Синиша Ивановски

Присутноста на Ковид-19 и паниката која ја носи со себе се погубни за многу сегменти и сектори од економијата. И за жал ставени се на колена. Едноставно некои гранки на економијата не можат да функционираат и да придонесуваат кон подобра општа економска состојба колку и тоа да го посакуваат. Како еден пример ќе го спомнам туризмот. Но има и гранки чии капацитети државата може подобро да ги искористи и да ги држи колку – толку на здрави нозе но тоа не се случува. Зошто ? Затоа што имаме оправдување за немањето на иницијатива и немање одговорност за јавната функција која ја извршуваат именуваните и избраните лица од сферата на градежништвото, како и градоначалниците на општините. Неработењето го затскриваат зад пандемијата. И одлично им доаѓа, одмор сред градежна сезона. Често ја споменувам девизата дека кој сака да работи – работи, кој не сака да работи наоѓа причина и лично оправдување да не работи. А причини и оправдуавања за неработење и неуспех секогаш има.


Во услови на скоро празни улици и дневни температури од околу 15 до 20 степени имаме идеални услови општините да се фатат за работа и да почнат да ги реализираат своите проекти.

Сведоци сме дека улиците низ општините се во ужасно лоша состојба. Дупки во изобилие, пропаднати шахти, неконктролирани прекопи за приклочоци за атмосферски канализации кои се пропаднати по 10-15 цм. Неодамна општините примија солидна финансиска помош од централната власт и немаат пречки за да го подобрат квалитетот на животот но и да се вбризгаат средства во економијата. Се разбира дека не ја занемарувам сериозноста на пандемијата која не демне но градежните работи барем за овие мали општински улици се одвиваат 95% со механизација која е управувана од еден човек по машина. На крајот на денот со добра организација и дисциплина кон препораките на здравствените центри може оперативата на градежништвото скоро непречено да функционира.

Градежниот сектор, барем оној дел во кој државата се јавува како инвеститор треба да биде носител на економијата во овие тешки времиња. Но тоа не се случува.

Ќе го спомнам и главниот град. Кога последен пат сте виделе екипи за санација на ударни дупки по главните градски улици и булевари? Кога сте виделе машини за гребење на асфалт со цел санација на ударни дупки? Прашина и земја по улиците имаме како да живееме во град на пустина. Притоа оваа зима имавме целосно промашено зимско одржување на улиците во Скопје, наместо да се затвараат ударни дупки со ладна асфалтна маса, граѓаните ги вежбаа своите рефлекси избегнувајќи ги дупките и пропаднатите шахти кои исто така не се одржуваат и подигнуваат на ниво со асфалтот. И сега кога имаме ситуација на незавидна состојба на инфраструктурата во цела Македонија еве им шанса на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов како и на останатите градоначалници да сработат конечно нешто во интерес на граѓаните. Од една страна да санираат ударни дупки и пропаднати делови на коловоз колку што се може повеќе, од друга страна да реконструираат целосно нови улици и булевари. Или тоа сепак ќе го прават кога ќе заврши пандемијата и повторно ќе имаме гужви и застои?

За жал, скоро неизбежно е главниот туристички центар Охрид да има многу слаба туристичка сезона и наместо државата да даде свој допринос и да се впрегнат за работа побрзо да се заврши автопатот од Кичево кон Охрид, на терен можеме да видиме некои активности околу изградбата на мостовите и повремено некоја машина на самата траса. Во наредни 5 години нема да биде изграден овој автопат со ова темпо како што го градат од СДСМ. Да не заборавиме дека изминативе 3 години прогресот кој го направија е скоро и незабележителен. Треба да им е јасно на СДСМ дека вака не им се помага на туристичките центри. На фејсбук профилот на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески можеме да забележиме објави кои се карактеристични за ресорот здравство или дипломатија но не и за тоа што му е примарна работа – да ја обновува и гради инсфраструктурата, поготово во овие кризни периоди кога знаеме дека градежништвото е гранка која поврзува и помага најмногу сегменти од економијата.

Но сепак СДСМ бираат да го преспијат и овој кризен период за Македонија. Покрај тоа што сетот мерки кои ги предлагаат на граѓаните и стопанството им се сериозно критикувани од искусни и стручни лица како и пошироката јавност, тие и во сегментите кај што можат да и помогнат на економијата не се на висина на задачата. Затоа сите да се надеваме дека што поскоро ќе заврши пандемијата и штетите по здравјето на граѓаните ќе се што е можно помали. Исто така што поскоро заврши пандемијата на Ковид-19 тоа и подобро за економијата. После овој период следуваат парламентарни избори на кој граѓаните ќе кажат “не” на оваа непрофесионална и неодговорна влада.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.