Васко Шутаров

Додека целата македонска јавност деновиве беше целосно ставена во ослушкување на дипломатските игри околу блокирањето на преговарачката рамка со ЕУ, повеќе тивко и дискретно отколку со прослави и помпезни и парадни свечености се одбележа крајот на Првата светска војна. Во склад со површноста и во духот на налудничавоста кои го обележуваат актуелниов миг, главна светска вест стана првото појавување во јавноста на англиската кралица со маска на лицето. Кратка церемонија со полагање свежо цвеќе на стогодишнината од споменот за непознатиот јунак во Вестминистерската палата. Примирјето постигнато на 11 ноември 1918 година цели две години е договарано и преточено во серија од мировни договори познати како Париски или Версајски мировен договор. За прв пат во дипломатската историја, на инсистирање на американскиот претседател Вудро Вилсон, дипломатските преговори се водени јавно, во присуство на медиумите, а со тоа и на целокупната светска јавност.

Инспириран од американскиот устав, Вилсон се залагал за отворена надворешна политика и дипломатија и во американскиот Конгрес ги прокламирал познатите 14 точки, принципи според кои ќе се раководи светот после Првата светска војна. Првиот и најважен принцип бил, засекогаш да се напушти тајната дипломатија и договорањето на меѓународни спогодувања зад грбот на демократската јавност.

Скоро истовремено, руските бољшевици по освојувањето на власта со Октомвриската револуција, ги обелоденуваат тајните царски архиви на империјалната руска дипломатија, па така руска

„Известија“ јавно го објавува Тајниот лондонски договор од април 1915 година, со кој се обелоденува дека Русија не влегла во Првата светска војна за да се стави на страна на сестринската словенска Србија, туку да се договори со Англија и Франција за поделба на германските колонии, за поделба на Турција и разграбување на Австроунгарската монархија.

Во меѓувреме, низ цел еден век подоцна, станува сосема јасно дека дипломатијата, и покрај своите нови форми на дејствување познати како мека моќ во надворешната политика, преку методите на јавната, културната и дигиталната дипломатија со кои го прошири својот опфат и цели на дејствување, го демократизира своето привилегирано право на одлучување во најтесен круг на повластени одлучувачи, но не ги напушти до крај наследените привилегии да се носат одлуки и понатаму под превезот на тајни кулоарски игри, зад спуштени завеси и во бели ракавици.

Кога на тајните им растат крилја

Природата на информациите во меѓувреме е комплетно изменета-информацијата во своите нови дигитални форми стана флуидна, многу пофлуидна отколку информацијата запишана на хартија и подоцна заклучена зад седум брави во челични сефови. После „Викиликс“ посебно, барем на дипломатите и разузнавачко-безбедносните кругови треба да им е јасно, дека на сите тајни им пораснаа крилја. Тајноста веќе одамна не е апсолутна, туку само статистичка појава. И прашање е само на ден, кога на белите дипломатски ракавици ќе им се оцртаат јавно дамките од кроењето истории и човекови судбини во четири очи, со чаша шампањ, канапеи со кавијар или шатобријан за двајца. Или со замастени траги од„ќебапчетаи шопска за четирима“, покрај македонско-бугарскиот нон пејпер обелоденет неодамнаод австрискиот новинар Кристијан Фердинанд?

Моќта, како што би кажал Мишел Фуко, е тотална и капиларна, таа е загадочна работа, воедно и видлива и невидлива, присутна и скриена, насекаде вплетена. И улогата на интелектуалецот денес не е повеќе „да се намести малку понапред и малку понастрана”, за да ја изговори неизговорената вистина на сите, туку неговата улога е повеќе изразена во борбата против сите форми на моќ, таму каде токму тој е воедно и објект и инструмент на таа моќ, во еден поредок на знаење, вистина, свест и дискурс. Што ќе рече, не е толку важно дали дипломатијата денес е потполно јавна, како што тогашните најмоќни светски лидери посакуваа пред еден век, туку дали таа е во служба единствено на највисоките национални и државни интереси или во служба и на приватни интереси на моќници кои во моментов имаат контрола над неа. Затоа  демократската контрола и надзор над дипломатијата претставува највисок демократски принцип и приоритет во државите со развиени демократски институции и култура.

Ќе прозвучи како дигресија, ако токму во овој контекст се проговори за актуелната македонска дипломатија, затоа што отстапува од сите овие врвни принципи на модерните дипломатии и создава постојан сомнеж за сопственото дејствување. И претставува сона што не е ни практика ни тренд во модерната дипломатија. Да, македонската дипломатија говори јавно тогаш кога нема што конкретно да каже и молчи и бега од јавност тогаш кога вистински има што да се каже. Како поинаку да се разбере упорното бегање на првите луѓе на македонската надворешна политика од дебата во највисокиот народен претставнички дом, како што ѓавол бега од крст.

