Петар Поп Арсов

„Првокласниот лидер избира првокласни соработници! Второкласниот лидер избира третокласни соработници!“

Негативната селекција е тука, околу нас. Во многу сфери од општеството. Во политиката, судството, администрацијата, бизнисот.

Интересна е онаа во политиката. Од таму почнува сè.

Негативната селекција во политиката е појава карактеристична за структури и системи со ригидна хиерархиска поставеност, авторитарни режими и диктатури.

Звучи познато! Како да живееме во тој филм со години наназад!

Лицето кое што го запоседнало  врвот на такватаа хиерархија ги избира своите соработници применувајќи го принципот „колку полошо, толку подобро“. Неспособните напред, останатите стој! Тие не смеат да бидат доволно компетентни и компетитивни за да го загрозат и отстранат од власт.

И така од врвот до дното!

Подредените го имитираат својот водач. Тие го прават истото со оние под нив во хиерархијата, а хиерархијата постепено се исполнува со повеќе и повеќе неспособни луѓе.

Верижна реакција за која нема лек во ваквите системи!

Ако диктаторот забележи дека постои било каква закана, тој ќе ги отстрани сите оние кои што ја загрозуваат неговата позиција.

Чистка! Прочистување на хиерархијата! Прв бран, втор бран, метла!

Испразнетите позиции во хиерархијата се пополнуваат со луѓе одоздола, оние кои биле помалку компетентни од нивните претходни шефови.

Со текот на времето, хиерархијата станува сè помалку и помалку ефикасна. Ако диктаторот биде отстранет на некој начин, природен или насилен, тоа што останува е крајно неефикасна хиерархија на организацијата, компанијата или државата која што ја водел.

„После мене потоп“, што би рекол Луј XV!

Многу се пишуваше за оваа појава пред 4-5 години. Навистина многу! Негативната селекција во политиката беше една од омилените теми на борците против авторитарните режими и диктатурата. Инфлација на анализи и експликации за разорното дејство на оваа појава. Не велам дека не биле во право! Напротив!

И одеднаш молк! Се е позитивно?! Се функционира на идеален начин?!

Секако дека не!

Интелектуалните клиентелисти од тоа време ја исполнија својата мисија во полза на новиот шеф, придонесувајќи за воспоставување на уште поригидна хиерархија со диктаторски манири.

Сега нема негативна селекција?! Се е добро!? Држават цвета, а „најдобрите“ успешно ја водат Македонија низ сите процеси!? Сега воопшто не им пречи „негативната селекција од горе, која што ја прават властодршците применувајќи коруптивни и насилни методи при поставувањето потпросечни послушници без интегритет  во сите институции и организации“. Не им пречи ниту „негативната селекција од долу, која што ја прави народот со испран мозок, гласајќи за некомпетентни и неморални политичари“.

Текстови кои го анализираат поимот „негативна селекција во политиката“ на интернет можат да се најдат речиси исклучиво на некој од балканските јазици, македонски, српски, хрватски итн. На англиски или некој друг јазик што се говори во земјите од развиените демократии, терминот „негативна селекција“ речиси и да не може да се сретне, освен во текстови кои се однесуваат на природната селекција или негативната селекција во имунолошкиот систем на човекот, на пример.

Навистина интересна тема за анализа, зошто токму нашиот регион ја препознава оваа појава како ендемски вид кој што постои на овие простори?!

Негативната селекција во природата, или како што се нарекува со друго име „природна селекција“, има за цел да ги елиминира слабостите и недостатоците во полза на позитивни карактеристики. Всушност тоа и не е некаква негативна селкција како што се нарекува, туку напротив, изгледа сосема позитивно.

Едноставно и логично!

Постоењето селекција во моментно мегапопоуларната имунологијата е од исклучително значење за нашето преживување, особено во времиња како ова во кое што живееме денес. Сите сме насочени кон зајакнување на сопствениот имунолошки систем, кој за среќа има изградено систем да го штити нашето здравје и живот.

Тука постојат две селекции, позитивна и негативна. Позитивната има за цел да ги одбере најдобрите и најспособните имуно клетки, оние кои ќе претставуваат одбранбен механизам од патогените вирусите и бактериите. Тоа се имунолошките клетки кои знаат да го препознаат натрапникот во нашиот организам и прецизно да се насочат само кон негово уништување, оставајќи ги останатите ткива од нашиот организмот здрави, неоштетени и заштитени.

Од друга страна, негативната селекција има за цел, уште во рана фаза на формирање на клетките од имунолошкиот систем, да ги елиминира оние „недозреаните и неспособните“ да го препознаваат и разликуваат непријателот од сопственото ткиво. Да ги елиминира оние кои „како без мозок“ тргаат во акција и слепо ги извршуваат „наредбите на шефот“, уништувајќи се пред себе, и болно и здраво, заразено и не заразено, загрозувајќи го животот на организмот во кој што функционираат. Негативната селекција не дозволува организмот да се убие самиот себе.

Така е во човековата биологија!

Како е во човековото општество?

По се изгледа сосема спротивно од природните закономерности!

Негативната селекција, како еден од темелните механизми на корупцијата, е причината поради која пропаѓа Римското царство. Најмоќната империја во човековата историја. Пропаѓа токму под налетот на негативната селекција која завладеала во последниот период од неговото постоење, во времето на последниот римски цар, Ромул Аугустул. Малолетен и недораснат, поставен уште од детска возраст на таа позиција како и многу други негови претходници кои претставуваат егземплар на негативната селекција, бил лесна жртва на манипулативните клиентелисти кои го опкружувале. Пропаста била неизбежна.

