целата популација е во катастрофална состојба. Во него со години се инвестира премалку. Демотивирани лекари и сестри, преполнета администрација, стари згради, бедна организација, опрема и недостаток на лекови се за жал нашето секојдневие. Како контраст на оваа слика приватното здравство, каде од самиот влез ја чувствувате разликата. Ново, чисто и квалитетно. Кој човек со самопочит би се одлучил да чека во државните институции кога би можеле да си дозволи да биде лекуван тука?

Токму поради тоа фондот за здравствено осигурување треба да му овозможи на секој свој осигуреник да се лекува каде сака, независно дали тоа е приватна или државна институција. Односно, ФЗО да плаќа според својот ценовник на секоја институција каде пациентот ќе избере да се лекува. Независно дали тоа е операција, друга интервенција, преглед, рехабилитација или примена на лекови. Изборот е на граѓанинот, на осигуреникот…на пациентот. Аргументите за ваков чекор се јасни.

Прво, слободата на личен избор.

Второ, создавање на здрава конкуренција меѓу болниците. Во отворен систем, се овозможува натпревар меѓу болниците во овозможување на што поквалитетни здравствени услуги. Натпревар во што подобар исход од лекувањето, подобра нега, почисти болници, помодерни техники на работа и примена на модерни и ефикасни лекови, како и понапредна опрема. Атмосфера во која вирее напредокот.

Трето, задржување на квалитетот во нашата држава. Светот е сѐ помал, a можностите сѐ поголеми. Емиграцијата од Македонија е страотна и ова се однесува во голема мерка на здравствените работници. Сѐ поголем број на млади лекари и медицински персонал со погледите се насочени надвор од нашата држава. Со овој план за јавно-приватно партнерство, младите ќе имаат значително поголема перспектива. Едукација со најдобрите лекари во државата. Работа во најдобрите болници. Перспектива за квалитетна работа и квалитетен живот. Ќе можеме да вратиме дел од нашите колеги кои живеат и работат во странство, збогатувајќи го нашето здравство со нивното искуство и знаење.

Лекарите ќе можат да работат во подобри услови, со подобра перспектива, во компетитивна атмосфера која создава напредок и резултат од тоа се здрави и среќни пациенти. Ќе добиеме здравство кое го почитува граѓанинот. Ве почитува вас. Вашиот избор. За преглед, операција, терапија, породување, снимање или примање на лекови, Вие одлучувате.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.