Васко Шутаров

Потемнет дијамантски јубилеј на Обединетите нации

Денес, ако некој брачен пар, макар и од некој далечен непознат свет, прославеше 75 години брачен живот, тоа ќе беше планетарна медиумска вест на денот. Големи наслови за големиот дијамантски брачен јубилеј би ги урамило долговечните сопружници во траен спомен, иако не сите народи имаат своја традиција на прославување бронзени, сребрени, златни, дијамантски и платинести брачни годишнини. Како беше она, првата годишнина од бракот се нарекува памучна, втората – хартиена, третата – кожена (еластична, но флексибилна како кожа), петгодишнината е дрвена (како дрвена куќа, доволна стабилна и пријатна, само ако премногу не се разгори огнот во неа), десетгодишнината од заедничкото живеење значи розова свадба, кристална и порцеланска се 15, односно 20 години заеднички живот, па доаѓаат јубилејните годишнини во знакот на поскапоцените метали -сребрената, бисерната, златната, платинестата и 75-годишнината како круна –како дијамантска свадба. Преку оваа симболика, се унифицираат стандарди кои стануваат повод за прославување на добри и големи јубилеи, секаде во светот, па веќе и кај нас.

Денес не верувам дека ќе осамне некој поголем наслов во светските и домашните медиуми дека свој дијамантски јубилеј прославуваатОбединетите нации. Меѓународната заедница, преку својата Повелбаусвоена на денешен ден пред 75 години,  денес требаше да го одбележува  својот дијамантски јубилеј. Повелбата на Обединетите нации ги постави темелите на еден нов свет, една своевидна брачна заедница на сите народи.Меѓународна заедница создадена врз урнатините на најразорната светска војна што непосредно ѝпретходеше, и која беше и непосреден мотив да се создаде концептот за мирен соживот отелотворен во Обединети нации. 75 години потоа, првите 50 потписници и основачи на тогашната Организација на обединети нации, веројатно би биле разочарани од потемнетиот сјај на дијамантот кој први почнале да го облагородуваат и брусат, дефинирајќи ги меѓународните односи и комплексното меѓународно право, кои денес токму на овој дијамантски јубилеј требаше да сјаат со стотина нови брилијантни фасети. Меѓу тие 50 држави основачи на ОН е и нашата држава, преку ратификуваниот потпис на тогашната заедничка југословенска федерација.

Во име на еден нов свет кој ќе живее во мир и безбедност, врз пријателски односи меѓу нациите засновани врз принципот на почитување на еднакви права и самоопределување на народите, со меѓународна соработка при решавање на меѓународните проблеми од економски, социјален, културен и хуманитарен карактер и промовирање и охрабрување на почитувањето на човековите права и основни слободи за сите, без оглед на раса, пол, јазик или религија, е изграден целиот повоен свет. Преку овие универзални и трајни вредности од Повелбата усвоена на денешен ден, преку Универзалната декларација за човековите права донесена 1948 година, преку разгранетиот систем од организации и тела под капа на Обединетите нации, денес светот ги живее своите први 75 години во историјата, без голема светска војна.

Во клубот за собирање, разговарање и забавување

Без фанфари, без километарска колона од луксузни лимузини, со празни столчиња, без роденденска торта, скромно и совршено стерилно помина овогодинешнава септемвриска сесија на Генералното собрание на Обединетите нации. Пред 75 години, американскиот претседател Хари Труман, наследникот на Рузвелт, (Френклин Делано Рузвелт прв јавно се заложил за создавање Организација на обединети нации, подоцна само ОН) ќе каже: „Вие би требало да бидете архитектите на еден подобар свет! Во вашите раце лежи нашата иднина!”. Денес тие идеали се преиспитуваат и соочуваат со исклучително сериозни предизвици. А од архитектурата на мирот, величествено денес изгледа само архитектонскиот изглед на седиштето на ОН во Заливот на желките во Њујорк, проектиран од големите архитекти на 20 век, Оскар Нимајер и Ле Корбизје. Обединетите нации, за среќа, доживуваат долговечност на желките, но експедитивноста со која се справуваат со современите глобални предизвици е исто така, желкина.„Иднината не им припаѓа на глобалистите, туку на патриотите! Денес, мудрите лидери благосостојбата на сопствените држави и сопствениот народ ја ставаат на прво место”, ќе каже на минатогодишното обраќање од говорницата на Генералната асамблеја, американскиот претседател Доналд Трамп. И уште ќе додаде, дека Обединетите нации се претворија „во клуб, во кој луѓето се собираат, разговараат и уживаат”.

Во меѓувреме, најголемата светска сила и иницијатор на оваа најголема светска организација САД, ги напушти сите понатамошни разговори за климатските промени, не го прифати Глобалниот пакт за миграции на ОН, излезе од структурите на УНЕСКО, како и од Советот на ОН за човекови права, ги намали своите финансиски придонеси за мировните операции на ОН, а во годината на светска пандемија, ја окарактеризираа Светската здравствена организација, како тотално неспособна.