Првиот познат пример на негативна селекција опишан во Библијата, кој исто така е производ на манипулација, е Христовото распетие. Овој пат во прашање е манипулација  од страна на „интелектуалните клиентелисти“ врз пошироките народни маси или како што би рекле нашите подзаспани аналитичари, „негативна селекција од долу“. Се работи за добро познатото „гласањето“ на изманипулираниот народ од тогашните свештеници, кој побарал од Понтиј Пилат да го поштеди животот на убиецот Варава, а да го погуби Исус од Назарет.

Да, Исус Христос е распнат со „демократска одлука“ и „мнозинство гласови“!

Парадоксот на глупоста

За негативната селекција и клиентелизмот во бизнисот од денешно време говори истражувањето на професорите Андре Спајс и Матс Алвесон во нивната книга „Парадоксот на глупоста“.

Тие дошле до заклучок дека од младите и образовани луѓе не се очекува да го користат својот интелект и да решаваат проблеми туку да извршуваат рутински задачи по однапред зацртана шема со целосно „исклучен мозок“. Тоа е формулата на успехот и напредокот во кариерата.

“Бевме изненадени од тоа колку малку време е потребно паметните луѓе да се вклопат во колективните глупости и да бидат наградени за тоа. Следењето на правилата без никакво размислување, иако тие беа целосно контрапродуктивни, значеше дека нивните шефови ќе ги остават ваквите професионалци на мира. Шефовите ги игнорираат реалните и видливи проблеми. Таквото однесување „без мозок“ им донесе големи придобивки на поединците, но многу ги чинеше компаниите.“

Каква е состојбата во Македонија? Каква е состојбата во трите столба на власта дефинирани во македонскиот систем на владеење, законодавната, извршната и судската власт? Каква е состојбата во образованието, науката, здравството, културата, спортот, медиумите итн.?

Која од која „подобра“!

Македонија изобилува со паметни и креативни поединци. Но, вртлогот на клиентелизмот и негативната селекција ги има опфатено сите сегменти од македонскиот општествен систем, по вертикала и по хоризонтала. Клиентелизмот и негативната селекција царуваат и со запрепастувачка брзина и леснотија ги трансформираат и најпаметните меѓу нас во обични марионети и уживатели на бенефитите кои што со себе ги носи власта, каква и да е. Опасноста од негативна селекција и елиминација ја гуши и дестимулира слободата во изразувањето на сопствените политички или професионални размислувања, ставови и одлуки, дури и на најхрабрите поединци. Тие преку самоцензура свесно се откажуваат од сопствената храброст, креативност и интелектуален придонес со цел да се вклопат во просекот како докажана формула за успех и понатамошен напредок. Но, тоа е туѓ терен за нив на кој со сигурност ги очекува пораз и елиминација од мнозинството просечни медиокритети кои доминираат во „овој спорт“, независно од краткотрајниот прогрес и бенефит кој ќе го имаат во меѓувреме. Амбицијата за успех во кариерата по секоја цена и подготвеноста за беспоговорно извршување на авторитарните желби на шефот ги уништува сите нивни позитивни карактеристики претворајќи ги во обични клиентелисти, самоиницијативно негативно селектирани. Токму тие, најпаметните и најспособните меѓу нас, кои свесно избрале да се вклопат во просекот, ја заокружуваат рамката на сликата за нашето општество, клиентелистичко, медиокритетско и негативно селектирано кое се разјадува од внатре.

Но, тоа не е проблем на поединци. Тие самите не можат ништо да сторат, макар постапувале најсовесно, најетички, најпрофесионално и без никаков страв од гневот на диктаторот. Тоа е системски проблем на нашето општество во кој сме навлезени како во жив песок.

Како понатаму?

Има ли решение?

Од каде да се започне?

Процесот ќе биде долг и макотрпен, но како што велат „И најдолгиот пат започнува со првиот чекор!“.

Каде и кој е првиот чекор?

Веројатно онаму каде што извира легитимитетот на сите лостови на политичкиот и општествениот поредок во Македонија, Македонското Собрание.

За почеток да ги избереме најдобрите меѓу нас, напуштајќи го актуелниот изборен модел кој е најголемиот стимулатор на негативна селекција. Дали ќе прифатиме мнозински изборен модел, како што бара опозицијата, или отворени листи, како што бара актуелната власт, воопшто не е важно. Важно е дефинитивно да се напушти актуелниот модел кој од циклус во циклус продуцира се поголема и поголема негативна селекција.

Не можам да го разберам конфликтот меѓу власта и опозицијата, кога едните се против мнозинскиот, а другите против моделот на отворени листи. Во основа и двата модела претставуваат чекор напред, фаворизирање на позитивната селекција и излегување од вртлогот на негативната селекција.

Само треба да се договорат! Да се договорат и да го повлечат првиот чекор започнувајќи го долгиот пат на прекинување на процесот на самоуништување на македонското општество.

Но, првин добро нека да го проучат механизмот на функционирање на сопствениот имунолошки систем за да сфатат дека негативната селекција се применува исклучиво кон оние кои свесно или несвесно го разјадуваат сопствениот организам.

Природата нашла решение, само треба да го примениме во општеството!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.