Васко Шутаров

Денес е Благовештение или Благовец. Ден Благовест. Се празнува уште од време на ранохристијанската црква и традиција. Зачувана е прекрасна беседа од свети Атанасиј Велики, од IV век, во која се вели дека Благовештение е првиот празник во редот на празниците, бидејќи е почеток на домостројот – на планот за спасение на луѓето. Благовештение е ден со кој започнува Божјиот Домострој, за нашето спасение. Несомнено, еден од најубавите пролетни христијански празници.

Денес е и Ден на здравјето. Светски ден за подигнување на свеста за здравјето на луѓето. Светската здравствена организација годинава, 7 април го прогласи за ден за славење на работата на медицинските сестри и акушерки и ден за потсетување на светските лидери за клучната улога што ја игра овој здравствен персонал во негувањето на здравјето. Медицинските сестри и акушерки, како и другите здравствени работници се во првите редови на одговорот против коронавирусот. „Сосем едноставно, без медицинските сестри, нема да има одговор на големиот здравствен предизвик”, стои на официјалната веб страница на СЗО, денес.

Денес и ирскиот премиер Лео Варадкар, повторно го облекува својот бел мантил и се придружува кон надчовечките напори на своите колеги од здравството, во борба со коронавирусот. Др Варадкар денес и утре и до крајот на здравствената криза во својата земја, ќе работи во јавна здравствена служба. И ќе одговара на телефонски повици на пациенти кои се загрижени дали имаат вирус и ќе носи проценки за нивните симптоми и здравствена состојба. Ова се вика, благовест.

Домострој

Благата вест и денот на здравјето, годинава нè наоѓаат во исклучително лоши околности. Пред сè, исклучително тешки за здравјето на луѓето, но и исклучително ризични по здравјето на здравствените работници. Денес кај нас, најмалку една десетина од здравствениот персонал веќе е исфрлен од првите борбени редови против коронавирусот. А и денес благата вест ќе крикнува пред налетот од болните факти за пациентите кои не ја издржале борбата со непознатата болест. Денес желбата да се чуе добра вест, благовест, никогаш не била толку потребна. Животно потребна. И затоа…

Благовест ќе биде, ако денес, освен што длабоко им се поклонуваме на здравствените работници за нивната храбра мисија и самопожртвуваност и освен официјалните поздрави и пораки на поддршка за нивната работа, чуеме дека во дневниот ред од владини ургентни одлуки е одлучено да бидат и материјално стимулирани. За извонредните напори со кои се изложени на фронтот со пандемската закана. Благовест ќе биде ако иста информација стигне како мотивација повеќе и за вонредните напори на припадниците на полициските и армиските припадници, од истиот прв ударен фронт со заразната болест.

Со благовест ќе живееме, ако денес веќе имавме доволно заштитна опрема за сите кои се најчесто и најдиректно изложени на ризикот да бидат заразени од вирусот. Заштитна опрема за сите кои и во овие вонредни околности произведуваат и го крепат стопанството на своите плеќи. Со благовест и домострој, ќе бевме денес ободрени, ако имаше доволно храна, лек и спокој за секого. А, посебно за здравствено и социјално загрозените граѓани. Благовест и домострој ќе живееме, ако уште денес се соочиме со вистината. Дека наместо проактивна, врз сопствените но најмногу врз напредните светски практики во борбата со пандемијата, имаме реактивна а деновиве очигледно збунета и панична реакција на здравствените и политичките власти. Вистината, тоа е другото име на борбата со најтешкиот предизвик за нас и целокупното човештво, во новиот милениум.

За жал, никој денес посебно не се грижи и не го планира нашиот сегашен и иден домострој. Како ќе живееме кога за некое време ќе заврши чудово? Од што ќе живееме? И како во меѓувреме ќе преживееме? Нема ништо поздраво уште денес, да промислиме какви треба да бидеме ние и нашето општество, кога ќе ја надминеме здравствената и економска криза. Ќе ги цениме ли повеќе сите оние нешта од кои секогаш најнапред се одрекувавме. Вложувањата во науката, образованието и воспитанието, во знаењето. Вложувањата во здравството и здравјето на граѓаните. Во грижата за студентите од медицинските науки. Специјализантите. Вложувањата во уметноста и културата. Вложувањата во физичката култура, спортот и здравиот начин на живеење. Сите области редум, од последните точки на дневните редови на државата, до денес.

