Васко Шутаров

(стравот, таа ѓаволски исплатлива работа)

Во романот „Слепило” на португалскиот нобеловец Жозе Сарамаго, еден човек ненадејно ослепува. Набргу потоа и лекарот што го прегледува. И крадецот што му ја краде колата ослепува.

„Белото слепило” што преку ноќ се шири ги принудува властите да преземат драконски мерки против непознатата инфекција. Најдраконската мерка е сите оние што имале контакт со него и се инфицирале, да бидат затворени и изолирани на периферијата од градот, во поранешна болница за душевни болести. Воена полиција преплашена дека секој близок контакт со инфицираните и нив ќе ги ослепи, пука по секој оној што ќе се обиде да избега од логорот-лудница.

Во последните редови од романот епидемијата на чудесен начин стивнува, онака како што и се појавила, оставајќи ги сите во бунило од мноштво прашања, меѓу кои и најважното – зошто ослепивме? Не верувам дека сме ослепени, верувам дека сме слепи – слепи кои гледаат, слепи кои гледајќи не догледуваат, ќе напише нобеловецот Сарамаго.

Парадигмата за епидемијата и слепилото од романов, годинава ја живееме како реалност. Како поминуваат месециве во соживот со коронавирусот, прашањата и исчудувањата се зголемуваат, а вистинските одговори нè одминуваат. Некои од нас со подолго паметење и со приличен стаж во справување со семожни стравови, ќе се сетат и на подзаборавени стравови со кои систематски бевме задојувани едно време. Стравови од „комунистичка наезда од Исток”, па „капиталистички јарем од Запад”, па од војни, посебно атомски војни од сите можни страни, „атомски од лево и атомски од десно”, во некои наши тогашни реални или имагинарни светови со атомски засолништа. Па, стравовите запечатени во генетскиот код од нашите претци, од глад, сиромаштија, болести, разделби и преселби. Реалните стравови од природни непогоди, со кои барем еднаш сме се соочиле во животите, поплави, земјотреси и пожари, до поновите стравови поврзани со новите болести на модерново доба, терористички напади, мигрантски бранови или климатски промени. Па стравовите за губење на тешко освоените слободи и права, освојувањето на среќата, егзистенцијалните стравови и стравовите поврзани со опстанокот на семејството, поблиското социјално окружување, државата. Стравовите од насилства и убиства. Во стравот од актуелниов вирусен терор наречен коронавирус се синтетизирани сите наши претходни стравови.

Застраши, па владеј

Цела низа стравови во еден мал историски пресек од само неколку децении. Животи креирани во стравовладеење. И животи исполнети во совладување на стравови. Со стравоодолевање и стравосовладување. Најголем дел од нив, надминати лесно како песна. Најмногу, со учење и разбирање на политиката. На техниките и методите на владеење. Од памтивек до денешни дни, политиката кокетира и инструментализира техники и методи за тероризирање на луѓето со страв. Денес веќе никој не ги спомнува стравовите од лани, за мигрантите кои ја брануваа цела светска, а посебно европската јавност. Или стравовите кои повеќе од деценија нè држеа во константен страв од можни терористички напади. Стравовите од птичји или свински грип се мачкина кашлица во споредба со стравот од новиот вирус. Но, затоа, од врвот на топ вестите не се симнува теророт од новиот вирус кој ги покори сите доскорешни стравови. И тоа сите актуелни власти во светот, го осознаа многу брзо и се престроија уште побрзо, да го инструментализираат и стават во своја функција. Стравовладеењето парализира совршено. Бескрајното трпеливо молчење на мнозинството граѓани, доброволното предавање на сите можни ограничувања на слободите во една сива зона на дозволен и контролиран конфор, во еден сив пејзаж на ограничени движења и контакти, опкружување обележано со сиромаштво од дух, идеи, безнадежност и мртвило низ кои повремено засветлува нешто што треба да личи на живот. Сето тоа се само манифестации на едно стравовладеење што ја одбележа годинава. Доброволно го прифативме слепилото, за да ги зачуваме барем сетилата за мирис и вкус, нашите најсигурни индикатори дали го имаме или не стекнато вирусот. За овакви фантазмагории во некои подобри времиња се доделуваа Нобелови награди.

Демистификацијата и рационализацијата на последниот, можеби затоа и најмоќен страв во нашите животи, полесно ќе оди со декодирање на методите и техниките за стравовладеење, кои сите светски влади до една, ги употребија на еден, друг или трет начин. Не постои влада која не заигра на картата на стравот предизвикан од пандемскиот вирус. Секоја според своите проценки за примена на потврди или помеки форми на терор врз своите граѓани. Сите премолчано држејќи се до една прастара политичка аксиома, толку податлива кога стравот сам се нуди како предизвик за политички искушенија кои во нормални времиња би биле жестоко осудени. Поранешниот шеф на кабинетот на американскиот претседател Барак Обама, Рам Емануел, оставил писмена трага за тоа. „Никогаш не смееш да дозволиш која било сериозна криза да остане неискористена како прилика да го направиш она што пред тоа не си смеел да го направиш”. Од ова златно правило на стравовладеење, дури и во име на некои повисоки вредности и цели како што е јавното здравје, не се откажа ниедна влада.