Паметам многу добро, како поранешен пратеник и во два мандати член на Комисијата за надворешни работи, како десетици амбасадори пред заминување на своја мисија во странство, на отворени седници за јавност ги бранеа пред пратениците своите завршни тези и платформата за работа. Амбасадори на враќање од своите мисии, на исто така отворени седници како даваа отчет за својата работа. Во македонското Собрание и пред тоа и со години потоа отворено се дебатирало за бројни важни и сензибилни надворешно-политички теми. Впрочем и по устав и по закон и според собранискиот деловник, собранието е место каде се дебатира и утврдува надворешната политика на државата.

Но, попусто, наши вистински пријатели од држави со долга парламентарна традиција, силни години наназад, вложуваа во капацитетите на македонското Собрание за демократска парламентарна контрола, преку форми на јавни и надзорни расправи. На толку обучувани пратеници и собраниска администрација, веќе стекната парламетарна институционална меморија, да се нема ни трошка сенс, ни зрнце одговорностни трага од демократски капацитет задолжително да се присуствува на комисиска и јавна расправа за актуелната состојба за нашиот блокиран пат во преговарачката рамка со ЕУ. Тоа е должност, на секој оној кој изминатиов период беше директно или индиректно инволвиран во преговарачкиот процес. Во држави со демократска институционална меморија, тоа претставува највисока должност, појавување и давање отчет за секоја дипломатска постапка која довела до овој момент, на уште едно чекирано чекање пред вратите на Европската Унија.

Македонскиот дипломатски дубиоза колектив

И доста со тоа неполезно изигрување жртви или глумење генерали по штотуку изгубена дипломатска битка. Оваа шлаканица, за која некој така безумно си ги намести и двата образа, наивно верувајќи дека „со Љубави, само љубов ќе паѓа“, мене ми личи на она, што во едно поранешно  време, се нарекуваше„Ге-Ге политика”. Или политика на група граѓани. И во времето од доцниот социјализам и низ сиве овие години на транзиција и граѓаните и интелектуалната и академската јавност со потценување и пренебрегнување се однесуваа кон сите форми на Ге-Ге здружувања. И кога стопанските гиганти свечено пропаѓаа, трансферирајќи го општествениот капитал во Ге-Ге фирмички на свои блиски и кога големите земјоделско-индустриски гиганти „вртеа стоки и услуги”преку мали Ге-Ге задруги, и кога се пропуштаа сите прилики како самостојна држава да дефинираме трајна стратегија за националните и државни интереси и приоритети, врз траен и неприкосновен консензус на сите нејзини политички чинители. Впрочем, слушаме, читаме и разбираме и деновиве како својата држава ја доживува нејзиниот прв министер за надворешни работи, како гледа кон собраниската важност во надзорната улога над надворешната политика нејзиниот прв претседател. И ги разбираме така јасно сите„Ге Ге импровизации”во најважните и најсудбоносни години од осамостојувањето на државата до денес.

И оди стасај ги денес. Сиве овие битни „Ге Ге политичари”, така брутално своеволни, себедоволни, самобендисани, отуѓени од секаква демократска и парламентарна, а со тоа и на секаква нормална граѓанска контрола, кои се однесуваат како да им е државната политика оставена во трајно семејно наследство, а државата како земјоделски посед, кој можат да го крчмат и раскрчмуваатисто така како семеен наследен посед. Затоа што ги одмолчавме сите нивни политики во кои личниот интерес им беше поважен од државниот и националниот интерес. Како што и денес сме замолчани над отворениот длабок анатомски рез врз кој јавно се врши вивисекција над с она што го чини нашиот бит и нашиот modus vivendi како држава,во актуелниов меѓународен контекст.

Од Ге-Ге политичари и Ге-Ге дипломатија, што да се очекува повеќе? Но, ако ги оставиме вака, со нивните „Ге-шест” финти единствено што можеме да очекуваме е да нѐ сместатпосигурно во групата од „Ге-Шест” балкански држави, надвор од вистинската и реална европска рамка. Или најмногу во мини-Шенген рамка, за која мора исто така да дадат отчет на отворена и јавна собраниска дебата. Ако ги оставиме вака, ќе ги раздробат и остатоците од освестената граѓанска акцијана ситно, најситно можно атомизирани групи граѓани? Ако ги оставиме вака, ќе ја погазат и комлетно понижат интелигенцијата која требаше и денес да биде напред и секако понастрана од поразителните и понижувачки актуелни политики, но безусловно фронтално поставена кон ваквата отуѓена политичка моќ. Ако ги оставиме така, допрва ќе се срамуваме и допрва ќе се каеме, што воошто сме дозволиле ваква „Ге-Ге политика” да владее со нас.

Доста беше! Од тајни преговори и јавно испуштени атавистички духови од едни тешки и конфликтни времиња од времиња уште пред Првата светска војна. И до тука нека биде…

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.