Синиша Ивановски

Се поактуелни се темите за анализи за падот или растот на градежништвото во Република Македонија. Оценката за падот на градежништвото приметувам дека најчесто се дава базирано на информацијата за издадени одобренија за градба. Ако во еден месец оваа година се издаделе повеќе одобренија за градба од претходниот месец годинава веднаш имаме фалби како градежништвото бележи раст, па ако на тоа се совпадне дека истиот тој месец има поголем број на издадени одобренија за градба компаративно со истиот месец од претходната или претходните години тогаш веќе читам насекаде за вртоглав раст на градежништво, ќе си помислам дека сум во некоја голема светска метропола.

Реланоста е различна. Да се темелат исказите за тоа дали секторот градежништво бележи пад или подем врз основа на бројките на одобренија за градба кои се издадени е погрешно. Вкупниот број на одобренија за градба кои ги издава секоја општина одделно е само бројка. Тоа е показател за тоа што и колку се случува во општината и во државата но не и прецизен показател.

Перцепцијата за одобрение за градба е дека одобрение за градба се дава најчесто за градење на станбени или деловни објекти. Одобрение за градба се дава и на физички и на правни лица. И кога некое физичко лице гради свој дом, куќа од 100м2 а и кога некоја компанија е инвеститор во станбен објект од неколку илјади метри квадратни се издава одобрение за градба. Дали и двете одобренија за градба имаат ист импакт врз економијата и врз градежништвото ? Се разбира дека не. Вкупната сума на платени комуналии и вредност на градба на куќата споредбено со некој станбен или деловен е објект може да е во сооднос над 1:100. Затоа не секогаш 2 е поголемо од 1.

Претходно споменатите се одобренијата за градба од кои локалната самоуправа инкасира средства. Исто така одобренија за градба имаме и кога единицата на локална самоуправа или државата се јавува како инвеститор, на пример при изградба на булевари, улици, тротоари, канализации итн. Тогаш средствата од буџетот одат кон бизнис секторот, и тогаш се помага на секторот градежништво. Но нормално е прво да се полни општинската каса па потоа да се инвестира во обнова на општината или градот.

Големиот пад на капиталните инвестиции во последниве години негативно влијае на градежништвото и економијата воопшто. Многу сериозно внимание но и загриженост треба да ни биде падот на капиталните инвестиции а во исто време и падот на издадените градежни дозволи (и по број и по вредност на градбите). Тоа ни се случи во 2018та година а за жал на добар пат сме да ни се случи и во тековната 2019та. Владата ветува дека секоја наредна година ќе е година на економијата но бројките покажуваат дека ветувањата не се реализираат.

Пред се не разбирам како градоначалниците планираат да ги развиваат своите општини без носење на развојни ДУП-ови, без изнајдување на начини како да се одржува ликвидна општинската каса. Апсолутно сум против градењето без долгорочно планирање, народски кажано: каде ќе се стигне, силно сум против градење врз зелена површина, или каде соседите се гледаат од спротива на растојание од неколку метри, но исто така верувам дека во добар дел од општините може да се најде решение каде може да се урбанизира и истото да е од бенефит и за граѓаните и општините.

Податоците и бројките за некои општини се поразителни. Како за Пример ќе го наведам Прилеп. Според државниот завод за статистика општина Прилеп во 2018та година во сферата на високоградбата има издадено одoбренија за градба само за 3 станбени единици. Тоа се скоро нула финансии за општината. Со ваков прилив на општинската каса ние не можеме во Прилеп да очекуваме нови инфраструктурни инвестиции, не може да очекуваме нови улици и паркови во Прилеп, нови фекални и атмосферски канализации, нови тротоари, улично осветлување. Не може да очекуваме изградба на нови детски игралишта и ефективен транспорт на ученици.

Ќе се фокусирам со анализата нешто повеќе во Скопје. Да ги земеме за пример најурбаните општини во Македонија, Центар и Карпош.

Во првите 6 месеци од 2019та година општина Карпош има издадено одобрение за изградба или реконструкција на само 2 станбени единици со вкупно 271м2. И од овие 271 м2 касата на општината не инкасарила средства ни за една улица да реконструира а да не говорам за одржување и развој на целата општина. Општина Центар во првите 6 месеци од 2019та издала одобрение за градба на само 71 станбена единица што е премалку за општина која треба да е лик на главниот град и државата.

Не велам дека општините немаат и други извори на финансирање, но стабилна општина треба да наоѓа начини за да ја одржува општинската каса во добра ликвидност. Општините добија силна финансиска помош од владата на РМ но видлив ефект од тоа не видовме. Но видовме градоначалник на општина како купува ново луксузно возило од 70 000 евра, иако општината инфраструктурно е во ужасна состојба и со тие средства можеше да реконструира училиште или некоја улица.

Уште еден многу загрижувачки факт за Скопје се општините Чаир, Шуто Оризари и Сарај.

Овие три општини за период од 6.5 години од (2013 до 2019, 1 јули) имаат поразителни бројки на издадени одобренија за градба. Општина Сарај за овој период издала 34 одобренија за градба. Шуто Оризари 46 а Чаир 53. Да нагласам дека ова се одобренија за градба за период од седум и пол години и истите се однесуваат и за градба на улици, и атмосферски и фекални канализации, куќи и згради. Значи Општина Сарај во просек давала по 5,2 одобренија за градба годишно, Шуто Оризари околу 7 и Чаир 8,1 одобренија за градба годишно.

Она што е лесно да се увиди е дека во овие општини и самата општинска администрација но и државата во целост замижале пред градењето на дивоградби. Кој може некого да го убеди дека во овие 3 скопски општини за 78 месеци се издадани само 133 одобренија за градба и дека нема нелегални градби. Кој и да помине по главната улица која поминува во општина Сарај ќе примети многу нови градби, или целосно нови или од пред неколку години, истото може да се примети и во општина Шуто Оризари, забележителни се нови куќи и со неколку спратови висина. Во општина Чаир имаме драстична промена на објектите на бул. Никола Карев, попозната како Пластичарска улица.

За жал не може да се направи пресметката колкави финансиски средства по основ на комуналии изгубиле општините и градот Скопје но сигурно се големи, и исто така треба да сме свесни дека со тие средства би се изградиле нови улици, тротоари, паркови, велосипедски патеки, канализации, улични осветлувања итн. Притоа штетата е уште поголема, овие општини скоро воопшто не придонесуваат кон приливи за својот и за градскиот буџет а од друга страна градот инвестира во истите, наместо со инфраструктурни инвестиции да врати на општините кои ревносно придонесуваат за благосостојба на градската каса.

Да заклучам: градежниот сектор е во слободен пад, капиталните инвестиции се намалени, начинот на кој се менаџират општините не даваат видни резултати и доколку овој тренд продолжи не можеме да зборуваме за инфраструктурно современа Македонија.

Нешто мора да се промени. Или главните актери од кои зависи секторот градежништво да го променат својот пасивен однос и да се посветат на работење и развој на општините, градот и државата или да се сменат актерите со нови и подобри.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.