Весна Јаневска

Темата се врти меѓу населението веќе 10 месеци и никако да стивне ни на медиумите. На моменти дури и здосадува и секако ја одржува само стравот на оние кои веруваат и ноншалантноста на оние кои не веруваат. Зборувам за епидемијата се разбира.

Кога човек ќе престане да ги слуша сите медиуми и чудните муабети на луѓето од својата околина базирани на тезата „Знам јас, прочитав на портал и слушнав од комшивката“ остануваат бројките, над 1000 инфицирани и дневно двоцифрени бројки на мртви. Починал 27-годишен маж. Најверојатно затоа што имал „бројни коморбидитети и секако прекумерна тежина“.

Министерот продолжува со градење на добри релации со јавноста и сè почесто се крие зад претседателот на Комисијата за заразни болести. Тој пак со денови објаснува како бил стручен, чесен, некорумпиран, имал мал стан, имал стара кола, немал корист од работата во комисијата и бил нејзин член и со СДСМ и со ВМРО. Небаре мене било што од сето тоа што го кажува ме интересира, освен стручноста. Во врска со стручноста пак и неговата беспоштедна борба со епидемијата, јас единствено знам дека дневно ни умираат и по дваесет и два, еден од моите најдобри пријатели се бори за воздух во болница и дека мерките кои ги предлага тој со Владата не даваат резултат, барем до сега, не. Мерката за носење маска и надвор на отворено веројатно е резултат на неговото војничко минато, како што тој сам се пофали, најверојатно базирана на тезата „ако неќеш милом, мораш силом“.

Додека слушаме за стотици изречени казни во еден ден за неносење маска на отворено, во кафеани, особено во оние кои на своја рака ги симнуваат пломбите (како што се објавува на медиумите), маска не мора да се носи ни кога посетителите седат збиени и стиснати еден до друг.

Сеедно, додека директорот на Струмичата болница моли за донации на интернет, Владата во 3 години има потрошено средства, за нови службени коли, најмалку за петнаесеттина болнички возила и сега по 10 месеци пандемија и постојано повторување дека на есен следи втор бран од пандемијата секаде во Светот, па и кај нас, Владата ќе набави болничко возило во период од 2 месеци за блницата во Струмица.

Што е тоа што ни се случува? Што правеа 10 месеци?

Да биде несреќата поголема слушаме дека додека се болува, осиромашува и додека се умира се делат некакви тендери на татковци и други членови на семејствата. Се делат и средства за тренинг на магариња и коњи.

Право да Ви кажам, во право биле и не знам што ѝ се окомиле на кутрана жена. Не знам само дали треба да се чувствувам како магаре или коњ (по сè ова што се случува), ама нема дилема, ме тренираат секојдневно.

Не се предавам и не прифаќам!!!

За сите Вас кои ќе почнете да ми објаснувате дека секаде во светот е исто како кај нас и ќе почнете да нè споредувате со Италија, Франција и сите други земји кои страдаат од епидемијата, Ви велам дека не сте во право. Таму барем си ги почитуваат граѓаните и не ги тренираат. Таму транспрентно им објаснуваат што ги чека, во каква состојба е здравствениот систем, како се одвива образованието, каква е економијата, како да се заштитат.

Кај нас е сè под контрола, а не е, здравствениот систем кој реално е во распад бил во одлична состојба, имаме доволно кадар, а немаме, набавени се тестови, само ние нешто не разбираме. Да, набавиле тестови, ама ние сами треба да ги платиме, без оглед на тоа што се отпуштаат работници, се намалуваат плати, се купуваат компјутери за децата ученици, паметни телефони, се плаќаат дадилки да чуваат деца откако ќе завршат на училиште, затоа што продолжен престој нема (во ред, некаде има, ама нема секаде), се плаќаат асистенти за децата со попреченост за барем малку да се спречи нивната регресија, зошто државата ги заборавила.

Замислете како врв на грижата за учениците во државава во некои општини деновиве им се делеле униформи на учениците од четврто до деветто одделение, на оние кои учат од дома. Зошто? Нема да ги облечат и ќе ги одраснат.

Уште нешто не прифаќам. Сите им се криви, само тие не. Крива е опозицијата, крив е вирусот, крив е народот, ама тие не.

Чувајте се, вториот бран не го достигнал пикот!

П.С. Друга тема. Му благодарам на Гералд Кнаус, од него добив потврда дека не сум полудела, иако други ме убедуваа дека не сум во право, дека сум ретроградна и заостаната, па почнав да се прашувам да не се во право. Не биле!!!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.