Павле Миков

Еден ден по Европскиот Совет, на Твитер ги читав коментарите на Жерар Аро, поранешниот француски амбасадор во САД и во Обединетите Нации тука во Њујорк. На времето тесно соработував со амбасадорот Аро на повеќе прашања поврзани со агендата на Советот за безбедност на ОН. Не можев а да не се согласам со него за конзистентноста на француската политика по прашањето на проширувањето на Европската Унија. Исто така не можам а да не бидам зачуден како македонските политичари можеа да бидат толку кратковиди и да не сфатат што се случува.

Францускиот претседател Макрон беше напаѓан и критикуван од многумина поради неговото „нон“ за Албанија и за Република Македонија кои сакаа да ги почнат преговорите за членство во Европската Унија, и евентуално да станат полноправни членки.

Но, сепак би требале да го оставиме на мир претседателот Макрон! Зошто? Затоа што тврдењето дека Македонија ги исполнила своите обврски и, оттаму, треба да биде наградена, е во голема мерка лажно. Факт е дека, за жал, под Владата и премиерот Зоран Заев Македонија е држава без углед и без перспектива, која се карактеризира со феномените наречени „Боки 13 – Катица Јанева – ПЛУС“ и целосниот колапс на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО) – институција која беше создадена на барање на ЕУ, но постапуваше крајно еднострано и тенденциозно за на крај да се утврди дека била исповрзaна со криминал и корупција кои потекнуваат од самиот врв на Владата.

Зошто тогаш самопрогласените господари на македонскиот Универзум – Зоран Заев, Никола Димитров, Бујар Османи и Радмила Шекеринска – тврдеа со комично високо ниво на самодоверба (или барем така глумат пред јавноста) и очекуваа дека Макрон и другите европски лидери ќе им дадат датум за преговори, и покрај скандалот „Боки 13 – Катица Јанева – ПЛУС) се случи буквално на пет минути до полноќ? Има ли крај нивната наивност, апсурдност и себе-заслепувачко незнаење?

Второ, и уште поважно, наводните „успеси“ на Владата на Македонија, кои наводно ги препознале сите во Европа освен Макрон, и требало да бидат пофалени од сите и наградени, се всушност работи кои беа издејствувани нелегални или нелегитимни начини. Да наведеме само четири од нив:

  • Крајно чудното, изнасилено и неконвенционално инсталирање на актуелниот „Претседател“ на Собранието на Македонија,
  • Несомнено неуспешниот и илегален референдум,
  • Капитулацијата, па дури и нашето отчовечување со Преспанскиот договор,
  • Неодамнешното надмено отфрлање на ставовите на угледната Венецијанска комисија на Советот на Европа која изнесе пресуда со која го поништи законот за употреба на албанскиот јазик во Македонија како спротивен на правото.

Овие и уште многу постапки кои ги посведочивме во мандатот на актуелната Влада предводена од Зоран Заев, во текот на изминатите три години, не се „успеси“ кои треба да се наградат, драги европски пријатели. Тие се постапки кои нашата сакана Европа, како темел и светилник на демократијата, треба едногласно да ги осуди и да ги корегира. Овие постапки доведоа до целосно понижување, непочитување и дехуманизирање на Македонија и нејзиниот народ. За овие постапки, во најмала рака, треба да дојде до итна оставка на Зоран Заев, како и оставки на триото околу него – Димитров, Османи, Шекеринска. Овие постапки бараат актуелната Влада да биде разрешена, итно изложена на детална и непопречувана истрага за нивното национално, политичко, дипломатско и економско предавство на македонскиот народ, неговото достоинство, добросостојба и идните перспективи на земјата.

Да бидам целосно искрен, јас не сум член на СДСМ (или на било која друга партија) но го поддржував менувањето на власта пред три години. Иако не бев целосно убеден дека Зоран Заев и неговиот тим се способни да го остварат тоа, бев подготвен да им верувам. Но, откако видов што Зоран Заев и дружината сторија на власт, со неуспешниот референдум кој и го натурија на земјата „без пардон“ и со кршењето на волјата на граѓаните и гласачите, тоа беше крајот на мојата поддршка. Сметам дека буквално се што Зоран Заев и Владата сторија оттогаш е погрешно и деструктивно. Тие се неспособни, арогантни и извор на понижување за земјата.

Оттаму, треба да го оставиме на раат претседателот Макрон! Дури, и да му се заблагодариме од се срце што им помогна на жителите на Македонија, независно од нивната етничка припадност, конечно да го видат „слонот во собата“ и, да се надеваме, да почнат да се справуваат со тоа што ни е очигледно на сите.

Повикот на предвремени избори на Зоран Заев не е доволен, ниту импресивен. Особено бидејќи ни е веќе јасно на сите дека ги бара изборите не затоа што тој или тие околу него во неговата СДСМ партија чувствуваат жалење за долгата серија грешки и порази, туку затоа што калкулантски сметаат дека ќе можат да играат на картата на „жртва“ на странскиот фактор на изборите и така да се надеваат на победа. Но, се надевам дека граѓаните на Македонија ќе го прочитаат овој обид, и ќе ја казнат корумпираноста, криминалот и неспособноста на Заев, Османи, Димитров, Шекеринска и другите, и ќе гласаат за смена на Влада и протерување на овој квартет и нивните послушници.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.