Ламбе Арнаудов

“Каде се нашите списанија
Каде се нашите учители
Све е све, прав и пепел станало од грчка фанарјотска злоба
Станете вие браќа Македонци
Од сите македонски градови
И да викнеме сите со глас голем
Бегајте, фанарјоти не ве сакаме.“

Ова е само дел од химната на отпорот испеана од охриѓани во 19-ти век, во времето сосема исто како и сега, времето и тогашно и сегашно, време на разнебитување на сé што е македонско. Сé е исто, ист е непријателот, иста е сцената, иста е содржината, исти се актерите, ист режисерот, ист е театарот, дури иста е и публиката.

После тој жесток отпор против погрчувањето, хронолошки е утврдено дека од 1757 христијански семејства кои тогаш живееле во Охрид, фанарјоти останале само 4 семејства.

Ве повикувам драги мои сограѓани од сите македонски градови, недела на 21 април истото да им го кажеме на фанарјотите: Бегајте фанарјоти не ве сакаме. Храбро, достоинствено, исправено, гордо во лице и да им порачаме:

Заевисти, Пендаровисти, преспанофили и фанарјоти, готови сте. Готови сте затоа што, злобата ви е поголема од духот, омразата помила од љубовта, одмаздата послатка од простувањето. Готови сте, затоа што сето тоа зло немилосрдно го истуривте врз сопствениот народ не криејќи ја злобата и омразата, та најбрутално му се одмаздивте.

Сега, нема народ, немате кому да се одмаздувате. Редот дојде на вас.

Злобата, омразата и одмаздата се вечни сопатници на стопанот кој ги поседува, но се и непослушни слуги, не знаат да запрат па сега вас ќе ве јадат и изедат.

Измамници, со лага ни го сменивте името вековно, нé оставивте без јазик, идентитет, историја и најстрашното без народ.

Подло и најдолно го излажавте народот. Да ве потсетам, фанарјоти, многу постарите од вас ви се дедовци и баби, постарите ви се татко и мајка, вашите врсници браќа и сестри, помладите од вас се ваши синови и ќерки, најмладите ви се внуци и внуки, сé на ред рода од прво колено. Има ли поголем доказ од ова дека сте направиле класичен идентитетски инцест врз своите најблиски, својот народ.

Слушам, еден фанарјот дека тоа морало да биде така, наводно Македонија била болна па било потребно убиство од милост, евтаназија. Е, неранимајко еден, уништување на цел еден народ не е евтаназија, тоа се вика геноцид и за такво дело се одговара со многу години робија.

Зборувате дека сте направиле добро. Сите ви се смеат и со вас се подбиваат. Дури и менторите кои ве натераа на ова зад грб ви се потсмеваат. Со вас се потсмеваат заради ова и кучињата скитници по градовите и селата.

Кој си бе ти да ми го откорнеш јазикот? Инквизаторот папата Гргур ?! И што правам јас? Лајам, гракам, рикам, цвичам, мјаукам или читам, пишувам, зборувам, пеам на милозвучен мајчин јазик, македонски?

Или можеби се замислуваш конквистадорот шпански Кортес па ќе уништиш комплетно една древна цивилизација и нејзината историја.

Запри, освести се, продолжиш ли вака ќе се изедначиш со најстрашните и најпогубни непријатели на македонскиот идентитет и народ – грчките и српските ројалисти, ултра десничарски националисти.

Ги премолчуваш навредите тешки и неразбирливи, полни со гнев кон македонскиот народ. Примабалерината кажува дека Македонија била примитивна држава, а македонскиот народ глупав, но не се доискажа дали и таа е македонка.

Насекаде вашите гласила полни се со навреди кон безмалку сите народни трибуни и дејци, па сега и Гоце Делчев не е поштеден.

Таткото на градот 100те илјади учесници на митингот на ВМРО ДПМНЕ, чесни и патриотски определени луѓе ги нарече ѓубре.

Се потсмевате со симболот на опстанокот – пирејот на Петре М. Андреески. Се однесувал на состојбите од пред 150 години. Точно е. Вие, фанарјотите нé вративте пред 150 години, на почетокот на нашата борба. Ви порачувам македонскиот народ е многу жилав и истраен и е еден од ретките кој успешно повеќепати ја возобновувал својата држава поразувајќи ги непријателите и домашните предавници.

Прва труба ви е човекот кој секој ден повикува на ликвидации на луѓе.

Срамот и осудата оди на вас.

Тој поседува уредна потврда од најреномираната психијатриска установа во Скопје дека е нетокму. Ама до толку не е будала. Знае дека ако го тужете ќе ви докажи пред судот дека е непресметлив.