Вториот Генерален секретар на ОН, Даг Хамаршелд, постхумно добитник и на Нобелова награда, запишал дека „ОН не се создадени за да го одведат светот на небо, туку да го спасат од пекол”. И има дел од вистината за големата рамка на светот и меѓународната заедница, во сите овие изминати заеднички 75 години, за спас од амбисите на воените пеколи, но далеку од идеалите за световен мир под капава небеска. Светот во меѓувреме, неброени пати се спаси од многу војни, но мирот и безбедноста останаа скапоцена мисла, надеж и апстракција за многу народи во светот. Јазот помеѓу сиромашните и богатите е уште подлабок, милиони деца и возрасни и денес ги живеат своите животи, поминати повеќе во години на глад, отколку во денови на ситост. Секој девети жител на планетата, или преку 850 милиони луѓе живеат во хронична глад, наспроти милиони кои ја направија „ОН Диетата” на Меган Телпнер да биде денеспланетарно попозната и попрепознатлива од вистинските актуелни предизвици со кои актуелно се соочуваат Обединетите нации.

Мировните операции и превентивната дипломатија на ОН кои носат резултати и заслужуваат признанија(само во периодот од 1989 до 1994 година се одобрени 20 мировни мисии, а бројот на мировните сили под капа на ОН, зголемен е за седум пати), но и сè почесто потемнети со јавно обелоденети сексуални испади на хуманитарци и сини шлемовина ОН, држави во кои сериозно се повредуваат човековите права, а подоцна дури и претседавале со Советот за човекови права, сенката од повлекувањето на сините мировнишлемови во Руанда 1994 година и геноцидот врз Тутсите што непосредно после тоа се случи или Сребреница што се случи во годината во која што требаше да се одбележи златниот 50-годишен јубилеј од основањето на ОН, 1995 година, создаваат бројниконтроверзи во светското јавно мислење и фрлаат и ден денешен темни петна врз сјајот од дијамантскиот јубилеј, што требаше денес и светот и ние во Македонија, да го славиме.

Дијамант само со дијамант се бруси

Обединетите нации денес се приказна од која би било луксуз светот да се откаже. Бројни кризи кои секојдневно избувнуваат во нашиот глобализиран свет, многу тешко би се управувале без воспоставените регулаторни механизми на 156-те организации, органи и тела под капа на ОН. Светот денес секако дека не е истиот од пред формирањето на оваа меѓународна организација. Обединетите нациинесомнено сите овие изминати 75 години го менуваа светот, бројни колонијално зависни земји стекнаа своја независност, милиони и милиони луѓе за прв пат ги почувствуваа благодетите на своите основни човекови слободи и права. Но, има ли потенцијал и самата како организација да се реформира и менува, тоа е веќе подолго време приоритетно прашање од дневниот ред на сите светски држави и влади. Создадена во еден крајно конфликтен меѓународен контекст во 1945 година, ОН се заложници на инструменти како што е ветото на петте постојани членки на Советот за безбедност, САД, Велика Британија, Русија, Кина и Франција од една страна и постојаниот притисок на новите гиганти на меѓународната сцена, не само поразените Германија, Јапонија и Италија во Втората светска војна, туку пред сè едни Индија и Бразил, чии улоги и значење на меѓународната сцена се повеќекратно зголемени, од друга страна.И секако заложници на еден од најсилно бирократизираните сложени апарати во светот, во кој администрацијата повеќе се занимава сама со себе и своите привилегии, отколку со сопственото реформирање и менување на светот во склад со промените што му се случуваат. Во клубот за разговарање и забавување, што би рекол Доналд Трамп.

Една неодамнешна анкета спроведенана 1 милион испитаници покажала дека високи 87 % од нив сметаат дека меѓународната соработка е сè уште исклучително животно важна, посебно за проблеми подеднакво важни за сите граѓанини на планетава, како што се климатските промени или светската пандемија со коронавирусот.

Германија, како непостојана членка на Советот за безбедност од јули годинава и претседава со него, што се поклопува и со германското претседавање со ЕУ, од јули до крајот на годинава. И сето тоа во пресрет на американските претседателски избори и силниот есенски пандемски бран од коронавирусот. Песочниот часовник за суштински и интервентни промени и реформи и во едната, најголемата светска и во другата, најголемата европска организација, забрзано истекува. Ќе успее ли администрацијата на Ангела Меркел, несомнено најмоќниот европски политичар последнава деценија, пред своето политичко пензионирање, овој двоен предизвик квалитативнои реформски да го придвижи и во светот и во Европа, барем за неколку чекори напред, ќе видиме во неколкуте преостанати месеци до крајот на годината. Месеци, во кои и ние како држава тивко сме преслушувани, дали сме подготвени цврсто да го одбраниме своето неприкосновено право од Преамбулата на Повелбата за самоопределување на народите. Поточно, остатокот од своите неприкосновени права гарантирани со овој највисок меѓународен правен акт. Броиме помалку од 75 дена до крајот на годината, во 75-та годишнината од големата Повелба на Народите, за да му додадеме малку сјај на избледнатото дијамантско сјаење или да го потемнеме уште толку. Дијамант само со дијамант се бруси, тоа барем од технологијата на обработка на овој скапоцен камен го научивме.

Последново, како потсетник до Владата, ако веќе пропуштила некои важни лекции од функционирањето на Обединетите нации и меѓународното право досега, да ја потсетиме, како?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.