Иван Бродиќ

Ја пишувам мојата прва колумна за македонските медиуми со едно око следејќи ја состојбата во таа земја. Работите не се сјајни – поради договорите кои Зоран Заев ги потпиша вие сега имате проблеми со дефинирањето на нацијата, со помирувањето со Албанците како конститутивен народ. Тоа беше кревко решение кое Борис Трајковски го проектираше по албанскиот бунт и војната во 2001 година, а кое беше нарушено на минатите избори со Тиранската платформа. Воените злосторства од таа војна се уште чекаат да бидат процесирани.

Во Хрватска, пак, секој осми месец избива комуникациска војна меѓу српските и хрватските власти околу карактерот на хрватската ослободителна акција Бура, во која годинава се ангажираа лица и внатре во Хрватска.

Деновиве се одбележуваат 25 години од воено-полициската акција со која Хрватска ја врати под својот уставен и правен поредок територијата која беше дел од нашите меѓународно признати граници и состојбата кај нас е прилично поинаква. Хрватска овие денови врти нова страница во својот политички живот, се надеваме на долг рок.

Воведот во минатата недела беа расправиите дали претставниците на Србите во Хрватска, кои имаат тројца загарантирани пратеници во Собранието (од 151 пратеник), а од оваа година имаат и потпретседател во штотуку формираната Влада, треба да учествуваат во одбележувањето на годишнината од Бура, која во Хрватска се слави како Ден на ослободувањето и на благодарност кон татковината. Една од српските пратенички во Саборот, Ања Шимпрага, по тој повод одржа емотивен говор.

Таа објасни дека била дел од егзодусот на српското население по Бура, кога десетици илјади луѓе се исселија, стравувајќи дека ќе бидат цел на одмазда од ослободителите, и побегнаа кон Србија и Република Српска во Босна и Херцеговина. Шимпрага разбирливо ги претстави емоциите кои ги чувствувала како дете – бегалец.

Да ги тргнеме настрана прилично грдите реакции на некои претставници на крајната десница на овој говор, но и разбирливите чувства на дете кое било погодено од воените настани, нејзиниот говор беше проблематичен од неколку аспекти.

Сакајќи да повика да се свртиме кон иднината, госпоѓа Шимпрага не најде за потребно да укаже на два факти. Првата, дека на ослободителната акција Бура (како и на акцијата Блесок) и претходеше бунт на српскиот дел од населението против меѓународно признатата Република Хрватска, како и интервенција, односно воена агресија на остатоците од Југословенската народна армија (во голема мерка исчистена од несрпските и нецрногорските елементи). Таа агресија формално правно траеше од 1991 до 1995 година, и за последица го имаше етничкото чистење на градот Книн од несрпското население, падот на Вуковар и геноцид врз неговото несрпско население, освојувањето на Шкабрња и многу други места. Девојчињата кои беа протерани оттаму не беа повикани да зборуваат во хрватското собрание.

Но уште поважно, посуштински, рационално, и помалку емотивно, во целата приказна е тоа што госпоѓа Шимпрага е легитимно избрана пратеничка на српскиот народ во хрватскиот парламент, која израснала во тоа време, и се заинтересирала за политика. Оттаму, таа мораше да знае дека прогонот на не-Србите од книнска краина и Вуковар беше извршен насилно, додека бегството на во рамките на Блесок и Бура го организираше српското раководство со помош на властите во Белград и неколку странски амбасади. Тоа го признаа водачите на српскиот бунт во Хрватска Миле Мартиќ и Милан Бабиќ на судењето во Хаг.

За разлика од нив, хрватскиот генерал Анте Готовина беше ослободен во Хаг од обвинението за воените злосторства врз српското население и прекумерното гранатирање на Книн за време на ослободителната акција Бура, кои несомнено се случиле. Најеклатантен пример е колежот на српското население во Грубори, кој се случи десетина дена пред операцијата Бура.

Во 2015 година, по неговото пуштање од притворот во Хаг, Готовина од главниот плоштад во Загреб порача дека победата не треба да се величи, туку дека треба да се подаде рака на спротивната страна и дека сите треба да се свртиме кон иднината. Ги повтори зборовите на првиот хрватски претседател, анти-фашистичкиот генерал Фрањо Туѓман, кога се носеше законот за амнестија на бунтовниците кои не извршиле воени злосторства, за да се спроведе мирната реинтеграција на Славонија и Подунавје во уставно-правниот поредок на Хрватска. „Држава која не покажува милост не е држава“, рече тој.