Двоецот, едниот премиер, другиот претендент за претседател, својот народ го сметаат за овци. Само ве молам усогласете се дали ќе нé јадете печени или живи. Малу народ сме за да ги задоволиме апетитите и на канибалите и на месојадите.

На сите ни е јасно дека вие поинаку не ни можете. Површински се разликувате ама одвнатре сте исти со вашите идеолошки дедовци и татковци.

Не можете без додавки, придавки и разни вештачки, канцерогени адитиви што ја уништуваат оригиналноста.

На почетокот бевте демократски федералисти и бевте демократи колку Сталин и Тито со своите изуми: логори и гулази. Станавте федералисти и суверенитетот го пренесовте на вештачката творба од држава. Се прекрстивте со тоа што го прифативте предлогот на Слободан Милошевиќ во социјалисти и идеолошкото го поставивте пред националното. Станавте БЈРМ за да не ја прекинете папочната врска со Југославија, но и да направите неред и хаос во однос на државноста, идентитетот и името за во иднина лесно да се исползува за донесување на финален документ за нашето исчезнување. Тоа конечно го направивте со придавката Северна и сé исушивте и уништивте што е македонско.

И гледај глупост, вие расформистите што и ја расформиравте, растуривте татковината барате од нас да се реформираме.

За среќа, а на ваша жалост нашиот народ е формиран и тоа како треба. На два референдуми кажа дека нé сака ништо друго освен Суверена, Независна, Самостојна и Демократска Република МАКЕДОНИЈА. На референдум одлучува народ, а не на вашите тајни, брзи и од простум наметнати решенија против својот народ и држава кои се од витално значење за нивниот опстанок. И секогаш по истиот испробан рецепт откога ќе ги фрлите патриотите во темни и црни зандани и казамати како што сте правеле порано така правите и сега со младите патриоти уставобранители, за да можете потоа непречено да ајдукувате, да го обесчестите и да го пљачкосувате сопствениот народ. Само еден натпревар има однапред познат исход затоа никогаш не се става на кладилница. Народот секогаш ја победува власта. И бидете убедени дека и сега ќе биде така.

Уште повеќе сум сигурен во резултатот затоа што има многу сериозни индиции дека сето ова на Македонија и го правите за пари. Па, фанарјоти ако ви се благи парите одете во слаткарница а не да се занимавате со ваква сериозна работа како што е политиката што ја одредува иднината на народот и државата.

Преспанофили и фанарјоти точно во ваш препознатлив стил фанарјотски без аргументи често знаете да ги оцрните чесните луѓе патриоти споредувајќи ги со личности од литературните дела и сместувајќи ги во настани што не кореспондираат со денешнината.

Ево нешто што е точно за вас, а го сретнав во романот “Снеговите на Килиманџаро“. Килиманџаро е највисок врв во Африка со 6007 метри надморска висина и е окован во вечен снег.

Чудно што таму со години се наоѓа замрзнат тигар. Што барал таму тигарот е лајт мотив на содржината на делото. Одговорот никој не го знае, и е оставено на читателот сам да го пронајде.

Сепак можеби одговорот е токму оној што го кажува сопственикот на неугледната боемска биртија, кој вели: „Можеби се качил на погрешен воз“.

Заевисти, Пендаровисти, преспанофили и фанарјоти качени сте на погрешен воз. Што грев има направено тигарот што се нашол таму и замрзнал, не знам. Ама, сигурно знам кој е, колкав е гревот за што вие ќе замрзнете.

ВМРОВЦИ мои мили, никогаш немој да ја преиспитувате вашата совест во поглед на припадноста и идеолошка посветеност. Во овој судбоносен, историски момент за Македонија и македонскиот народ да си ВМРОВЕЦ е највисок дострел што обичниот човек може да го достигне. Качете се на вистинскиот супер експресен брз воз што го влече ВМРО ДПМНЕ и е управуван од лидерот Христијан Мицкоски и сигурно ве води во светла иднина за вас и вашите деца.

Нема да погрешите ако и вие сите слободоумни луѓе, симпатизери и неопределени граѓани на Македонија, ни се придружите.

Тука сме ние сите заедно и секој знае дека тоа е само заради Македонија. Нашиот пат е постојано по угорнина, тешко е совладлив, ама само така се стигнува до врвот. А тој, врвот, секогаш е резервиран за твојот народ и за твојата татковина – суверена, независна, самостојна, демократска, слободна Република МАКЕДОНИЈА.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.