Распашој

Распашојот за кој најмногу се зборува, тоа е секако одредено непочитување на правилата за однесување во вонредни услови на борба со вирусната пандемија. Секојдневни се соочувањата со тоа несериозно ниво на однесување на дел од нашите сограѓани. Да не се прилагоди нечиј стил на живеење ни најмалку, во овие колективни напори за минимизирање на социјалните контакти, е за секоја осуда. Подеднаква осуда заслужуваат, како редовните собиранки на помладите така и нерационално честите пазарења на повозрасните. Но, другата страна од интерактивниот распашој, ни случајно не треба да биде поштедена од критики. Не постојат вонредни марки за забрана на слобода на мислење и говор, макар тоа било и од самоизолација и во ограничени можности за јавно собирање.

Кога се загрозени животите на граѓаните, оној што ќе ја потцени елементарната логика и математика за опстанок на граѓаните, еден ден скапо ќе ја плати таа лоша пресметка. Можеби обичниот граѓанин од почеток и да биде збунет пред пресериозните синтагми за здравствено-епидемиолошки алгоритми и протоколи, но токму здравата проста математика не му се совпаѓа со официјалната, така внимателно дозирана на лажичка. Редовно, секое попладне. А и севкупната владина математика му вели, дека нешто длабоко не е во ред со системот, кој сега не е само и исклучиво подложен на тестот на здравствените алгоритми.

Да не е така, нема да се случува во деновите пред најголемиот пик на заразата и потенцијално најголемиот пад на економијата, да се истураат милиони во една институција која го дозакопа правниот систем на државата. Да не е така, во денови во кои судбината на денарот виси на конец, да се носи одлука за печатење нови банкноти, со деноминираното државно име? Со афион од Северна? Сега ли? И да се долева уште толку масло на разгорениот оган од страв, вознемиреност и неизвесност за можна деноминација на сопствената валута. Или и тоа е запишано во алгоритмите на распашојот, дека токму стравот и очајот се најсигурна валута за владеење, во време на вонредни државни мерки.

Распашој е кога секој денар треба да се дели најмалку на два, а секој ден да се читаат објави за набавки на цвеќе, пијалоци, засладувачи и што ли сè уште не. Среде ова горчило, на кого ли му е толку ургентно дојдено до цвеќе и засладувачи? Го гледаат ли очите на распашојот, она што го гледаме ние од дома, секојден. Преполни огласи по социјалните мрежи, во кои нема здравствена организација од државата која не бара солидарна помош за маски, капи и калјачи.

Да не беше таков распашојот, немаше деновиве да им проплаче животот на оние наши сограѓани кои од немајкаде преживуваа голготи, дури стасаат до границите на својата држава. Оставени сами на себе. Но, најголемата голгота да ја доживеат токму дома, на пат кон она што се нарекува пристоен државен карантин. Има ли очи распашојот, да ги преброи стотиците работници исфрлени деновиве на клоци од фирмите. На стотици, дневно. Оставени без здравствено осигурување, сега кога можеби ќе им биде најпотребно? Што вели алгоритмот на распашојот, за рашомонијадата во набавката на респиратори? Или за сувата патека до онаа фамозна (посебно за сликање) полска болница, оптегната на отворено среде главниот град, која ќе се доградува, од задутре? За распашојот во градскиот јавен превоз, не би се повторувал.

Грам чувство, грам повеќе сенс за ситуацијава, ви вреди деновиве повеќе од тони вонредни мерки за карантинско дисциплинирање на луѓето. А настрана, ароганцијата (така непоправливо срасната), гневот, бесот, паниката и стравот што самите ги емитирате со секое појавување пред камерите, драги претставници на власта. Па, свесни ли сте дека како и во секој ординарен здравствен проблем, добар, мудар и одмерен збор значи половина здравје? Дајте исконтролирајте се малку! Дали да стравува човек повеќе од реалната опасност од заразата или да стравува од тоа што веќе не можете сопствената паника да ја сокриете. А време е само за најдлабока духовна и нова животна мудрост, преку која ќе го крепиме и индивидуалното и јавното здравје.

Толку силно посакувам, благовест да споделуваме денес. И да празнуваме, во добро здравје. Дури мислите ми одат кон Куманово, а молитвите кон драгите Кумановци. Кон Петар, Тони, Дарка, Соња, Анита, Јован, Блашка, Елена, Жарко, Предраг, Страхил и Зоран, Слаѓан, Милица, Дејан, Александар, кон Максим, но и кон тебе Оливер, мој некогашен собраниски колега. Иако текстот денес или деновиве, нема да го разбереш како порака, за заедничко добро на сите нас! Живи и здрави, еден ден сигурно ќе разбереш, дека и ова ти била уште една добронамерно подадена рака.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.