Хрватска во својот Сабор до неодамна имаше претставници од овие побунети подрачја – Радован Гајиќ и Војислав Станимировиќ, а во време на премиерот Иво Санадер го имаше и потпретседателот на Владата Слободан Узелац, но тоа е друга тема.

За разлика од госпоѓа Шимпрага, сегашниот вицепремиер на хрватската Влада Борис Милошевиќ испрати писмо до јавноста во која изрази сочуство до двете спротиставени страни. Неговиот татко беше хрватски војник и учествуваше во операцијата Бура, а баба му беше убиена од пијан хрватски војник кој беше уапсн и ја отслужи казната.

Милошевиќ, како што јавува Вечерњи Лист, ќе се појави во Книн и ќе се поклони пред уставно-правниот поредок на Хрватска, поттикнат од доаѓањето и на пензионираниот генерал Анте Готовина кој таму ќе одржи говор. Многу се очекува од овој настан. Тоа ќе биде важна порака, дека 25 години по Бура еден од водечките претставници на српскиот народ во Хрватска ја доживува Република Хрватска како своја татковина и сака проблемите да се решаваат во Загреб.

Со тој чин ќе се стави точка и на тезата дека Србите не можат да бидат најголемиот хрватски проблем, ако не од мирната реинтеграција на подунавските територии, сигурно не од влезот во НАТО и ЕУ. Тоа ќе ги разочара Вучиќ, Вулин и српските медиуми, кои со тоа губат комуникациска алатка за прикривање на сопствените проблеми во Србија, кои се навистина бројни, и ќе останат без можност за маскирање на сопствената неспособност при водењето на своите политики.

За разлика од генерациите српски политичари пред него, со исклулчок на Узелац, Србите главно сакаа своите проблеми да ги решаваат во Белград, што е бизарно бидејќи Србите во Хрватска историски гледано не се доселеници туку се автохтоно население, доселение од истокот или од југот на Балканот пред повеќе од три века, како војници за одбрана од Османлиското царство, што исто така е тема за друг ден.

Паралелно со тоа, херојот на Татковинската војна и на операцијата Бура, министерот на хрватските бранители (ветераните на ослободителната војна) Томо Медвед ќе се поклони на споменикот на жртвите на реваншистичките напади по акцијата Бура, при што Грубори се водечкото место. Со цел да се покаже дека во иднината проблемите на српското население ќе се решаваат во Загреб, тој ќе ги посети околните српски села кои денес, во 21 век, во земја членка на ЕУ, се уште немаат струја и вода, не се врзани сообраќајно и страдаат од многубројни проблеми.

Нормализирањето на односите и новото ниво на политичкиот живот во Хрватска секако нема да го помрачи фактот дека операцијата Бура беше потребна. Без неа, постоеше опасност режимот на Милошевиќ да ја поврзе Србија, преку Босна и Херцеговина, со побунетите хрватски територии во етнички чиста, про-фашистичка Голема Србија. Освен хрватските територии, при тоа особено ќе настрадаше муслиманската енклава кај Бихаќ, а американските разузнавачи информираа дека постоела опасност од повторување на Сребреница.

Тоа го знае и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој годинава во Книн ќе ги унапреди новите генерали, ќе подели ордени на офицерите, на војниците и воените единици на Хрватскиот совет за одбрана, на хрватските воени сили од територијата на Босна и Херцеговина, без кои операцијата Бура немаше да може да се случи.

Останува на крај да се надеваме дека како општество одбележувањето на следните 25 години ќе го дочекаме со решени стратегиски проблеми, со зачувана територијална целост, со членство во НАТО и во ЕУ, и посветени на решавање на проблемите на сите поединци. Дека ќе се ангажираме на развој на личните слободи, на ефикасен и што послободен пазар, на демографските и енергетските прашања. При развојот на тие стратегии ќе ни бидат потребни сестрани критики на општеството, како од конзервативната и суверенистичка страна, така и од либералите и социјал-демократите. Ќе ни бидат потребни и хрватските Срби, да ги слушнеме нивните проблеми во Загреб, а не да читаме за нив на насловните страници на опскурните српски таблоиди.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.