Нермин Теловска

22 Октомври е назначен за Меѓународен ден на свесноста за пелтечењето во 1998 година, од страна на неколку поголеми меѓународни организации за пелтечење. Овој ден се одбележува преку интернет конференции, медиумска кампања, едукативни активности и ресурси на интернет и освен да ја подигне јавната свест за пелтечењето, има за цел: едукација за ова комплексно нарушување, превенција на пелтечењето кај децата, сознание за достапноста на третманот и промоција на резултатите од научните истражувања во оваа област.

Пелтечењето претставува нарушена вербална комуникација заради несакани прекини на течноста на говорот во форма на повторувања на гласови или слогови, влечење на глас или комплетен блок придружувани со негативни емоции, чести хезитации и избегнувања на говор. Се работи за проблем на организацијата и синхронизацијата на моторната активност на мускулните групи кои учествуваат во говорење. Пелтечењето се јавува кај децата во периодот на рапиден говорно јазичен развој и неговата појава најчесто се поврзува со специфичниот детски развој, генетиката и динамиката на семејството. Под специфичен детски развој, кога се работи за пелтечење, конкретно се мисли на развојот на нервниот систем и постоењето на дисхармонија помеѓу когнитивната зрелост на детето и дел од психомоторичките способности, детето има развиена мисла, тоа точно знае што сака да каже но моторно неможе да постигне. Енигма е варијабилната природа на пелтечењето, па така истото дете еден ден може течно без проблем да зборува а друг ден истите зборови не може да ги изговори. Кај возрасните перзистирањето на пелтечењето се поврзува со анатомските и физиолошки особености на нервниот систем и нивото на неуротрансмитери серотонин и допамин. Цртите на темпераментот се исто така еден од факторите за траење на пелтечењето и начин на неговото доживување или доживување на сопствените говорнички способности.

Што се однесува за преваленцата или раширеноста на пелтечењето, еден процент од светското население или околу 70 милиони возрасни луѓе ширум светот имаат пелтечење. Овој процент во детската возраст е многу поголем.

Точно е дека кај машкиот пол е по застапено отколку кај женскиот и тоа во сооднос од 4:1, така е и во светот и кај нас во нашите истражувања. Се работи за специфичности на мозочните структури кои се одговорни за аудитивното процесирање како и за фината моторна координација на мускулите кои учествуваат во говорење. Интересни се истражувањата кои покажаа дека во најраната детска возраст веднаш по појавата на пелтечењето таа разлика не е толку голема туку е во сооднос 2:1 и 1.6:1, од ова може да се заклучи дека полот е силен фактор за појава, тежина на пелтечењето и траењето или потребното време за да се надмине проблемот што е многу пократко кај девојчињата. Пелтечењето може да се јави постепено и тогаш не е веднаш приметливо, но може да се јави и нагло или наеднаш по некој инцидент, кога детето било исплашено од куче, од силно грмење, или во ситуации на селидба, нов член на семејството и слично. Истражувањата покажуваат поврзаност на наглата појава на пелтечењето и тежината на истото. Тоа што е важно да го знаат родителите е дека тие инциденти или настани не се причина за пелтечењето туку само поттикнувачи на манифестацијата на симптомите на пелтечењето.

Пелтечењето е значајно за човекот бидејќи тоа интерферира со сатисфакцијата од комуникацијата, понатаму, со релациите, бидејќи комуникацијата игра главна улога во формирањето и квалитетот на релациите со роднините, пријателите и другите луѓе. Пелтечењето интерферира и со други аспекти од животот на говорникот, како вреднувањето на себе и самопочитта, самодовербата, чувството за животна енергија или ентузијазам, физичкото и духовното здравје. Видот на третманот зависи од возраста на лицето со пелтечење, времето поминато од почеток до јавување на логопедски преглед, формата и тежината на пелтечењето.

Без разлика која метода и кои техники ќе се користат (модификација на пелтечење, когнитивно бихејвиорална терапија, апарати со аудитивна дилеј програма, техники за релаксација и други), основни точки на кои е потребно да се дејствува се комуникациските способности, менаџирање на говорниот процес или формирање течен говор и когнитивниот и емоционален дел на личноста. Важно е кај лицето кое пелтечи да се спречат компликации на мисловен и емотивен план и да се совладаат техники кои ќе му помогнат да зборува на еден порелаксиран начин без тензија. Лицата со пелтечење се успешни во сите сфери од животот исто колку и тие кои немаат пелтечење ако ја имаат соодветната поддршка од страна на семејството, училиштето, факултетот и од работната средина.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.