Култура на стравот

Дел од стравовите, како на пример, за комунистичката наезда или капиталистичкиот јарем, беа продуцирани во едни времиња кога државите и политиките беа водени од јасна идеологија и одредени позитивни вредности и цели кои беше пожелно да се достигнат. Денес, кога идеологиите се во длабок процеп на изумирање, наместо повикување на одредени позитивни цели, политичките елити креираат негативни визии кои би требало да ги избегнуваме и од кои треба да се плашиме. Стравот и повикувањето на опасности и ризици е сеприсутен и го обзема севкупното општествено ткиво, од медиумите до политиката. Некој педантно пресметал, дека во последниве две децении, синтагмата „во опасност” дваесет пати го зголемила присуството во медиумите и тие вести биле во врвот на читаност, гледаност или слушаност. Постојаното геометриско прогресирање на продуцирањето вести за страв, насилства и терор, самото митологизирање на стравот, создава непрестана потреба и глад за него. Создава една чудна зависност. Обединети во страв, култивирани да се потхрануваат со страв, луѓето стануваат лесно податливи за владеење. Полесно е некој да излажеш, отколку да го убедиш дека е излажан, ќе напише американскиот книжевен великан Марк Твен. Затоа стравот политичките елити просто го негуваат и култивираат. Најлесно се лаже и манипулира со преплашен човек. Креирањето нови стравови и опасности, стануваат ѓаволски исплатлива работа. Во совршенството на стравовладеење, светот дојде и до онаа точка, во која психолошката реакција на стравот изразена преку двете досегашни нормални човечки реакции: „бори се или бегај”, доби нова епохална димензија: „биди мирен и биди изолиран!”

Пандемијата-пауза за демократијата

Неодамна, во држави со подолга и поголема традиција на права и слободи и држави со подолга демократска институционална меморија, се случија масовни протести против, како што велат, новата тура санитарна диктатура. Во една подолготрајна „пауза за демократијата”, безумието од контрадикторности, збунувачките парадокси што ја следат пандемијата, несомнено ќе предизвикуваат и во иднина помасовни отпори. И проценката за модификацијата на тој отпор ќе го моделира стравовладеењето во иднина. Лесното посегнување по драстични методи на цврст терор во управувањето со здравствената криза ќе биде комбинирано со владеење на т.н. soft fist (мека тупаница). Стравовладејачите милуваат да кажат, „мек вегетаријански терор”. Хуманизирана диктатура, со редовни дози прелевања огромни финансиски средства, но за крајните корисници, сепак, на мала лажичка. Како секој лек, нели? Пандемијата несомнено стана обединител, космополитиски егализатор на еден нов универзален предизвик, кој, од друга страна, продуцира уште подлабоки поделби и длабоки јазови во државите, но и помеѓу нив самите. Новата реалност значи и нова рамнотежа помеѓу космополитизмот на изолираните индивидуи и нивниот отпор кон солидарноста или премолчаното разбирање на владите и државите во спроведувањето на новово стравовладеење?

Танцуваме и си спинуваме

А, како танцуваме ние со новиве форми и содржини на стравовладеење? На прв поглед невешто, наивно и невино. Просто срамежливо. Како што ПР-мајсторите го искреираа ликот на првиот човек на ресорот здравство. Во пракса, потврдено статистички низ сите можни показатели, во едно од најкатастрофалните справувања со пандемијата во европски и светски размери. Но, за танцување со стравовладеењето, со инстинкт на вистински предатори, држиме сепак, респектабилен такт и ритам. Внимателно ослушкува власта, до каде може да тренира повторно страв, ред и дисциплина, па по првите предупредувања за можни рестрикции и карантин за месециве пред нас, по експлозијата од неодобрување на социјалните мрежи веднаш ретерира и спомнува, дека ако баш биде принудена, ќе спроведува рестриктивна принуда, но само во одредени региони. Деновиве разбираме дека власта си чува уште еден „кец во ракав”, спомнувајќи прилично невешто за одредени статии во некои меѓународни списанија кои сметаат дека ПМ честичките (по кои патем сме неславни рекордери во светот), можат да бидат преносители на вирусот. Ние нема да ве затвориме повторно во карантин, но вие сами ќе се натерате да го направите тоа, откако ќе нè убедат и вас и нас, дека само тоа е спас од скорешното загадување што доаѓа со првите студени месеци.

А сè ќе беше поинаку, ако наместо по лесното посегање по култивирањето на стравот и наместо со инструментите за стравовладеење, со алатките на политичката култура што ќе го вклучи и гласот на различномислечките, со едукативни и културолошки акции и полно ангажирање на креативните и културни индустрии, граѓанските организации, да почнат да се совладуваат трпеливо и темелно поделбите кои оваа вирусна пандемија уште толку ги потенцира. Со издржана и добро осмислена културолошко-едукативна акција, прилагодена кон различните културни контексти во државата. Прилагодена на јазикот и културата на живеење во различностите од културен и верски аспект. Со трпелив, убедлив, аргументиран и културен дијалог, во кој би биле вклучени и оние кои веруваат во вирусот, но и големото мноштво кое го игнорира неговото постоење. Ова е длабок културолошки проблем, кој наместо со овој полесен и неспорно полезен пат за решавање, власта го одбира оној другиот, за неа покорисен. Владеење на културата на страв. Во покорувањето на стравот, се раѓа мудроста, велеше Бертранд Расел. Ќе нè стаса ли таа мудрост, зимава или макар пролетва пред нас? Овојпат нашите животи испишуваат повеќе од обичен роман.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.